1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Бегство од Русија: „Ние сме само топовско месо“

Јури Решето
24 септември 2022

Илјадници Руси се обидуваат да ја напуштат земјата откако рускиот претседател Путин нареди делумна мобилизација. ДВ разговараше со дел од оние кои бегаат.

Колона на руско-финската граница
Колона на руско-финската границаФотографија: Oliver Morin/AFP

Бегај додека можеш - илјадници Руси се обидуваат да ја напуштат својата земја од страв да не бидат однесени на фронтот. Според Министерството за одбрана, официјално треба да бидат повикани само 300.000 мажи кои немаат повеќе од 55 години и кои веќе служеле воен рок. Сепак, руските медиуми известуваат за случаи на постари мажи и мажи без армиско искуство кои исто така добиле повик за мобилизација. Весникот „Новаја газета Европа“, кој е критички настроен кон владата, дури тврди дека планираниот број на воени обврзници кои треба да бидат мобилизарани е значително поголем - до еден милион. Оттогаш врие котелот со гласини и шпекулации. Кремљ демантира. Луѓето се несигурни.

„Не се плашам. Ако сакаат, ќе го фатат секого“, вели резигнирано за ДВ 28-годишниот магационер од Череповец, Михаил Бајанкин. Сепак, тој потенцира дека никогаш нема да земе оружје в раце бидејќи не му се јасни целите на таканаречената воена специјална операција: „Зборуваат за некаква должност. Каква должност? Ако нашата земја беше нападната, тогаш да, но ние сами напаѓаме соседна земја.“

Многу мажи во Русија размислуваат како Михаил. Некои влегуваат во автомобил или авион и си заминуваат. Оние кои немаат виза патуваат во Грузија, Казахстан или Монголија. Сведоци на социјалните мрежи информираат за километарски редици на граничните премини кон овие земји. Кој има пари, лета до Обединетите Арапски Емирати или Турција. Србија и Финска се исто така популарни дестинации.

Мобилизација на руски резервисти во Јакутск, Русија, 23.09.2022Фотографија: picture alliance/AP

Напуштање на Русија со тешко срце

34-годишен инженер од Краснодар, кој сака да остане анонимен, штотуку пристигна во главниот град на Грузија, Тбилиси. Тој веќе бил професионален војник и сосема одговара на критериумите на таканаречената делумна мобилизација. Во интервју за Дојче веле тој признава дека долго време сакал да ја напушти Русија. Веста за делумната мобилизација само ја зајакнала неговата желба: „Не ја напуштив мојата земја засекогаш. Ја сакам Русија и сигурно ќе се вратам некогаш“.

И 28-годишниот интернет трговец Денис од Ростов на Дон всушност никогаш не сакал да ја напушти Русија. Но, веќе на 24 февруари, кога избувна војната, тој знаел дека веќе ништо не е во ред. Денис за ДВ вели: „Сите сфативме дека целата работа нема да донесе ништо добро и покрај тоа што верувавме во најдоброто сѐ до крајот“.

43-годишниот Валериј Клепкин до пред два дена живеел во северна Русија. Дипломираниот инженер служел во трупите на Министерството за внатрешни работи. Кога започна војната, вели Валериј за ДВ, добил неколку повици од воениот штаб, но не одговорил на нив: „Јас сум резервен офицер од прв степен. Не сакав да чекам долго пред да се соочам со избор - затворска казна или убиец“. Кога дошла веста за мобилизацијата, Валериј го спакувал куферот и веднаш заминал за Финска, каде има многу пријатели. Младиот човек учел фински, неговиот дедо живеел таму. Валериј е среќен што заминувањето за Финска успеало.

Протести против мобилизацијата во Москва, 21.09.2022Фотографија: Alexander Nemenov/AFP

Забранет влез за противниците на војната

Патот за бегство кон балтичките држави, од друга страна, е затворен. Набргу по најавата за делумна мобилизација во Русија, латвискиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс одби влез на руските противници на војната и го објасни својот став како закана за националната безбедност. Шефицата на владата на Естонија, Каја Калас, исто така, не сака да ги пушти во земјата Русите кои се во бегство. Таа постојано ја повикува руската опозиција да обезбеди промена на режимот во сопствената земја. И Литванија не сака да слушне за автоматски азил за избеганите Руси. Негативен став зазема и владата во Чешка. Финската влада размислува целосно да го запре транзитот за руски граѓани.

- повеќе„Никој не сака да војува за интересите на Путин“

Рускиот опозициски политичар Лев Шлосберг ги критикува ваквите одлуки. Во интервју за Дојче веле, тој ги обвинува владите во Источна Европа дека попуштиле под притисокот на десничарските популистички сили и дека градат нова железна завеса: „Порано или подоцна сите повторно ќе живееме во мир. И колку е поголем јазот меѓу нас сега, толку потешко ќе биде за сите да бидеме повторно заедно“.

- повеќеСинот на Песков не сака да оди во Украина, татко му го зема во заштита

Но, патот дотаму е долг, смета 28-годишниот Михаил Бајанкин. Тој не знае дали некогаш ќе го дочека тој ден на мир. Магационерот од Череповец вели дека за неговата влада човечкиот живот е безвреден: „Ни велат, оди на фронтот. Но, не им е грижа дали некогаш ќе се вратиме. Ние за нив сме само топовско месо.“

Ниту Валериј Клепкин не верува во среќна иднина во Русија, барем не во догледна иднина: „Кога избувна граѓанската војна во Русија пред повеќе од сто години, моите тогашни сонародници не можеа да замислат дека советскиот тоталитарен режим ќе постои седумдесет години. Путин нема да биде толку долго на власт, но ќе биде неколку децении.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми