1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГлобално

Бајден со пелена и други блесави лажни вести на годината

Катрин Везоловски
28 декември 2023

Ширум светот кружат безброј лажни вести. Многу од нив се опасни, некои пак се едноставно апсурдни, па дури и смешни. Тимот на ДВ за проверка на факти ги издвои најлудите лажни вести во 2023.

лажни вести во 2023 година
Најблесавите лажни вести во 2023 годинаФотографија: Facebook/TikTok

1. Не, ова видео не прикажува стомачен танц на Володимир Зеленски

Од почетокот на рускиот напад на Украина, на двете страни кружат многу лажни информации. Украинскиот претседател Володимир Зеленски често е мета на лажни вести. Како во овој случај: ова видео наводно го прикажува Зеленски како танцува на ритам на стомачен танц во златен затегнат костим. Истражувањето на ДВ покажува: Видеото е таканаречен „дипфејк“, во кој лицето на претседателот е поставено на телото на танчер со користење на компјутерска технологија.

Постојано има дипфејкови на кои е наводно Володимир Зеленски, како овој на кој е прикажан стомачен танц

2. Не, Шведска не организира секс спортски турнир

Во јули светот го обиколи бизарното тврдење дека Шведска го прогласила сексот за спорт и дека организира секс турнир. Тоа го објавија и бројни меѓународни медиуми, меѓу кои и „Тајмс оф Индија“, еден од најугледните индиски весници. Во еден извештај се вели дека учесниците на „турнирот“ морале да имаат секс до шест часа дневно за да се одреди победникот.

Ова тврдење е лажно, покажува истражувањето на ДВ: „Гетеборгс Постен“, еден од најголемите шведски дневни весници, објави дека шведскиот сопственик на неколку стриптиз клубови по име Драган Братиќ побарал сексот да се прогласи за спорт. Но, шведската спортска федерација ја одби оваа апликација уште во мај, потврдено е за ДВ.

Во Шведска нема спортски секс турнир

3. Не, виралната фотографија од искористени кондоми кои се чистат и продаваат како нови не е од Кенија

Една објава покажува десетици фотографии од она што изгледа како искористени кондоми. Во неколку објави на Фејсбукна почетокот на годината се вели дека шест студенти од Кенија биле уапсени бидејќи чистеле користени кондоми и ги продавале како нови.

Тврдењето е лажно, покажува ретроактивното пребарување на слики, техника која се користи за да се одреди кога и каде фотографијата е првпат објавена. Според извештај од 2020 година, речиси 324.000 употребени кондоми всушност биле исчистени и препродадени во Виетнам. И тоа не го направиле шест студенти, туку мала фабрика.

Оваа фотографија со искористени кондоми не е од КенијаФотографија: Facebook

4. Не, рентгенот не покажува жива лебарка во градите

„Во државна болница во Кенија, на пациент му била направена рентгенска снимка и му било кажано дека има жива лебарка во градите“, напишаа различни корисници на Фејсбук во мај, објавувајќи ја наводната слика со рентген-снимката.

Но, сликата е направена со фотошоп, покажува обратното пребарување на слики. Тоа покажува дека оригиналната рентгенска снимка е објавена на веб-страница за радиологија - и таму не се гледа никаква лебарка.

Лебарката е вметната со монтажа - фотографијата е лажнаФотографија: Facebook

5. Не, Џо Бајден не носел пелена на оваа фотографија

Американскиот претседател Џо Бајден има 81 година - и постојано се тврди дека е премногу стар за својата функција. Во јуни 2023 година, во некои земји кружеше наводна фотографија од него како клечи на подот со пелена која му излегува од панталоните.

Но, сликата е манипулирана, покажува пребарувањето на изворот на сликите. Всушност, Бајден падна на церемонија во Академијата за воздухопловни сили на САД во јуни, а бројните видеа и фотографии од падот покажуваат дека тој не носел пелена. Материјалот е монтиран.

Материјалот со Бајден е монтиранФотографија: Twitter

6. Не, нема докази дека американски авион изгубен во 1955 година повторно се појавил по 37 години

Авион полетал од Њујорк во 1955 година, се изгубил - и слетал 37 години подоцна во Мајами, Флорида, се тврди во една вирална објава на Фејсбук. Според истражувањето на Франс Прес, нема докази за ова тврдење.

Од американските власти нема информации дека авионот што полетал од Њујорк во 1955 година потоа бил изгубен. Освен тоа, приказната првично беше објавена од американски таблоиди познати по објавување на измислени содржини.

Приказната за авион кој наводно исчезнал, па се појавил, е измисленаФотографија: Christian Offenberg/IMAGO

7. Не, подморницата Титан не била пронајдена празна

Овој трагичен настан го обиколи светот: на 18 јуни пет луѓе со компанијата OceanGate тргнаа со мини-подморница да го посетат Титаник, бродот кој потона во 1912 година. Но, набрзо комуникацијата со патниците беше загубена и спасувачки екипи се обидуваа да ја пронајдат малата подморница.

Веста брзо се прошири во светот, а се огласија и бројни корисници на социјалните мрежи. Еден наводен скриншот на Си-Ен-Енстана вирален. „Исчезнатата подморница е пронајдена празна“, се вели во него.

Но, ова беше лажна вест, покажува нашето истражување. Ако внимателно се погледне скриншотот од наводниот напис на Си-Ен-Ен, ќе се забележи дека го нема актуелниот дизајн на Си-Ен-Ен со црна боја, туку стариот дизајн со црвена боја. Покрај тоа, на наводната насловна фотографија на лажниот напис не е прикажана подморницата „Титан“, туку подморница со име „Cyclops 1“.

За подморницата се објавени голем број лажни вестиФотографија: DW

8. Не, Дизни Ворлд не го отстрани замокот на Пепелашка

Лажните вести за Дизни се многу популарни со години. Во ноември, една онлајн страница објави дека забавниот парк Дизни Ворлд во Орландо, Флорида, преку ноќ го отстранил познатиот розов замок на Пепелашка. Ова тврдење беше споделено и во видео на ТикТок и е прегледано повеќе од милион пати.

Замокот на Пепелашка во забавниот парк Дизни Ворлд во Флорида е главна актракцијаФотографија: John Raoux/AP/picture alliance

Статијата и видеото се сатира, покажува импресумот на онлајн страницата. Покрај тоа, и на актуелните фотографии од забавниот парк се гледа дека замокот, заштитен знак на паркот, сè уште стои.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми