1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалСрбија

Фудбалски празник и националистички испади на навивачите

Немања Рујевиќ
19 јуни 2024

Време е за поправни испити на ЕУРО 2024 - денеска започнува второто коло од натпреварите по групи. Албанија и Србија го дочекуваат под истрага на УЕФА поради испадите на нивните навивачи во Германија.

безредија меѓу српските и англиски навивачи во Гелзенкирхен
Полиција на местото на судирот меѓу српските и (најверојатно) англиски навивачи во Гелзенкирхен во неделата, на 16 јуниФотографија: K. Hoeft/frontalvision/picture alliance

Навивачите на Албанија, кои ги преплавија улиците на германските градови и се меѓу најбројните на првенството, веројатно ќе бидат присутни во голем број и во Хамбург, каде нивната селекција денеска (19 јуни, 2024) се среќава со Хрватска.

Дуелот и за двете репрезентации е одлучувачки, иако Хрватите, предводени од Лука Модриќсе големи фаворити.

Во првиот натпревар Албанците не успеаја да профитираат од најбрзиот гол во историјата на европските првенства против Италијанците. Весникот „Штутгартер цајтунг“ пред дуелот со Хрватите за Албанија пишува како за „безимен тим“ кој би му го отежнал животот на уште еден фаворит на ЕУРО 2024.

Може да се каже дека веројатно решавачки меч ја чека Србија против Словенија во четврток (15 часот) во Минхен. Таму поддршката за Србија би можела да биде уште погласна отколку што беше на натпреварот против Англија во Гелзенкирхен.

Албански навивачи на мечот Унгарија-Швајцарија на 15 јуни во КелнФотографија: picture alliance/dpa

Истраги против фудбалските федерации

Сепак, како што беше забележано во германскиот печат, меѓу српските и албанските навивачи имаше доволно такви кои го искористија фудбалот за политички пораки кои УЕФА се обидува на секој можен начин да ги потисне.

Истрага против Албанците меѓу другото се води и поради забранетите знамиња на „Голема Албанија“ на трибините, како и за пиротехнички средства. Српската федерација е во центарот на вниманието поради знамињата со контурата на Косово и пораката „Нема откажување“.

И покрај тоа што српската федерација ги повика навивачите да го носат само знамето на Србија на натпреварите и предупреди дека другите ќе бидат одземени, ништо од тоа не се случи во Гелзенкирхен. Имаше десетици различни знамиња, често и руски.

Медиумите забележаа и група српски навивачи кои скандираа Владимир Путин во градот пред натпреварот.

Српската и косовската фудбалска федерација се обвинуваат меѓусебно. Српската во УЕФА, меѓу другото, извести за еден косовски новинар кој пред трибината со српските навивачи го покажал симболот на двоглавиот орел, а косовската се пожали на „расистички скандирања“ од српските навивачи.

Српски навивачи пред стадионот во ГелзенкирхенФотографија: Bernd Thissen/dpa/picture alliance

„Очигледно“ Данило Вучиќ

Германскиот печат посвети големо внимание на крвавата тепачка во Гелзенкирхен во неделата, кога - веројатно англиски - хулигани нападнаа Срби кои седеа во кафуле. Епилогот - приведени се седум Срби, од кои еден е обвинет за нанесување телесни повреди. 

Повеќе портали објавија тврдења дека меѓу српските навивачи е и Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Повеќе снимки од местото на настанот покажуваат дека младиот човек го задржуваат луѓе додека се обидува да се вмеша во тепачката.

Тоа е „очигледно“ Данило Вучиќ, пишува весникот „Велт“, дополнувајќи дека „тој со години одржува блиски врски со мафијата и со хулиганската сцена“.

Повикувајќи се на хрватски и босански портали и социјалните мрежи, „Велт“ пренесува дека Данило Вучиќ (26) го задржувале „придружници“ и дека тие веројатно се членови на специјалната единица Кобра.

ЕУРО 2024: Колкава закана се хулиганите?

01:33

This browser does not support the video element.

Инаку, од Министерството за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, покраината во која се наоѓа Гелзенкирхен, не одговорија на прашањата на ДВ дали кај нив од Србија е пријавено доаѓањето на Данило Вучиќ како лице под специјална придружба.

На крајот, мечот го обезбедуваа повеќе полицајци од најголемото и најжешкото дерби во Германија, она кога играат гигантите од Рурската област, Борусија Дортмунд и Шалке. Но, на стадионот сѐ беше мирно, освен меѓусебното исвиркување на националните химни на Србија и на Англија.

Германските медиуми дадоа добри оценки за играта на Србија и подеднакво беа разочарани од Англија, која однапред беше извикана како прв фаворит. Весникот „Шпигел“ во анализа на својот портал наведува дека голем дел од второто полувреме се играло „во и околу шеснаесетникот“ на Англичаните. Во анализата беше наведено дека Англија ја спасил Џуд Белингем, играч кај кој во секој чекор се гледа светска класа.

Хрватска и Албанија се среќаваат денеска од 15 часот во Хамбург, а ден подоцна во истиот термин е закажан натпреварот Словенија-Србија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми