1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барања за повторно служење воен рок во Германија

Штефани Хепнер
11 мај 2024

Германската опозициска партија ЦДУ бара враќање на обврската за служење воен рок поради загриженост во врска со Русија и проблеми со подмладок во Бундесверот. Како е ова прашање решено во други држави?

Германија воен рок Бундесвер
Обврската за служење воен рок во Германија беше укината во 2011 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M.

По долги дебати, опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на својот конгрес сепак изгласа постепено враќање на обврската за воен рокво Германија. Според таквиот концепт, младите би морале на одредено време да служат во армијата, или социјално да се ангажираат. Обврската беше укината во 2011 година. „Укинувањето на обврската постепено ќе го повлекуваме и ќе ја трансформираме обврската за служење воен рок во задолжителна општествена година", се вели во заклучокот од конгресот на партијата.

Т.н. општествена година би можела да се служи во Бундесверот или во социјалните институции. Сѐ до конечното реализирање на концептот треба да биде воведена „контингент обврска за служење воен рок”, во рамки на која, зависно од потребата за персонал, ќе бидат повлекувани лица за служење во Бундесверот. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус до летото треба да одлучи за ова прашање.

Како други земји решаваа слични проблеми?

Лекарски преглед при регрутација за БундесверотФотографија: Thomas Schulze/ZB/picture-alliance

Шведска - пример за Германија?

Писториус моментално разгледува различни модели, меѓу кои и шведскиот. Во земјата обврската за служење воен рок е укината во 2010 година, но повторно воведена седум години подоцна поради руската анексија на Крим.

Оттогаш, сите оние кои наполниле 18 години мора да се пријавуваат за регрутација и да пополнат соодветен онлајн формулар. Дел од нив се повикуваат на медицинска контрола, а само пет до десет проценти од една генерација, момчиња и девојки, и навистина отслужуваат воен рок. Се регрутираат само оние млади лица кои се подготвени да служат војска.

Тоа значи, дека постои обврска за пријавување, но самото служење е фактички доброволно. Кон крајот на 2023 година државата одлучи да го воведе и служењето на цивилна служба, на пример во спасувачките служби. Министерот Писториус изјави дека шведскиот модел „е посебно погоден” за германските потреби.

Данска и Норвешка - и жени (во иднина) во армијата

И во Данска има обврска за служење воен рок од 18 години, но досега само за мажи. Жени треба да бидат регрутирани од 2026 година. Освен тоа, треба да биде продолжено времетраењето на основната обука од четири на единаесет месеци. Слично како и во Шведска, само дел од генерацијата се регрутира затоа што има доволно доброволци.

Во Норвешка од 2016 година покрај мажите и жените мора да се пријавуваат за војска, каде што нивната способност за служење се определува на систематски преглед. И во овој случај само мал дел од луѓето де факто отслужуваат воен рок. Поради строгиот избор, таквата обука ужива престижен статус сличен на други образовни дипломи.

Задолжителен воен рок?

04:04

This browser does not support the video element.

Австрија - кратка епизода

И покрај многуте дебати, Австрија никогаш не се откажа од обврската за воен рок. Мажите меѓу 18 и 35 години служат шестмесечна основна обука, ако претходно треба да поминат на систематски преглед. Кој не сака да служи поради причини на совеста, може да служи девет месеци социјална работа. Жените служат само ако доброволно се пријават.

Летонија - воен рок поради војната во Украина

И Летонија воведе повторно воен рок - од минатата година на доброволна база,  а од годинава се регрутираат сите мажи на возраст од 18 до 27 години. Воениот рок трае 11 месеци. Жени може доброволно да се пријават. Од 2028 година би требало секоја година да се регрутират 7500 мажи, што, според НАТО, соодветствува на бројот на професионални војници во земјата. Има опција за резервна служба која се служи во некоја институција, која е под водство на Министерството за одбрана. Балтичката земја повторно го воведе воениот рок поради нападот на Русија врз Украина. Таа е една од трите НАТО-земји кои граничат со Русија. Другите две, Естонија и Финска, никогаш не го укинаа воениот рок.

Украина и Литванија - воен рок по анексијата на Крим

Украина веќе по анексијата на Крим во 2014 година повторно го воведе воениот рок. Обврската важи за мажи од 18 до 26 години. Покрај тоа, украинската влада по рускиот напад од февруари 2022 година донесе закон со кој сите мажи на возраст од 18 до 60 години може да бидат регрутирани.

И Литванија брзо реагираше и воениот рок го воведе повторно во 2015 година, откако неколку години беше укинат. Околу 3500 лица треба да бидат регрутирани секоја година.

Литванија во 2015 година повторно го воведе воениот рок Фотографија: Alfredas Pliadis/Verteidigungsministerium Litauen/picture alliance / dpa

Грција - цивилната служба двојно подолга од воениот рок

Во Грција сите мажи на возраст од 18 и 45 години имаат обврска за служење на воен рок. Службата трае 12 месеци.

Исклучоци има според местото на служење и единицата. Служењето воен рок е пократко ако се служи на граница или во специјални единици. И лица од семејства со повеќе деца служат пократок рок.

Алтернативата е цивилна служба која трае двојно подолго. Во иднина треба да има и доброволно служење воен рок за жени. Основната служба беше продолжена во 2021 година поради долготрајниот конфликт со Турција и намалениот наталитет.

Турција - со пари за пократок рок

Турција има една специфика - лицата обврзани да служат воен рок може да платат 5 илјади евра за да го скратат воениот рок за четири недели. Во минатото имаше можност за кратење на воениот рок дури и за подолг период, а генерално за сите мажи на возраст од 20 до 41 години важи правилото за служење најмалку шест месеци. Кој не сака да служи воен рок, се казнува со парична казна или затвор. Нема опција да се одбие служењето војска.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми