1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканскиот „ангел на историјата”

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
19 јуни 2023

Доколку Македонците и Бугарите сакаат да изградат траен мир и меѓусебно пријателство, првиот чекор е да посакаат да ја чујат приказната за наследената траума на другиот. Пишува Кица Колбе.

Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Во есејот „За поимот на историјата“ ( „Über den Begriff der Geschichte"), кој Валтер Бенјамин го напиша  кусо пред да си го одземе животот 1940-та, за да не падне во рацете на Гестапо,  тој  во ангелот на Паул Кле, „Ангелус  Новус“(„Angelus Novus“, 1920), го препознава „ангелот на историјата“. Патем, Бенјамин го  купил цртежот на Кле во дваесеттите, во една галерија во Минхен. Ангелот на Кле  втренчено гледа во нешто, што го ужаснува. Според Бенјамин, така „ангелот на историјата“ го гледа минатото. Таму каде што ние откриваме само низа од факти, тој гледа гигантска катастрофа. Таа непрекинато реди пред нозете на ангелот  урнатини врз урнатини, високи до небото. 

Пред триесет години Југославија се распадна, оставајќи зад себе илјадници жртви и урнатини.Само нецели пет децении траеше  мирот. Потоа повторно се разбуди „призракот“ на Балканот. Балканскиот „ангел на историјата“ уште со втренчен поглед гледа врз балканското минато како низа од катастрофи. Притоа, секој балкански наратив е најтрагичниот, затоа и најексклузивниот. Алајда Асман покажува на примерот на Австралија покажува зошто ексклузивните национални наративи  не дозволуваат хетерогени перспективи за минатото. Австралиската историја досега беше раскажувана само од перспективата на англиските  доселеници. Но за потомците на домородските Абориџини приказната на модерна Австралија  е приказна за нивната колонизација. Два хетерогени наратива  се судираат во исто општество, при што оној на домородните Австралијци досега беше потиснат. Асман е уверена дека „токсичноста“ на наративите кои воспитуваат  на национална гордост, може да се надмине со наративите кои воспитуваат на емпатија.  За тоа е потребна дијалошка перспектива во која ќе се пројават хетерогените толкувања на историските факти.

Страдање, во различен контекст

Но како да се изгради дијалошка перспектива таму, каде што двата  хетерогени национални наратива, како македонскиот и бугарскиот, не се во рамноправна положба? Кога едниот партнер  „диктира“ по силата на своето членство во ЕУ, тогаш не е можна дијалошка перспектива. Впрочем, говорејќи на друго место за враќањето на нацијата, Асман истакнува дека многу од некогашните  социјалистички земји од Варшавскиот пакт по 1989-тата ја избраа за себе улогата на жртва на сталинистичкото време, притоа ја табуизираа својата колаборација со фашистичка Германија. Токму таква е констелацијата помеѓу Бугарија и Македонија, во која датумите од минатото се доживуваат сосем различно. 

Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

На едно место во романот „Засолниште во времето“ на  Георги Господинов, раскажувачот се потсетува на  разговорот во Цирих со Бугарка за многу работи, затоа што предноста „на   малиот јазик“  правела да си сигурен дека никој од присутните нема да те разбере. Зборуваат и за „вечната тага и незгода да си Бугарин“. До нив седи постар господин кој ги разбира – Бугарин во егзил. Тој човек потоа ја раскажува својата приказна, за која се вели дека е „класичната бугарска приказна по 1944 година – таткото отпуштен, суден, минал низ Белене“. Тоа бил логорот во комунистичка Бугарија, сличен на оној на Голи Оток во Југославија. Читајќи  се фатив себеси дека сум љубопитна да ја чујам  и приказната на таткотo  пред „1944“, а не само по  „1944“. Затоа што помислив дека таа приказна, можеби, е поврзана со Втората светска војна. Секако, таа војна има поинакво значење во македонското и во бугарското културно паметење. Во бугарското паметење по 1989-тата  траумата е советската диктатура, а не Втората светска војна, како кај Македонците. Тоа е затоа што овие два периода  во македонското и во бугарското национално паметење се поврзани со страдање, но во различен контекст.

Различното доживување на „1944”

Затоа во актуелната контроверза помеѓу Бугарија и Македонија датумот „1944“  има сосем различно значење. Таа година во сегашниот македонско-бугарски дискурс за Бугарите е само датумот од кој „постојат“ Македонците. Се заборава дека тој датум го означува и поразот на бугарската држава во сојузот со Третиот Рајх, „загубата“ на Македонија, почетокот на сојузништво со Советскиот сојуз  и траумата на Бугарите кои не беа комунисти во  комунистичкиот режим. Како по секоја голема војна, нејзиниот крај го означуваат судењата и ликвидациите на тие кои   во војната биле на спротивната страна. Меѓутоа, за трауматизираниот е реална само неговата траума. Затоа бугарската перцепција на сопствената траума  не го доживува како  трауматичен периодот пред  1944-та, како што тој е кај Македонците. Од друга страна, Македонците во  југословенскиот период ја  остварија својата самостојност. Периодот по „1944“ за Македонците е датум на победа, затоа што тогаш се случи АСНОМ. Во бугарското паметење  „1944“   е очигледно  наследената траума, како датум на пораз, а не на ослободување“ на Бугарите од фашизмот, како што тој датум се доживувал од Советскиот сојуз. Затоа би ме интересирала и приказната на таткото на егзилираниот Бугарин во Цирих во романот на Господинов, за да разберам што  се случувало во животот на тој човек пред „1944“, во Втората светска војна. Можат  ли во ваква констелација Македонците и Бугарите да изградат дијалошка перспектива? Можат ли да водат вистински дијалог,  кога  наративот  што го определува  едниот противречи на оној на другиот? Затоа што и за едниот и за другиот народ времето пред, односно по „1944“ е поврзно со траума, за нив е невозможно да се сретнат на половина пат, зашто секој од нив  на тој пат ја претпочита спротивната насока. Впрочем, тоа ја легитимира за секој од нив  тежината на наследената траума на предците. 

Надминување на митовите и стереотипите

Затоа ми се чини дека треба да се трага по поинакви патишта за надминување на непомирливите перспективи во бугарско-македонскиот спор. Отсекогаш бев уверена дека литературата може повеќе да ни помогне да  го разбереме погледот на еден народ врз себеси и врз својата историја. Иако денес уште има балкански историчари кои во духот на „историскиот материјализам” говорат за „објективна вистина“ во историјата, минатото секогаш се толкувало во еден политички и културен контекст. Тоа, впрочем, го потврдува  и различното доживување на „1944” во бугарски и во македонски контекст. Кога кај Господинов прочитав за „вечната тага и незгода да се биде Бугарин“, сфатив дека секој од нас ја знае само  „вечната тага“ на својот народ која, всушност, има врска со наследената, ненадмината траума од минатото на нашите предци. Не тие од времето на цар Самуил или на Гоце Делчев, туку оние од времето на Втората светска војна и од времето по неа. Доколку Македонците и Бугарите сакаат да изградат траен мир и меѓусебно пријателство, првиот чекор е да посакаат да ја чујат приказната за наследената траума на другиот. Тоа би го отворило процесот во кој двата народа со помош на историската, филозофската и уметничката рефлексија за своето минато критички би се соочувале со ненадминатите сопствени трауми. Само таков процес  е еманципаторски и може да ги надмине митовите и стереотипите. Но, најнапред, би требало литературата да го отвори просторот да се изрече „неизреченото“ во приказаните на предците -  кај  двата народа. Тоа „неизречено“ кое станало речиси мит во синтагмите за „вечната тага и незгода да се биде Бугарин“ или во „вечната мака и незгода да се биде Македонец“ во светот. Само литературата ја раскажува историјата низ приказни. Дури и кога личностите се фиктивни, особеноста на литературата е што таа  низ приказни ни го приближува духот на времето. Само кога минатото ќе биде оживеано пред нас низ приказни за драмата на човечките животи  во војните, ние ќе почнеме да сознаваме дека страдањето е исто – од двете страни на фронтот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми