1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бехтел и Енка“ ќе градат автопати за 1,3 милијарди евра

ДТЗ
8 март 2023

Владата најавува силна градежна офанзива, изградба на модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа. Но, уште на самиот старт на овој амбициозен проект, има многу сомнеж, обвинувања за скандали и спорни тендери.

Влада РСМ „Бехтел и Енка“ Автопат
Потпишување на договорот меѓу Владата на РСМ и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Силна градежна офанзива, изградба на модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа најавува Владата по потпишувањето на договорот за изградба на Коридорите 9 и 10-д со стратешкиот партнер, конзорциум „Бехтел и Енка“. За пет години се очекуваат да се видат и првите ефекти од проектот, со кој се опфатени четири автопатски делници. Планот е дотогаш да заврши изградбата на Коридорот 8 кој ќе се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, а ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан. На Коридорот 10- д ќе се гради автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, кој ќе го поврзе Прилеп со Битола. Но, уште на самиот старт на овој амбициозен проект, автопатите се асфалтирани со многу сомнеж,  обвинувања за скандали и спорни тендери. Новинарите на прес-конференција по потпишувањето на договорот инсистираа на одговори од сите засегнати страни за повеќе спорни моменти околу целата постапка. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека непотребно се создава хистерија. Но, кои се спорните точки од договорот за јавноста? 

Спорни моменти 

Ова е голем и историски ден - порачаа претставниците на Владата, коишто го потпишаа договорот со генералниот директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон. 

„Овој историски проект значи реализација на една голема стратешка определба. Стартуваме со реализација на еден од најважните и најголемите инфраструктурни проекти во земјата“, порача премиерот Димитар Ковачевски на потпишувањето на договорот во Свечената сала на Владата. Тој оцени дека ова е историски инфраструктурен проект, од кој бенефит ќе имаат граѓаните, но и целокупната економија. 

„Македонија ќе добие современи автопати, со што ќе стане важна регионална рута“, вели премиерот. Вредноста на овој крупен капитален проект изнесува 1,3 милијарди евра, а вкупната должина на делниците опфатени со овие коридори е речиси 110 километри. 

Ако во изминатите децении во земјата биле изградени 186 километри патишта, со овој договор за пет години ќе бидат изградени 110 километри. „Разликата е голема“, вели Ковачевски. 

„Ова е најголем инфраструктурен проект во историјата на нашата земја“, порача и вицепремиерот Артан Груби. Ако во изминатите триесетина година се граделе по 5,5 километри по година, со овој проект ќе се градат од 22 до 25 километри за една година, вели тој.

Автопатот Демир Капија-СмоквицаФотографија: Regierung von Mazedonien

„Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти, а особено на сложени, тврди генерален директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон.  Вети дека преземаат  одговорност да обезбедат највисок стандард за спроведување на овој проект. 

Две години преговори 

Договорот беше потпишан по двегодишни преговори. Владата во вторникот (7.03) го одобри договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а надзор да врши конзорциумот „ИРД инженеринг“. Иако Владата утврдила дека се исполнети сите претпоставки за да се склучи договорот, во јавноста изминативе денови расте притисокот, откако медиумите и опозицијата изразија сомнежи во врска со кредибилитетот на фирмите што се консултанти и треба да вршат надзор на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Од четири фирми - три се спорни според медиумите. 

Во фокусот на истражувањето коешто го објави „Призма“ се најдоа фирмите коишто треба да го вршат надзорот на работите. Станува збор за конзорциумот „ИРД инженеринг“  и уште три фирми. Меѓу нив се шпанската „Ептиса“ и две домашни фирми „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“. Еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ е македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој во Ерменија работел за фирмата „Ептиса“. истражувањето покажало дека тој сега е под истрага на ерменското обвинителство за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.

„Ептиса“ ги демантираше таквите наводи, тврдејќи дека станува збор за „невистинитите, неточните и навредливите информации“. Тие го демантираа и ерменското обвинителство нагласувајќи дека Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција.

Потпишување на договорот меѓу Владата на РСМ и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Премиерот Димитар Ковачевски на 3 март, одговарајќи на новинарски прашања порача дека ако некој се сомнева во однос на интегритетот, вработените, подизведувачите или на кој било од учесниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д, тоа може да го пријави до Јавното обвинителство. Истиот став денеска го повтори и вицепремиерот Артан Груби. Тој вели да не се ставаат неосновано етикети на фирмите и сите што имаат некакви сомнежи да ги достават до Јавното обвинителство. Според него, сите постапки околу изборот на фирмите биле јавни и транспарентни. 

Црна дамка

Обвинувања на сметка на фирмите коишто се во игра за изградба на автопатите, пристигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го повика повикува Јавното обвинителство да отвори предмет за тендерот со кој е избрана фирмата за надзор. Од партијата обвинија за местење на тендерот.

„Жалам што сакаат да стават дамка на еден ваков огромен проект“, вели вицепремиерот Артан Груби. Според него, реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на земјата ќе придонесе за економијата, модернизација на патната инфраструктура, што во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, но и поквалитетен живот, врски со соседите и меѓународните коридори.

Медиумите објавија и дека Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над еден милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година, а на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии било известено дека Владата донела одлука за укинување на оваа одлука, со што институциите заедно со општините можат да доделуваат тендери со вредност над еден милиони евра на фирмата „Ептиса“.

Но, според првиот вицепремиер Артан Груби, ништо не е потпишано со „Ептиса“, туку е потпишано со „ИРД“, а Ептиса била „слипинг партнер“ во конзорциумот. „Ептиса лани има сменето сопственост целосно и не е таа „Ептиса“ од 2020 година“, вели Груби, којшто смета дека не треба да се фрла дамка врз еден најголем инфраструктурен проект во земјата и врз кредибилитетот на некоја огромна компанија.

„За оваа „Ептиса“ немало забрана од Владата“, дециден е Груби.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми