1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Бајден претстави нов израелски мировен план за Газа

ЖА
1 јуни 2024

Американскиот претседател презентираше нов план на Израел за прекин на огнот во Појасот Газа. Хамас претходно се согласил на размена на заложници за палестински затвореници, доколку Израел ги прекине борбите.

Уништени куќи во Кан Јунис по израелски напад Газа
Уништени куќи во Кан Јунис по израелски нападФотографија: Abed Rahim Khatib/dpa/picture alliance

Во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, Израел предложил нов „сеопфатен“ договор, изјави американскиот претседател Џо Бајден. Ова вклучува „целосен прекин на огнот“, шестнеделно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа и ослободување на заложниците од рацете на Хамас, рече тој.

Предлогот бил проследен до Хамас од Катар, изјави Бајден, повикувајќи ја радикалната исламистичка група да се согласи со договорот, таа веќе не е способна да изврши терористички напад како оној врз Израел во октомври. До оние во Израел кои се залагаат за „неограничена“ војна, американскиот претседател упати повик да се предомислат.

План од три фази

Според Бајден, повеќефазната понуда презентирана од Израел, покрај целосниот прекин на огнот, вклучува и „повлекување на израелските сили од сите населени области на Појасот Газа и ослободување на голем број заложници, вклучувајќи жени, постари лица и повредени, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници“ од израелските затвори. Третата фаза би вклучувала сеопфатен план за реконструкција на Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден ја повика радикалната исламистичка група Хамас да се согласи со планот на ИзраелФотографија: Brendan Smialowski/AFP/Getty Images

Во поглед на продолжувањето на преговорите за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во Појасот Газа, Хамас неодамна го заостри својот став. Сѐ додека Израел не ги прекине  борбите во Појасот Газа, Хамас не е подготвен да преговара, соопшти радикалната исламистичка палестинска организација. Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, повтори дека за основните барања на исламистите - траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел - „не може да се преговара".

Нетанјаху: Нема крај на војната без враќање на заложниците

Според  израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху,  војната ќе заврши само кога ќе биде „уништена способноста на Хамас да владее и да води војна“. Неговиот кабинет соопшти дека тој го овластил преговарачкиот тим да го достави  планот претставен од Бајден  за постигнување на оваа цел.

Војната нема да заврши додека не се имплементираат сите цели наведени во договорот, „вклучувајќи го и враќањето на сите наши заложници и уништувањето на воените и управувачките капацитети на Хамас“, се вели во соопштението.

Повеќемесечните преговори досега беа неуспешни

Израел минатата недела  се согласи да ги продолжи преговорите со Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците. Посредниците Египет, Катар и САД со месеци се обидуваат да постигнат таков договор, но засега не успеваат.

Војната меѓу Израел и Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од САД и ЕУ, трае повеќе од седум месеци. Борците на Хамас извршија голем напад врз Израел на 7 октомври минатата година, при што според израелските извештаи загинаа 1.189 луѓе. Покрај тоа, 252 лица беа киднапирани и како заложници пренесени во Појасот Газа. Според израелските информации, 121 заложник се уште е во рацете на Хамас, додека се смета дека 37 од нив се веќе мртви.

Како реакција на нападот без преседан, Израел презеде масовна воена акција во Појасот Газа. Според последните информации на Министерството за здравство под контрола на Хамас, кои не можат да бидат независно проверени, досега се убиени повеќе од 36.200 луѓе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми