1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден предупреди: Трамп е опасност за демократијата

ЖА / агенции
29 септември 2023

Американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш ги означи неговиот претходник Доналд Трамп и неговите републикански сојузници како закана за демократијата во САД.

Американскиот претседател Џо Бајден во Темпе, Аризона
Американскиот претседател Џо Бајден во Темпе, АризонаФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

„Нешто опасно се случува во Америка во моментов“, рече Бајден во говорот во Темпе, Аризона, во четвртокот. „Постои екстремистичко движење кое не ги дели основните верувања на нашата демократија. Движењето МАГА.“

МАГА е кратенката за предизборниот слоган на Трамп - „Да ја направиме Америка повторно голема“ и се користи од страна на Бајден и неговите демократи како име за десничарскиот републикански табор лојален на Трамп.  Бајден ги обвини Трамп и неговите сојузници, меѓу другото, за непочитување на исходот од изборите и за поткопување на демократските институции.

Не секој Републиканец - дури ни мнозинството Републиканци - ја поддржува „екстремистичката идеологија МАГА, но Републиканската партија е водена и заплашена од екстремистите на МАГА“, рече 80-годишниот американски Демократ, кој сака да биде реизбран за втор мандат на претседателските избори следната година.

Претседателот ги обвини опозициските Републиканци дека молчат кога Трамп го обвини шефот на Генералштабот на САД во заминување Марк Мили за „предавство“ и изјави дека порано таквото однесување би било казнувано со „смрт“. „Молкот е заглушувачки“, рече Бајден,  демократиите би можеле „да умрат ако луѓето молчат“.

Во последните месеци, Бајден постојано го напаѓа Трамп, кој води во анкетите меѓу републиканските претенденти за претседателски кандидат со голема разлика и може да го предизвика актуелниот претседател на  изборите во ноември 2024 година.  Тој, исто така, постојано предупредува дека  Трамп претставува опасност за американската демократија.

Бајден го искористи говорот во чест на републиканскиот сенатор и претседателски кандидат Џон Мекејн, кој почина во 2018 година, за да започне дополнителни напади против десничарскиот популист. Во свое време, Мекејн беше еден од најжестоките критичари на Трамп во партијата.

Бајден го одржа својот говор во политичката матична држава на Мекејн, Аризона, на денот кога Републиканците во Претставничкиот дом го одржаа своето прво сослушување за  импичмент на претседателот -  и неколку дена пред претстојното замрзнување на буџетот. Бајден ги обвини Републиканците во Претставничкиот дом дека сакаат да „запалат сè" поради нивното блокирање на буџетскиот компромис.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми