1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСрбија

Балкан: Магијата на оружјето

АРД
11 октомври 2025

Многумина го сметаат за „магацин за оружје“ на Европа - на Балканот, како последица на војната во Југославија, во оптек сѐ уште има големи количества старо оружје. Поголемиот дел се наоѓа во приватни домаќинства.

Српски полицаец стои пред оружје конфискувано во владина акција за разоружување во полициско депо во близина на Смедерево
Оружје конфискувано во акција на српската влада за разоружување изложено во полициско депо во близина на СмедеревоФотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

Оружје до каде што досега погледот, најдено во подруми, на тавани, во секој случај од приватни домови - во еден магацин во Белград уредно наредени се илјадници пиштоли, пушки и митралези, како и сандаци полни со гранати и муниција. Во еден агол од собата има дури и ракетни фрлачи.

Граѓани Срби доброволно ги донесле во центарот кој го отвори српското Министерство за внатрешни работи. Целта е да се исчистат остатоците од војната, односно оружје што циркулирало низ целата земја и било пренесувано како семејно наследство или завршувало на црниот пазар.

Повеќе оружје само во САД и Јемен

Досега во Србија повеќепати имало амнестии за огнено оружје налик на оваа, во кои биле собрани повеќе од 100 илјади парчиња нелегално оружје. Но, со оглед на распространетоста на оружјето во Србија, таа количина нема доволно „тежина“. Во Србија и Црна Гора, луѓето поседуваат најмногу оружје во Европа, односно 39 парчиња на 100 жители. Само во САД и Јемен тој број е поголем. Во просек, во секое домаќинство има по едно парче оружје.

Во Србија и Црна Гора, луѓето поседуваат најмногу оружје во Европа, односно 39 парчиња на 100 жителиФотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

Од поранешен криминалец до ѕвезда

За многу граѓани во Србија и Црна Гора оружјето е традиција, дел од секојдневие, симбол на слобода и признавање. И Кристијан Голубовиќ е олицетворение на таквото сфаќање. 50-годишниот маж со дречлива безбол капа и бројни тетоважи отсекогаш имал пристап до огнено оружје, а има и екстремно криминално досие зад себе како дел од озлогласената сцена на банди од 1990-тите години во Белград.

Во тоа време за ќебап можело да се добие пиштол, раскажува Голубовиќ и се фали дека дури и денес може во рок од еден час да обезбеди парче оружје. За да стане дел од сцената, тој и негови пријатели упаднале во хотелот „Мажестик“ во центарот на градот, во тоа време популарен ноќен клуб, при што сите биле вооружени до заби.

Голубовиќ неколку години лежел затвор, еднаш и во Диселдорф за вооружен грабеж. Во 1990-тите, кога војната ескалираше – а со неа се зголеми и количеството на оружје и дрога - насилството достигна сосема нови димензии, се потсетува Голубовиќ. „Сите земаа дрога, сите носеа пиштол, никој не се плашеше од никого и немаше почит за никого. Тогаш секојдневно летаа глави. Сигурно 80 проценти од подземјето на поранешна Југославија и другите делови од Балканот беше збришано од бран убиства“, вели тој.

Во 1990-тите, кога војната ескалираше – а со неа се зголеми и количеството на оружје и дрога - насилството достигна сосема нови димензии, вели ГолубовиќФотографија: picture alliance/dpa/B. Roessler

Криминалот крева рејтинг

Се чини дека криминалната историја на Голубовиќ фасцинира многу Срби. Тој сега е ѕвезда на ријалити шоуа на една српска приватна телевизија и неколку месеци веќе учествува во формат налик на Големиот брат. Па, така има прилика во ударен термин да раскажува кој е најдобар начин да се изврши убиство – жртвата да се завитка во ќебе и да се обеси, без да се остави трага, вели тој. На улица Голубовиќ постојано го запираат луѓе кои го препознаваат поранешниот гангстер и се чини дека тој е еден вид идол, особено за голем дел од помладите.

Инциденти во минатото

Кога во мај 2023 година млад човек посегна по нелегално оружје од црниот пазар и застрела девет лица од автомобил во движење, истрагата откри дека напаѓачот ги обожавал бандите и криминалците, а особено Кристијан Голубовиќ. Цела Србија во тоа време беше во шок. Само ден пред тоа се случи атентат во училиште во Белград, во кое 13-годишно момче застрела и уби девет соученици и хаусмајстор со пиштолот на татко му.

Организиран криминал во Црна Гора

Ситуацијата е слична и во 450 километри оддалечената Црна Гора, каде што речиси секое домаќинство поседува пиштол. Бројот на убиства и тука е висок во споредба со европскиот просек. Една од веројатните причини е организираниот криминал, кој со години води жестоки војни во форма на сопернички кланови - во регионот, но и ширум Европа.

Само во изминатите четири години во Цетиње се убиени повеќе десетици луѓе (фото: полицаец чува стража на место на злосторство, по пукање во бар во Цетиње во јануари 2025 година)Фотографија: Risto Bozovic/AP/picture alliance

Полицијата активностите на црногорската мафија ги класифицира како „високо ризични“, но досега не ѝ успеало да ја разбие мрежата. Оружјето се транспортира и стигнува дури и до Западна Европа. Балша Ѓуришиќ, полицаец од специјална единица, ги презентира уловите од неговите ноќни контроли – има сè, од автоматско оружје до големи количества кокаин.

„Тешко е да се чувствуваш безбедно“

Историскиот град Цетиње, поранешниот главен град на Црна Гора, редовно е сцена на пукотници. Зачестуваат вести за убиства од снајперисти, бомби поставени во автомобили и масовни пукања. Само во изминатите четири години во ова популарно туристичко одморалиште се убиени повеќе десетици луѓе.

Наставничката Маја од раѓање живее во Цетиње. При една од масовните пукотници во 2022 година, го загубила својот братучед. Иако сторителот ѝ бил познат на полицијата како насилник, сепак легално поседувал оружје. Тој застрелал вкупно десет луѓе, меѓу кои и двете момчиња Марко и Машан. Тешко е во овие времиња да се чувствуваш безбедно во градот, вели Маја и додава дека секаде се наидува на места каде што некој е убиен.

Надеж за заострување на законите

Таа ѝ објави војна на владата и покрена иницијатива за заострување на законите за оружје. За поседување пушка или пиштол во Црна Гора досега не е потребна дури ни психолошка проценка.

За време на една непроспиена ноќ добила идеја да предложи закон со име „Марков и Машанов закон“, раскажува Маја. „Веќе следниот ден имав поддршка. Поддршка дадоа сите членови на моето семејство, а во рок од една недела ни се придружија уште 4 илјади други луѓе“, раскажува таа.

Барањето за построги закони за поседување на оружје дојде до црногорскиот парламент, каде што есенва треба да се гласа за предлогот. Граѓаните на Цетиње се решени да ја тераат својата борба сè додека властите не расчистат со смртоносното наследство.

Авторка: Ана Тилак, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми