1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден против Путин: два говора - два света

Бернд Ригерт
22 февруари 2023

Американскиот претседател во Варшава индиректно одговори на говорот на рускиот властодржец одржан неколку часа претходно. Пораката гласи: слободата ќе победи.

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден во ПолскаФотографија: Radek Pietruszka/PAP/dpa/picture alliance

Лидерот на слободниот свет и владетелот во Москва одржаа говор во ист ден. Џозеф Бајден, американскиот претседател, во Варшава. Владимир Путин, кој пред една година нарединапад врз Украина, во Москва. Тоа беше еден вид дуел на далечина. Но, не стануваше збор за натпревар во дебатен клуб, туку за прашања на војна и мир, живот и смрт. На тоа уште еднаш укажа советникот на Бајден за безбедност, Џејк Саливен.

Путин ги обвини Киев, САД и она што го смета за „арогантен“ Запад, дека започнале војна во Украина, а Русија мора да се брани. Но, Џо Бајден не го игнорираше тоа апсурдно тврдење, туку во својот говор директно му се обрати на рускиот народ. „Запад не планира напад на Русија. Путин избра војна. И може да ја запре со еден збор". Украина не може да престане да се бори, зашто тогаш би престанала да постои“, рече американскиот претседател.

Критика на заканите на Путин

Путин во Москва најави дека Русија ќе го суспендира последниот голем договор на суперсилите заограничување на нуклеарното вооружување. НАТО и американскиот државен секретар Ентони Блинкен чекорот го нарекоа неодоговорен и ја повикаа Русија да го преиспита.

Експертот за безбедност Штефан Мајстер од берлинската Фондација за наука и политика, за Дојче веле изјави дека станува збор за ѕвечкање со оружје од страна на Москва. Тој сепак не смета дека Путин сака „нуклеарна ескалација".

Слободата ќе победи

Пред илјадници насобрани пред Кралската палата во Варшава, Бајден изјави дека во судирот со Русија станува збор за борба меѓу диктатура и слобода. Слобода е „најслаткиот збор“, најблагородна цел. „Сѐ што сега правиме, правиме за и нашите деца и внуци да можат да ја доживеат: слобода!“

Слободата е непријател на тираните, рече Бајден. Владимир Путин доживува нешто што до пред една година не можеше ни да го сонува. „Денес демократиите се посилни, а не послаби. Автократијата е послаба, а не појака.“

Уште под впечаток на својата ненадејна посета на Киев во понеделникот, американскиот претседател им оддаде почит на жртвите кои ги поднесува народот во Украина за да остане слободен. „Ми беше чест да им оддадам почит на хероите на Украина кои ги дадоа животите“, изјави Бајден, кој со украинскиот претседател Володимир Зеленски посети споменик во Киев. „Ние сме на страната на наставници, медицински сестри, болничари и работници од цела Украина кои се обидуваат да обезбедат струја без оглед на бруталното руско бомбардирање“.

Американскиот претседател Џо Бајден и полскиот претседател Анджеј Дуда во ВаршаваФотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

„Додека биде потребно“

За разлика од пред единаесет месеци, кога првпат ја посети Варшава по почетокот на војната во Украина, Бајден овојпат не го споменуваше Путин лично. Во текот на претходната посета изјави: „Тој човек не може да остане на власт.“ Сега, ни збор за промена на режимот, но јасна порака дека одговорните за воени злосторства и злосторства против човештвото, а меѓу нив без сомнение е и властродржецот Путин, на крајот ќе одговараат.

Како и што се очекуваше, американскиот претседател зборуваше за „нераскинливата обврска“ на САД во поглед на одбраната на НАТО и помош на Украина во нејзината одбрана од Русија: финансиски, со оружје и муниција, додека биде потребно. Меѓутоа, Бајден не беше поконкретен. Не споменувашеконкретни системи на оружје или временски рамки, но рече дека одлуките кои ќе ги „донесеме во наредните пет години, ќе ги дефинираат нашите животи во наредните децении.“

Полска – посебен партнер

Полскиот претседател Анджеј Дуда беше одушевен од втората посета на американскиот гостин во единаесет месеци. Дуда се заблагодари на поддршката на САД и „симболичката посета.“ „Америка секогаш ќе ги брани Запад и неговите вредности“, изјави Дуда додека седеше наспроти Бајден на долгата конференциска маса во претседателската палата. Џозеф Бајден се насмеа и со анегдота ја објасни својата посебна благодарност кон Полска, од времето кога бил млад американски сенатор во 1980-те години. Уште тогаш, рече, предвидел крај на комунизмот и желба на Полјаците за слобода, иако колегите го предупредувале да не претерува.

Конкретни ветувања за стационирање поголем број војници во Полска немаше, 10.000 веќе се таму. Главно станува збор за единици кои остануваат по неколку месеци, а потоа се заменувани од други. „Посета како оваа очигледно е симбол колку Полска стана важна и релевантна во меѓународната политика, посебно во однос на Украина“, оценува за ДВ политикологот Марек Мадеј од Универзитетот во Варшава. Тој не го дели ставот на многу полски политичари, посебно не на оние од национално-конзервативната влада, дека Полска сега е омилен сојузник на САД во Европа. „Причина за фокусирањето врз Полска е фактот што сите пратки за Украина мора да одат преку Полска. Не станува збор за фаворизирање. Тоа е работа на чиста логика, геополитичка логика.“

Да нема војна во Украина, односот меѓу Џо Бајден и Анджеј Дуда сигурно не би бил посебно срдечен. Конечно, Дуда беше одушевен симпатизер на политичкиот противник на Бајден, бившиот претседател Доналд Трамп, кој на Полска ѝ вети бројно зголемување на американските трупи.

„Џо Бајден е итар политичар со богато искуство. Тој знае како функционираат работите. Двајцата претседатели ќе соработуваат, дури иако меѓу нив нема посебна лична хемија“, нагласува политикологот Марек Мадеј. 

Рускиот претседател Владимир Путин одржа говор во Парламентот во МоскваФотографија: Adrien Fillon/Zuma/IMAGO

Колку долго ќе биде тоа „додека е потребно“?

Во ниеден говор немеша навестување како би можела да прекине руската војна против Украина, којаПутин ја нарекува „специјална операција.“ Ниту рускиот владател покажа спремност за преговори, ни пак американскиот претседател отстапи од идејата дека Украина, а со неа и Запад, ќе мора да ја добијат војната.

Путин тврдеше дека Русија може да издржи уште долго. Бајден се закани со нови санкции и истрајност на сојузниците.

За САД сега е прашање како ќе се однесува Кина. Таа најави претставување мировен план и посредување. САД критикуваа дека Кина наскоро би можела да им испорача на Русите смртоносно оружје, зашто на Москва ѝ се трошат ресурсите. Па, колку долго ќе биде тоа „додека биде потребно“? Во интервју за Си-Ен-Ен, германскиот канцелар Олаф Шолц даде одговор: „Мислам дека би било мудро да се подготвиме за долга војна.“

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми