1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барикади на Косово: „Луѓето се решени да истраат“

Немања Рујевиќ
23 декември 2022

Косовскиот премиер Курти вели дека барикадите не можат вечно да се толерираат, а српскиот претседател Вучиќ бара Заедница на српски општини. Марко Јакшиќ нема добро мислење за ниту еден од нив - а сепак е на барикадите.

Марко Јакшиќ
Марко Јакшиќ, адвокат и активист од КосовоФотографија: Privat

Србите од северот на Косово речиси две недели дежураат на десетина барикади, барајќи ослободување на уапсените и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од базите на северот. Како што по десетдневна неизвесност стана познато, во една од тие бази е и поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Косовските власти го сомничат за „тероризам“, бидејќи наводно фрлал бомби во просториите на изборната комисија во Северна Митровица.

„Зимата е на барикадите“, ни вели Марко Јакшиќ, адвокат и активист од Северна Митровица, кој оди на барикадата кај селото Рударе. „Тензично е, но луѓето се решени да истраат“.

Иако, вели, барикадите се „прилично организирани“ и има групи и смени, Јакшиќ додава дека ова не е само прашање на Српската листа. „Ова е проблем на сите Срби на Косово, особено на оние на северот. Курти и тимот сакаат да не бидеме на Косово, па Србите немаат друг начин да се спротивстават“.

Уапсените се „колатерална штета“

Според Јакшиќ, прашањето за пререгистрација на возилата од кое што започна сѐ, е само врвот на ледениот брег. Тој наведува низа примери за прекршување на договорот и „одземање на правата на Србите“, поради што, како што вели, ги напуштиле институциите на почетокот на ноември. И Јакшиќ работел како администратор во општинскиот суд.

„Ова на Косово се крчка долго време. Особено откако Курти ја презеде власта, Србите се обидуваат да укажат дека тие не се ставка за штиклирање од списокот на Брисел, Вашингтон, Белград и Приштина, туку дека сите договори нè засегаат лично нас. Со доаѓањето на Курти на власт, дури и она што беше применливо беше ревидирано и оспорено“, додава Јакшиќ за ДВ.

Припадници на специјалните единици на косовската полиција во близина на барикадите за време на протестот на почетокот на октомвриФотографија: Milica Andrić Rakić/DW

Нашиот соговорник смета дека Пантиќ и други поранешни полицајци се уапсени како „колатерална штета“. „Би ја ставил раката в оган дека Пантиќ е апсолутно невин. Тој само живееше во близина на просториите на изборната комисија и лично го познавам. Попрво јас би фрлил камен на косовската полиција отколку Пантиќ, кој е повлечен човек, небитен за политичките настани. Тој не се мешаше во ништо, а камоли во поважни работи. Тој е колатералната штета од пресметката на Курти со Србите“.

„Глушец в ќош“

Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата (21 декември) рече дека барикадите - за кои тврдеше дека нема никаква врска со нив и не знаел дека се планирани - ќе бидат отстранети кога Приштина ќе го формира Заедницата на српските општини. Можете до некоја граница да се обидувате (да понижите), понатаму, кога немаме каде, како глушец в ќош ќе се браниме со сите четири нозе“, изјави Вучиќ.

Од друга страна, тука се гласните повици од Западот за отстранување на барикадите. Германскиот амбасадор во Приштина, Јорн Роде, рече дека очекува тоа да се случи до Божик.

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Гардијан оваа недела рече дека постои загриженост дека Москва сака конфликтот да се прелее на Балканот и дека Белград може да ги злоупотреби барикадите за да предизвика ескалација.

„Нашата загриженост е дека отстранувањето на барикадите не може да ги исклучи жртвите“, рече Курти. „Затоа сакаме да бидеме максимално внимателни, да се погрижиме да нема дестабилизација и да има релативен мир и стабилност. Но, не можеме вечно да го дозволуваме ова нарушување на законитоста и уставноста. Значи, ова мора да заврши, што побрзо, толку подобро“.

Таа изјава, ни вели Марко Јакшиќ, Србите ја примиле како отворена закана. „Би морале да го доживеете преминувањето на Јариње за да разберете: таму, како бандити, косовските специјалци вперуваат пушка кон секој од нас и нѐ гледаат со омраза, без никаква причина“.

„Тоа, освен страв, предизвикува и револт. Ако некој е толку глупав што наместо да разговара со нас, ја прати специјалната полиција на барикадите, тогаш нека дојде лично, па да видиме. Сигурно нема да се кријам“, вели Јакшиќ.

„За жал, немам подобри сојузници“

Но, по долгогодишно искуство со барикадите на север, нашиот соговорник не верува дека ситуацијата ќе стигне дотаму. Во 2011 година барикадите траеја шест месеци, а подоцна имаше и такви кои беа отстранети за неколку часа.

„Убеден сум дека КФОР нема да ги отстрани барикадите како во 2011 година, ниту пак ќе дозволи Косово да користи специјални единици“, вели Јакшиќ.

Според него, Србите ќе ги напуштат барикадите само кога ќе се исполнат барањата или Белград и Приштина ќе склучат нов договор со кој ќе се почитуваат барањата.

Јакшиќ претходно беше политичар на партијата Слобода, демократија, правда и близок соработник на покојниот Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во 2018 година. Затоа Јакшиќ во критиките не ги штеди ниту Курти ниту Вучиќ.

„Вучиќ е одговорен за многу работи на северот на Косово и низ Србија. Ја уби демократијата, нашата слобода на изразување, избор. Меѓутоа, овој човек во Приштина, криејќи се зад европските идеи, се обидува да спроведе нешто уште пострашно - буквално да нѐ избрише од овие простори“, смета Јакшиќ.

На прашањето дали не му пречи што е на барикадите со луѓе од Српската листа - за кои многупати кажа дека ги водат криминалци - тој вели: „Таму сум со моите колеги и пријатели. Не обрнувам внимание кога од тие кругови се појавуваат одредени личности од Српската листа. Лошата година го тера орелот да презими во кокошарник. За жал, немам подобри сојузници. Сѐ додека имаме заеднички интерес да се бориме против лудилото на Курти, јас сум подготвен да се жртвувам и да бидам во заедничка мисија и со такви“.

Пријателства наспроти политичките тензии во Косово

04:26

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми