1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баварија: Премиерот го штити коалицискиот партнер

БЈ | агенции
4 септември 2023

Хуберт Ајвангер ќе остане министер во баварската влада и во екот на аферата во која се товари за антисемитски памфлет од средношколските денови. Тоа сепак ќе има влијание врз формирањето на идната влада во Минхен.

Хубер Ајвангер останува на функцијата
Хубер Ајвангер останува на функцијатаФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Премиерот на германската покраина, Баварија Маркус Зедер пресече - неговиот министер и вицепремиер Хуберт Ајвангер останува во владата и покрај наводните антисемитски испади од неговите средношколски денови.

Зедер, лидерот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), го поштеди Ајвангер, шефот на коалицискиот партнер „Слободни избирачи“ во пресрет на покраинските избори на почетокот на октомври.

Зедер исто така најави дека и по изборите со Баварија ќе владее „граѓанската коалиција“, отфрлајќи ја можноста за формирање влада со Зелените.

Претходно Ајвангер одговараше на прашалник со 25 прашања кои Зедер му ги зададе како “домашна задача”, а одговорите беа објавени во саботата.

Како што оцени Зедер, разрешувањето од министерската функција „не би било сразмерно“ со гревовите на Ајвангер од пред 35 години. Исто така, премиерот нагласи дека нема докази оти Ајвангер напишал или дистрибуирал антисемитски памфлет дидека бил во средно училиште.

Што се случи?

Минатиот викенд весникот „Зиддојче цајтунг“  дојде до леток кој во учебната 1987/88 година се појавил во една баварска гимназија во која учел тогаш 17-годишниот Ајвангер.

Краткиот памфлет бил искуцан на машина и наводно залепен во училишниот тоалет, а во него се исмева холокаустот и се предлага конкурс за „најголем предавник на татковината“ во кој првата награда би била „слободен лет низ оџакот на Аушвиц“, а другите награди ќе вклучуваат почивање во масовна гробница и престој во концентрациониот логор Дахау.

Како што информира „Зиддојче цајтунг“, токму Ајвангер во тоа време завршил пред дисциплинскиот одбор на училиштето како автор на памфлетот. Како што наведува весникот, Ајвангер тогаш не ја негирал вината и бил казнет.

Но, Хуберт Ајвангер во соопштение се огради од памфлетот и го оквалификуваше како „одвратен“.

Вели дека во неговата училишна торба биле пронајдени неколку примероци и дека потоа под притисок ја прифатил вината. Вистинскиот автор на писмото му бил познат, но ниту како средношколец бил, ниту денес е склон да оцрнува луѓе, вели Ајвангер.

Потоа се огласи наводниот „вистински автор“ на писмото - постариот брат на Ајвангер. „Тогаш бев бесен затоа што ја повторував годината“, постариот Ајвангер во писмено обраќање до јавноста во кое се извинува за содржината на писмото.

Баварскиот премиер Маркус Зедер не му откажа поддршка на АјвангерФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Крај на кариерата?

Новинарите, особено од „Зиддојче цајтунг”, се пуштија низ родниот град на Ајвангер и дојдоа до неименуван соученик кој тврди дека Ајвангер низ училиштето поздравувал со нацистичкиот поздрав кревајќи ја десната рака, дека кажувал шеги за Аушвиц и црнците од Бијафра.

Други тврдат оти се фалел дека ги вежба говорите на Хитлер пред огледало и ја чита „Мојата борба”.  Можно е, одговара инкриминираниот политичар, како тинејџер да сум кажал и направил нешто што „вака или онака може да се протолкува“, но: „откако пораснав, во последните децении - не сум антисемитист, не сум екстремист, туку сум хуманист“, изјави Ајвангер за таблоидот „Билд”.

Не е антисемитист „откако пораснал“? С, што бил пред тоа? Ваквата изјава многумина ја оценија како политичко самоубиство. Ајвангер беше прекоруван и за тоа што воопшто не се извини, па го надомести гестот, но по мислењето на многумина предоцна.

Меѓу нив очигледно не е премиерот Зедер, кому Ајвангер повторно ќе му биде ривал на изборите што ќе се одржат за еден месец, но и веројатно повторно коалициски партнер.

Иако медиумите најмногу го критикуваат Ајвангер, има и критики за начинот на известување на „Зиддојче цајтунг”. Конзервативниот колумнист на „Фокус”, Јан Флајшхауер, текстот го нарекува пример за „новинарство базирано на сомнежи“ со кое се валка неомилен политичар, иако не е најден последниот доказ дека токму Ајвангер бил автор на контроверзниот памфлет.

Дали гласачите ќе го казнат?

Сè уште не е јасно дали симпатизерите на „Слободните гласачи“ сега ќе ја казнат партијата на изборите, или можеби ќе гласаат токму за неа затоа што го делат ставот на Ајвангер дека се работи за гнасна кампања, а можеби токму тоа е и причината за одлуката на Зедер да не ја распушти коалицијата.

Имено, неодамнешната анкета за весникот „Билд“ покажува дека 39 отсто од граѓаните на Германија се против барањето за оставка, додека 38 отсто го поддржуваат.

Појасна слика пред два дена имаше во анкетата објавена од баварскиот весник „Аугсбургер алгемајне” според која 53 отсто од Германците се против барањата за оставка, а третина ги поддржуваат. Во самата Баварија дури 62 отсто од гласачите сметаат дека барањето за оставка е претерано.

Сепак, ова прашање би можело да биде одлучувачко за изборите во Баварија што ќе се одржат за нешто повеќе од еден месец.

Во таа покраина има само конзервативни и уште поконзервативни гласачи. Политичарите на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) владеат во Минхен речиси седум децении, но во последно време без апсолутно мнозинство, што за нив е катастрофа. Токму таквата математика го принуди лидерот на партијата и премиер Зедер да коалицира со Ајвангер, чија мала партија не игра никаква улога во другите покраини.

Последната анкета - спроведена пред објавувањето на скандалот - предвидуваше 39 проценти за ЦСУ, а 12 проценти за „Слободните гласачи“. Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) може да смета на 14 проценти - и се надева дека исто така ќе профитира од аферата.

Партиите на таканаречената семафор-коалиција која владее во Берлин - социјалдемократите, зелените и либералите - имаат послаба поддршка во Баварија. Но сепак Зелените може да сметаат на 14 отсто од гласовите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми