1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден: Меѓународна средба за Украина во Германија

ЖА
26 септември 2024

Американскиот претседател, кој денеска го прима украинскиот колега Зеленски во Белата куќа, најави меѓународна конференција за Украина што ќе се одржи во октомври во Германија.

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо БајденФотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Американскиот претседател Џо Бајден најави одржување состанок на високо ниво за Украина, кој ќе се одржи во Германија во октомври. На состанокот на Контакт групата предводена од САД за поддршка на Украина, Бајден сака да ги координира напорите на повеќе од 50 земји кои го поддржаа Киев во неговата одбранбена борба против Русија, соопшти Белата куќа.

Бајден патува во Германија во средината на октомври. Се очекува Бајден во Берлин да се сретне со канцеларот Олаф Шолц и со сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а потоа да ја посети американската воздухопловна база Рамштајн.

Иако Белата куќа не соопшти детали за локацијата на средбата за Украина, се смета дека таа ќе биде одржана во базата Рамштајн. Форматот се нарекува и Рамштајн-група и по правило е раководен од американскиот министер за одбрана Лојд Остин. САД и Германија се најголемите испорачувачи на оружје за Украина.

Една од главните теми на посетата на Бајден ќе биде поддршката на Украина. Ова е прва билатерална посета на Бајден на Германија во неговиот четиригодишен мандат и прва посета на американски претседател во Берлин откако во ноември 2016 година тогашниот претседател Барак Обама на својата проштална турнеја се сретна со тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.

Бајден денеска во Белата куќа ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој треба да ги претстави деталите за неговиот  „план за победа“. Бајден пред средбата најави нова поддршка за Украина во висина од повеќе од седум милијарди евра. Во пакетот се содржани и дополнителни системи за воздушна одбрана Патриот,  ракети со долг дострел  и дронови.

Зеленски се заблагодари за помошта:  „Оваа поддршка ќе ја користиме на што е можно поефикасен и потранспарентен начин“, напиша тој на платформата Телеграм, споменувајќи ја поддршката и на Републиканците и на Демократите.

Украина веќе две и пол години се брани против руската инвазија,  а Зеленски при посетата на САД се ангажира за добивање поголема поддршка на својата земја. Киев со недели инсистира на  дозвола за користење на оружјето  со долг дострел против цели длабоко на руска територија. Доколку се случи тоа, Москва се закани со употреба на атомско оружје.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми