1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден-Трамп: Судир на две ослабени Америки

8 март 2024

Америка е суштински во војна со сама себе, поделена како никогаш порано на прашања околу нејзиниот културен и вредносен идентитет. Пишува Ивор Мицковски

Џо Бајден и Доналд Трамп

Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, демократот Џозеф Бајден, и републиканецотДоналд Трамп, ги постигнаа очекуваните победи на внатрепартиските избори во супер вторникот, и речиси е сигурно дека двајцата, како и пред четири години, повторно ќе си ги измерат силите во борбата за фотелјата во Белата куќа.

Дека ќе гледаме римејк на изборите од пред четири години е речиси сигурно, но тоа што излезе како заклучок од супер вторникот е дека крајниот исход од ноемвриските избори нема да биде толку сигурен колку што тврдеа и тврдат сондажите. Непретставителниот Трамп во реалноста не ужива толку голема предност пред сенилниот претседател.

Втор важен аспект е дека ноемврискиот дуел повеќе ќе биде судир помеѓу две слабости, отколку помеѓу две политички сили. Тоа не е добар сигнал ниту за американската нација, уште помалку за Европа, Западот и светот, кој Америка со децении го предводи и моделира според демократските принципи и вредности. Понудата реално не им се допаѓа ниту на самите Американци, каде се потврдува инерцијата на политичкиот систем, неспособен да направи генерациска промена, оставајќи нѐ со сериозни и отворени непознаници.

Пред сѐ поради бројните правни и судски проблеми на Трамп, кој очекувано, според одлуката на Врховниот суд барем ќе може да се кандидира, како и поради наглото пропаѓање, што поради возраста, што поради консензусот, на Бајден. Но, тоа е реалноста во една поларизирана и поделена земја, до степен да почне да се дефинира како (НЕ)Соединети Американски Држави.

„Coast-to-coast“ победата на Трамп ја потврди очигледната реалност и ја трансформираше во математичка, дека Ники Хејли ќе излезе од трката, како и дека ќе го условува Трамп за своите гласови. Но, успехот на Трамп е поматен од слабоста демонстрирана во богатите суб-урбани зони кои веќе го чинеа победа во 2020-та. Се потврди феноменот кој беше видлив уште пред вторникот.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Предвидувањата и реалноста

Реалните резултати на Трамп се послаби од предвидувањата. Ники Хејли, единствената противкандидатка на Трамп, победи во Вермонт, што е изненадување. Анкетите на Трамп му даваа дека ќе освои најмалку 60% од гласовите и во Вирџинија, а Хејли само 30%, но во реалноста Трамп освои само 35%, преполувајќи ја неговата предност.

Пред осум години, кога Трамп изненадувачки ја победи Хилари, беше измислена категоријата „тајните гласачи на Трамп“, односно, луѓе кои се срамеа јавно да кажат дека се за Трамп, но кои потоа го гласаа. Сега се јавува еден нов феномен и категорија, таканаречените „тајните (не)гласачи на Трамп“, односно, електорат кој е загрижен од непредвидливоста и лудите потези на Доналд, неговите 91 обвиненија, како и неговото непочитување на демократските правила.

Доколку овие гласачи, кои јавно се плашат да кажат дека нема да гласаат за Трамп, во ноември ги дадат своите гласови за Бајден, сите анкети кои денес велат дека Бајден сериозно заостанува зад својот претходник, само ќе ја потврдат разликата помеѓу вистинските намери и ориентации на електоратот и предизборните фалшливи перцепции.

Супервторникот ги потврди и сите слабости на Бајден, кој доживеа дебакл во Американска Самоа, мала американска територија во Јужен Пацифик, каде што беше поразен од непознатитот Џејсон Палмер со 51 процент спрема 40. Бајден ја плаќа цената за својата возраст (иако Трамп не е нешто многу помлад), ограниченоста на неговото физичко и ментално држење кои се видливи секогаш кога зборува или се движи, како и бесконечните гафови за кои сите му забележуваат.

Но, најмногу плаќа поради перцепцијата дека Америка повеќе не е супер сила, туку сила како и останатите, неспособна да ја наметна својата волја, ниту на сојузниците ниту на Израел, уште помалку пак способна да ги заплаши или одврати противниците како Русија и Кина. Неверојатниот парадокс е дека економијата цути, а Бајден не ги добива заслужените пофалби за фантастичните перформанси на американската економија.

Економски процут, политичка пропаст?

И додека економијата цути, политиката тоне, се поларизира и парализира. Можноста Трамп да се врати на власт ја претвора настинката на американската демократија во далеку посериозна патологија. Америка е суштински во војна со сама себе, поделена како никогаш порано на прашања околу нејзиниот културен и вредносен идентитет.

Затоа светот се соочува со две Америки, не само територијално поделени, туку и кои заемно не се препознаваат како легитимни противници, туку се чувствуваат како смртни непријатели. Тоа не е навестување и претходница на нова Граѓанска војна или сецесија, како што многумина песимистички сакаат да го прикажат, но сигурно е една поделба која драматично ја ослабнува најголемата и најмоќната западна демократија.

Ја ослабнува внатрешно, како што ја ослабнува и надворешно. Во САД сѐ повеќе се губи натпартискиот консензус кој дозволуваше, уште од минатиот век, земјата да се претвори во меѓународен лидер и хегемон. Ако денес клучната помош за Украина зависи од партиските и предизборни игри во Конгресот, тогаш сите сме во големи проблеми, од Зеленски, до цела Европа, па дури и ние на Балканот. Да бидеме искрени, Трамп не е причината колку што е симптомот на проблемот: во Америка се враќа изолационистичката струја, како кај политиката, така и кај јавното мислење, заморени од војни и од оддржување на либералниот светски поредок и од трошоците кои произлегуваат, особено сега, кога од поодамна е во криза.

Проблемот со Трамп е што е доволно способен да ги мобилизира и катализира овие изолационистички струи и пулсации. Опасни тенденции кои во време на глобална економија и силна поврзаност на меѓународниот економски систем, сериозно ризикуваат традиционалниот изолационизам да го претворат во анахрон унилатерализам, денес рекламиран како „Америка пред сѐ“, плус протекционизам.

САД денес се поларизирана и поделена земјаФотографија: Designit/Zoonar/picture alliance

За првпат после 70 години мнозинството републиканци е убедено дека на Америка ѝ е во корист да остане „надвор“ од светските прашања. Сѐ поголем број на републиканци и демократи сметаат дека САД веќе доволно ѝ помогнале на Украина и дека тоа е европски проблем. И тука лежи уште еден парадокс: Америка сѐ повеќе сака да излезе од светските проблеми, а сепак на крај светските прашања највеќе ќе влијаат на овие избори. Како, на пример, израелската офанзива врз Газа која највеќе му наштетува на Бајден, особено кај арапската заедница во САД, најбројна во една одлучувачка држава како Мичиген.

Крај на една среќна епоха

Кризата на „Pax America“ и меѓународниот поредок од неа детерминиран, настанува не толку поради предизвикот од авторитарните сили или пак затоа што моќта низ светот сѐ повеќе се фрагментира и шири и кон други актери. Сѐ тоа е важно и секако дека влијае. Но, тоа што највеќе влијае е всушност фактот што самата Америка веќе нема доверба во својата сила. Апсурдно, економските резултати се сјајни, воената сила никогаш не била поголема, виталноста на општеството е огромна, Кина и Русија не се ни блиску до некакво надминување или претркување на Америка, но Америка самата не верува во себе.

Поточно, Америка или голем дел од земјата, сѐ помалку сака да биде главен или доминантен гарант на западниот светски поредок кој е во криза или во надолна линија. За нас во Европа тоа е опасно лоша вест, нешто што ќе отвори бројни безбедносни и одбрандбени прашања, а секако ќе ги зголеми и непредвидените трошоци. Во апсолутен интерес на Европа е да разбере дека една среќна и просперитетна епоха навистина е завршена.

Како и дека доколку Америка продолжи на овој пат, доколку продолжи да се затвора сама во себе, одговорите за тоа како да се преживее во оваа ера на конфликти и заканувачки автократии, Европа и сите ние ќе треба сами да си ги пронајдеме. Што побрзо - тоа подобро!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми