1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Бајден го јакне источното крило на НАТО

Бернд Ригерт
23 февруари 2023

Заедно со девет источни членки на НАТО, американскиот претседател опстојува на обврските за колективна одбрана на нападната членка на сојузот. Нема конкретни ветувања за зголемување на бројот на војници.

Б9 НАТО Варшава
Самит на Б9 - девет членки на НАТО од источното крило во ВаршаваФотографија: MANDEL NGAN/AFP

На самитот со шефови на држави и влади на девет источни членки на Северноатлантската алијанса во Варшава,американскиот претседател Џозеф Бајден ја повтори суштината на својата порака од патувањето во Полска и Украина: „Обврската на САД кон НАТО е апсолутно недвосмислена. Тоа често го зборувам и ќе го повторам – членот пет е света должност на која САД се обврзаа. Ќе ја брание секоја педа на територијата на НАТО.“

Членот пет од Договорот зачленство во Северноатлантската алијанса одредува заемна помош во случај на напад. „Рускиот напад врз Украина влијаеше на безбедносната ситуација во цел свет“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, додавајќи дека една година по руската агресија, се бараат начини да ѝ се помогне што подобро на Украина,сѐ додека е тоа неопходно.

Зад затворени врати веројатно се разговарало и за испорака на борбени авиони Ф-15 или артилерија со долг домет. Но, конкретни одлуки не беа објавени. Пред хотелот во кој беше сместен американскиот претседател, проукраински демонстранти извикуваа барања: „Дајте им Ф-15 на Украинците!“. 

Во Киев ваквото барање американскиот претседател го чу од устата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Украински политичари и експерти тврдат, и по говорот на  Бајден во Варшава, дека без тоа оружје не може да се победи во војната.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој учествуваше на самитот во Варшава, рече дека Западот мора да ја прошири својата поддршка на Украина.Една година по инвазијата, Путин не се подготвува за мир, напротив, тој спрема повеќе војна.“ Столтенберг додаде дека затоа на Украина мора да ѝ се даде она што ѝ е потребно за да победи. 

Б9 ги застапува интерсите на источното крило

По нападот на Русија врз Украина и анексијата на Крим во 2014. година, на иницијатива на Романија и Полска, се формираше група од девет држави – Група девет (Букурешт 9).Во неа се бившите советски републики Естонија, Литванија и Летонија, како и бившите членки на Варшавскиот пакт – Полска, Словачка, Чешка, Унгарија, Романија и Бугарија. Освен Чешка и Бугарија, сите тие земји граничат со Белорусија, Украина или Русија.

Тие се чувствуваатзагрозени од руската агресија и имаат намера за потесна соработка во одбраната на источното крило на западната воена алијанса, со поддршка на останатите членки на НАТО.

Источното крило на НАТО (темно сино и светло сино - сојузнички трупи, само светло сино - сопствени трупи)

Осум борбени групи на исток

По нападот на Русија врз цела Украина ланската година, НАТО формираше четири нови борбени групи во Словачка, Унгарија, Бугарија и Романија. Тие веќе постоеја во балтичките земји и во Полска, формирани се во 2017. година поради нападите на проруски групи во источна Украина.

Мултинациналните единици, со војници од повеќе држави на НАТО, имаат по околу илјада луѓе, што е сила на еден баталјон. Борбената способност или моќта за одвраќање на овие трупи не е посебно голема. Тие повеќе ја симболизираат обврската на државите од западната воена алијанса за заеднички да ги бранат сојузничките територии во случај да бидат нападнати од Русија или Белорусија.

Освен тоа, НАТО организира надзор над воздушниот простор на источната граница: 30 сојузнички авиони постојано патролираат на небото, во случај на опасност, тие можат да пресретнат противнички авиони.

НАТО донесе одлука  да ја зајакне противракетната заштита на своето источно крило. Воените експерти во Брисел велат дека моменталната одбрана е некомплетна. Потребни се дополнителни системи како што е Патриот. Освен тоа, НАТО премести додатен број воени бродови во Црно Море, заради заштита на бреговите на Романија и Бугарија.

Не станува збор само за Полска

Полскиот претседател Анджеј Дуда оцени дека средбата на девет држави од источното крило со американскиот претседател и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е „екстремно симболична и важна за сите нас, за целиот регион.“ Дуда потсети дека Бајден не ја посети само Полска.

„Самитот Б9 се посматра како средба со вкупната источна фаланга. Полска тука дејствува како прва меѓу еднаквите, но не и како лидер на групата“, вели политикологот Марек Мадеј од Варшавскиот универзитет. Полска е најголема земја во групата и има изразито национално ориентирана влада.

Американскиот претседател Џо Бајден и полскиот претседател Анджеј Дуда во ВаршаваФотографија: EVELYN HOCKSTEIN/REUTERS

Повеќе американски војници во Европа?

Американски војници има најмногу во Полска – таму се стационирани 10.000 луѓе. Но, тоа не е постојана, туку ротирачка постава, која се менува на неколку месеци. САД се на чело на борбената група во Полска, таму се постојано стационирани околу 3.500 војници. Подготвителен главен штаб би можел во случај на потреба да обезбеди брзо преместување на поголеми борбени единици на исток.

„Полска размислува, а тоа го предлагаат и други членки на Алијансата, во секоја членка на НАТО на исток да се стационираат додатни трупи кои би имале сила на бригада“, вели Михаил Барановски од американската фондација Германски Маршалов фонд. Вашингтон, уште на самитот во Мадрид летото 2022. година, покажа спремност, во случај на потреба, да испраќа дополнителни трупи. За тоа ќе се решава на следниот самит на лидерите на Алијансата во јули годинава во Вилнус.

Покрај раководни задачи во борбената група во Полска, американските трупи  се присутни во помал број во вкупно седум од осум борбени групи. Американците во Европа имаат 100.000 војници. Најголемите контингенти се во Германија, Велика Британија, Италија и Шпанија. Во кризните периоди на Студената војна ги имаше четирипати повеќе.

Унгарија се издвојува

Унгарија не го усогласи чекорот со останатите. Најмалата борбена група на НАТО во Унгарија нема американски војници. Унгарскиот премиер Виктор Орбан се колебаше при формирањето на борбената група, во земјата пушти само војници од Хрватска.

Унгарската влада е единствена меѓу членките на НАТО која одржува релативно одбри односи со режимот на Владимир Путин, а Унгарија добива евтин гас од Русија. Руски фирми во Унгарија градат една нуклеарна електрана.

Минатата недела екстремниот националист Виктор Орбан во обраќањето до нацијата изјави дека неговата земја нема да ѝ испорача оружје на Украина и не се чувствува загрозена од Русија. „Мораме да се држиме на страна“, рече Орбан и додаде дека Унгарија не смее да дозволи да ја вовлечат во војна. Унгарскиот премиер изјави дека во Европа, Унгарија и Ватикан се единствени кои имаат таков став, за што е виновна Германија, која зазела конфронтациски курс и со себе ги повлекла останатите членки на Европската унија.

Од дипломатски извори се дознава дека унгарскиот премиер деновиве уште еднаш ќе се обиде да го блокира новиот пакет санкции на ЕУ против рускиот агресор. Освен тоа, Унгарија, покрај Турција, е единствена членка на НАТО која уште го нема ратификувано пристапувањето на Шведска и Финска кон Алијансата. Порталот „Политико“ го нарече Орбан „Путинов саботер“ во Европа.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми