1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

„Никој не е над законот “- Бајден го критикува Врховниот суд

2 јули 2024

„Опасен преседан“ – американскиот претседател Бајден ја критикува одлуката на Врховниот суд за имунитет на поранешните претседатели. Судењето на Трамп за обид за изборна измама најверојатно дополнително ќе се одложи.

 Американскиот претседател Џо Бајден
„Опасен преседан“ – американскиот претседател Џо Бајден ја критикува одлуката на Врховниот суд за имунитет на поранешните претседателиФотографија: Chris Urso/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден остро ја критикуваше одлуката на Врховниот суд дека поранешни претседатели имаат имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција, додека немаат имунитет за дела извршени надвор од функцијата.

Од перспектива на практиката, одлуката речиси сигурно значи „дека не постојат граници за тоа што може да направи еден претседател“, рече Бајден во говорот во Белата куќа синоќа. „Ова е фундаментално нов принцип и е опасен преседан.“ Никој не е над законот, па дури ни претседателот на САД, рече Бајден. Тој самиот, истакна дека ќе продолжи да ги почитува границите на моќта на шефот на американската држава, како што тоа го правел досега. „Но, секој претседател, вклучително и Доналд Трамп, сега ќе има слобода да го игнорира законот“, додаде тој.

Судската одлука значи дека ќе биде многу неверојатно Трамп да биде изведен пред суд пред изборите на 5 ноември, поради неговата улога во обидот да се поништи резултатот од изборите во 2020 година, рече Бајден. Сепак, јавноста има право да добие одговор пред претседателските избори. „Ова им прави лоша услуга на луѓето во оваа земја“, оцени Бајден.

Врховниот суд му потврди делумен имунитет на Трамп

Врховниот суд претходно пресуди дека поранешните претседатели уживаат апсолутен имунитет од кривично гонење за службени дејствија за време на нивниот престој во Белата куќа. Сепак, Трамп може да биде повикан на одговорност за приватни дејствија „Претседателот не ужива имунитет за неговите неофицијални дејствија, и не е официјално сè што прави претседателот. Претседателот не е над законот", се вели во одлуката.На овој начин е нејасно кои делови од обвинението против Трамп во Вашингтон сè уште важат. Врховниот суд не го разјасни ова прашање.

 

Пониската судска инстанца мора да одлучи за обвиненијата против Трамп

Судиите ја префрлија одлуката за тоа како оваа пресуда конкретно треба да се примени во случајот Трамп назад до пониската судска инстанца. Таа треба да оцени за кои дејствија се однесува имунитетот на Трамп. Ова веројатно ќе биде долг процес. Одлуката на Врховниот суд пред сè му дава драгоцено време на Трамп за неговата изборна кампања - судењето против Трамп веројатно нема да започне пред изборите во ноември.

Доналд Трамп - одлуката на Врховниот суд му оди во користФотографија: Chris Szagola/AP/picture alliance

Доколку Трамп победи на изборите, тој би можел по почетокот на неговиот нов мандат да назначи министер за правда кој би влијаел за запирање на постапката. Покрај тоа, Трамп теоретски би можел да се обиде да се помилува себеси. Одлуката на Врховниот суд дојде со шест гласа против три на судиите. Мнозинството судии, кои се сметаат за крајно конзервативни, начелно се согласија со одлуката. Тројцата судии, кои важат за либерални, не се согласија.

Трамп сакаше да ги поништи изборните резултати

Трамп, кој најверојатно ќе ги застапува Републиканците  на претседателските избори во ноември, е обвинет во главниот град на САД за обид за изборна измама. Поддржувачите на Трамп упаднаа во зградата на парламентот во Вашингтон на 6 јануари 2021 година. Пред упадот во Капитол, Трамп се обиде на различни нивоа да го поништи резултатот од претседателските избори во 2020 година и да го смени неговиот пораз во тоа време од  демократот Бајден.  Против Трамп се води и процес во американската држава Џорџија за обид за изборна манипулација. Во Флорида пак станува збор за земање  тајни државни документи. Трамп и неговите адвокати сакаа да издејствуваат  отфрлање на обвиненијата  во Вашингтон.

Тие притоа се повикаа на  имунитетот на Трамп  како тогашен носител на претседателската функција. Тие аргументираа дека Трамп не може законски  да биде кривично гонет  за дејствија кои биле дел од неговите должности како претседател. Ваквата аргументација не успеа пред Апелациониот суд во главниот град на САД. Судијата одговорен во случајот претходно го отфрли овој аргумент. Адвокатите на Трамп поднесоа жалба, поради што случајот заврши во Врховниот суд.

Огромно значење за идните претседатели

Врховниот суд, кој за време на мандатот на Трамп скршна доста надесно поради неколкуте нови назначувања на судии, сега зазеде став за тоа колкава е моќта на американските претседатели и каде лежат границите на владеењето на правото. Уставот не им дава експлицитно имунитет на претседателите, дури и додека се на функција. Сепак, Министерството за правда традиционално смета дека претседателите не можат да бидат обвинети, барем додека се наоѓаат на власт во Белата куќа. Пресудата за правниот однос за поранешните претседатели ќе има огромно значење и за идните претседатели и веќе може да се смета за историска.

На рочиштето пред Врховниот суд на крајот на април, судиите околу три часа ги слушаа аргументите на адвокатот на Трамп и спротивната страна. „Овој случај има огромни импликации за претседателството, за иднината на претседателството, за иднината на земјата“, рече конзервативниот судија Брет Кавано. Преку одделни прашања на некои судии се наѕираше дека иако не поддржуваат целосен имунитет, сметаат дека одредени дејствија треба да се заштитат од кривично гонење.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми