Може ли Турција да преживее без руска енергија?
8 октомври 2025
Минатата недела во Овалната соба се случи невообичаена сцена. Американскиот претседател Доналд Трамп беше исклучително зборлест и претеруваше додека го фалеше својот турски колега Реџеп Таип Ердоган пред новинарите: „Имаме добри односи. Тој работи многу добро во својата земја. Тој е многу почитуван човек. Сите го почитуваат. И јас го почитувам“.
Но, меѓу пофалбите дојде барање што претставува голем економски и геополитички предизвик за Анкара: Трамп побара Ердоган да престане да купува нафта и гас од Русија.
Овој притисок го зголемија и земјите од Г7. По виртуелниот состанок во средата (1.10), седумте водечки западни индустриски земји - Германија, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Јапонија и САД - заеднички изјавија дека е време да се „максимизира притисокот врз рускиот извоз на нафта“. Ова има за цел да ги намали приходите што ѝ се потребни на Москва за војната.
Досега, Турција не одговори на изјавите на Трамп и на барањето на Г7. Ова не е изненадување, бидејќи енергетската зависност е најранливата точка на земјата на Босфорот. Турција е многу зависна од Русија во делот на снабдување со енергија.
Факти и бројки за турската енергетска зависност
Според податоците од Турската регулаторна комисија за енергетски пазари (ЕПДК), минатата година 66 проценти од турскиот увоз на нафта и производи доаѓале од Русија. Според водечкиот експерт за енергија Неџдет Памир, бројката била повеќе од 68 проценти една година претходно, а до крајот на 2022 година достигнала 41 процент.
Високите бројки за увоз се директна последица од војната на Русија против Украина:Турција има корист од фактот дека Русија е под притисок поради санкциите на ЕУ и привремено ја нуди својата нафта до 15 проценти пониско од цените на меѓународниот пазар. Забраната за увоз не само што би ја загрозила безбедноста на снабдувањето на Турција, туку би ја елиминирала и оваа јасна ценовна предност.
Во 2024 година, и 41 процент од увозот на Анкара на природен гас бил од Русија. Рускиот гас се испорачува во Турција првенствено преку гасоводите Син тек (Мави Аким) и Турски тек (Турк Аким).
Според извештај на Турската комора на машински инженери, уделот на фосилните горива на енергетскиот пазар во земјата изнесувал околу 84 проценти во 2022 година, додека уделот на обновливите извори на енергија бил само 16 проценти.
Ставот на Москва и стратегијата на Анкара
Веднаш по средбата на Трамп со Ердоган, се огласи Кремљ. Портпаролот Дмитриј Песков нагласи дека гасоводите кон Турција продолжуваат да работат со „полн капацитет“. Нема да има прекин сè додека протокот на гас е „корисен“ за Турција. Песков го нагласи ставот на Москва: „Турција е суверена држава која сама донесува одлуки во врска со соработката со нас“.
Набљудувачите не очекуваат Турција да го запре увозот на енергија од Русија во наредните години. Наместо тоа, Анкара следи тивка стратегија - диверзификација.
Државната компанија БОТАС потпиша два долгорочни договори за време на неодамнешната посета на Ердоган на САД за проширување на снабдувањето со природен гас: договор со американската компанија Меркуриа за снабдување со вкупно 70 милијарди кубни метри течен природен гас (ЛНГ) за период од 20 години, почнувајќи од 2026 година, а беше објавен и прелиминарен договор со Вудсајд Енерџи за 5,8 милијарди кубни метри ЛНГ.
Кадри Тастан, експерт за Турција во американскиот Германски Маршалов фонд, забележува дека турската влада навистина вложила големи напори во последните години за диверзификација на своите извори за да ја осигура својата енергетска безбедност. Во исто време, таа промовира и домашна, а особено обновлива енергија.
Според него, новите договори со САД создаваат можност не само за диверзификација, туку имаат и стратешки аспект. Политичките односи со САД се затегнати во последните години, потсетува Тастан. Приоритет на претседателот Трамп е да ја направи Америка водечка енергетска земја и да ја зголеми продажбата на фосилни горива како што е течниот природен гас (ЛНГ). Ваквите енергетски договори би можеле да станат олеснителен фактор за преговори за други политички прашања со САД, смета Тастан. Трамп води царинска војна, а купувањата на течен природен гас би можеле да се користат како преговарачки лост, по примерот на: „Видете, ние купуваме повеќе течен природен гас, за возврат би можеле да ни излезете пресрет за друго прашање“.
Покрај САД, Турција во последните години потпиша договори за течен природен гас и со Египет, Алжир, Катар и Нигерија.
Анкара: Зависна од Москва и за нуклеарна енергија и лигнит
Турција е многу зависна од Русија и за други извори на енергија. Во 2022 година, земјата покриваше 43 проценти од своите потреби за лигнит од руски увоз. Покрај тоа, првата нуклеарна централа, Акују, се гради во јужна Турција од страна на руската државна компанија Росатом. Завршувањето постојано се одложуваше поради санкциите наметнати на Русија. Според турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар, централата е предвидено да започне со работа следната година. Не се очекува таа да биде целосно завршена до 2028 година.
И така, Турција веројатно и во иднина ќе мора да балансира кога се работи за снабдувањето со енергија: помеѓу Западот, кој бара санкции против Москва, и Русија, нејзиниот засега најважен снабдувач со енергија.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик