1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден или Трамп? Германците не сакаат ниту еден од нив

Сабине Кинкарц
5 јули 2024

Дали демократијата во САД, Франција и Германија е во опасност? Да, повеќето Германци мислат така. Тие се посебно загрижени во поглед на германско-француските односи, се незадоволни од својата влада.

Џозеф Бајден и Доналд Трамп
Првиот ТВ дуел во САД меѓу претседателските кандидати Џозеф Бајден и Доналд ТрампФотографија: Gerald Herbert/AP/picture alliance

Првиот ТВ дуел во САД меѓу претседателските кандидати Џозеф Бајден и Доналд Трамп, како и парламентарните избори во Франција  и Велика Британија,  не само што ги доминираат меѓународните наслови, туку ги окупираат и Германците. Многу граѓани се загрижени, покажува редовното истражување на јавното мислење Дојчландтренд на јавниот сервис АРД.

Ниту Бајден ниту Трамп

Дури 67 отсто од Германците веруваат дека иднината на демократијата во САД е во опасност.  Претседателот Бајден ужива поголеми симпатии во Германија од неговиот противкандидат, поранешниот претседател Трамп. Сепак, само 28 отсто од анкетираните веруваат дека  Бајден е подобар кандидат,  додека девет отсто  го велат истото за Трамп.

Мнозинството или 59 отсто од германските граѓани сметаат дека ниту еден кандидат не е убедлив. Сепак, постојат големи разлики кога се гледаат поддржувачите на одредени партии: од Германците кои гласаат за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), 40 отсто велат дека Трамп би бил подобар кандидат. Бајден, пак, доби најголема поддршка од приврзаниците на Партијата на зелените, 45 отсто.

Што може да очекува Германија од Ле Пен?

По првиот круг на гласањето  за Националното собрание во Франција, повеќето германски граѓани се загрижени за развојот на демократијата и во оваа соседна земја. Според мислењето на 61 процент од германските граѓани, влада предводена од  десничарската националистичка партија на Марин Ле Пен  би била штетна за германско-француските односи.

Што може да очекува Германија од Марин Ле Пен - многу Германци се загрижениФотографија: Yves Herman/REUTERS

Деветнаесет отсто сметаат дека ништо не би се сменило, пет отсто сметаат дека тоа би било добро за односите меѓу двете земји. И овде одговорите се разликуваат во зависност од партиската припадност.

Во Германија нема „летна бајка“.

Јули е всушност опуштен месец во Германија, расположението е обично добро: започнуваат училишните одмори и сезоната на одмори, политиката прави летен одмор. Годинава во земјава се одржува и Европското фудбалско првенство за мажи. Ги враќа спомените од 2006 година, кога Германија како домаќин на Светското првенство доживеа „летна бајка“ полна со леснотија и радост.

Но, 2024 година не е 2006 година. Германската репрезентација стигна до осминафиналето и, според истражувањето, повеќе од половина од Германците веруваат дека нивниот тим ќе стигне барем до полуфиналето. Сепак, со оглед на глобалните кризи и политички неизвесната иднина, многу луѓе не можат да бидат безгрижни ова лето. Дури 69 отсто од испитаниците се загрижени за иднината на демократијата во Германија.

Сè уште огромно незадоволство од сојузната влада

79 проценти од  Германците се разочарани  од  работата на владејачката коалиција  составена од СПД, Зелените и ФДП. Само 19 проценти им даваат добра оценка. Тоа се одразува на политичкото расположение. Класичното прашање од анкетата на Дојчландтренд е: За кого би гласале доколку во недела има избори за Бундестагот? Трите владејачки партии одамна се далеку од мнозинството и тешко дека заедно би добиле поголема поддршка отколку опозициската ЦДУ/ЦСУ.

Социјалдемократите би добиле 14 отсто (-1), Зелените 13 отсто (-1), а ФДП 5 отсто (+1) од гласовите. Тоа се вкупно 32 проценти за партиите кои се на власт. Демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ, во моментов најголемата опозициска сила, би добиле 31 отсто (+/-0) од гласовите.

 

Алтернативата за Германија може да смета на 17 отсто (-1), Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) би добила 8 отсто (+3) од гласовите. Левица во моментов може да смета со 3 проценти (+/-0) од гласовите, што значи дека повеќе нема да биде застапена во парламентот.

Чувството на несигурност значително се зголеми

Според пролетната полициска статистика за криминал, бројот на злосторства во Германија минатата година достигна највисоко ниво од 2016 година. Во исто време, зголемено е и субјективното чувство на несигурност кај граѓаните: 40 отсто од нив сигнализираат дека не се чувствуваат безбедно на јавен простор, додека овој удел пред седум години беше 23 проценти. Додека во 2017 година, три четвртини од германските граѓани изјавија дека се чувствуваат многу безбедно или безбедно на јавни места, на улиците или во транспортните средства, тој број моментално е нешто повеќе од половина.

Германците најмногу се плашат од кражби и вербални напади во јавноста. Поретко се наведува страв од физичко насилство, сексуално вознемирување или терористички напад.

На прашањето која партија најдобро може да ја обезбеди внатрешната безбедност, најголем број од испитаниците ги именувале конзервативните демохристијански партии.

Речиси четири од десет испитаници сметаат дека партиите ЦДУ/ЦСУ се најкомпетентни кога станува збор за борбата против криминалот. Шеснаесет отсто веруваат дека тоа е АфД, а единаесет отсто - СПД. На сојузните избори во 2021 година, Социјалдемократите имаа доверба од двојно повеќе граѓани во оваа област.

За истражувањето АРД Дојчландтренд, анкетарите од институтот Инфратест-димап од 1 до 3 јули анкетирале репрезентативен примерок од 1.294 Германци со право на глас.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми