Бегството на Ива Михајлова не е срам само за Северна Македонија, туку е и за Бугарија, која секојдневно ја прозива Северна Македонија за неевропско однесување. Па, ајде сега да видиме колку е Бугарија европска земја, а колку е само држава која личи на своите балкански браќа и сестри за чиј што прием во ЕУ се буни затоа што не исполнувале европски стандарди.
Владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури. Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот.
Фактот што министерот за внатрешни работи на Бугарија ѝ нуди заштита, е чин на инволвирање на официјална Софија во бегството на Михајлова. А фактот, пак, што бегството се случи неколку дена по средбата на Муцунски со бугарската колешка ја компромитира и македонската Влада. Вистинска срамота за нас е и што бугарскиот амбасадор даде изјава пред тоа да го стори македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, под чија надлежност се граничните служби. Молкот на најодговорните за бегството на Михајлова од оваа страна на границата, само го засилува сомнежот за вмешаност на македонските органи во нејзината „расхотка“ до Бугарија.
И време е за оставки.
Перење од одговорност
Нашата држава не смее да остане инертна за овој случај бидејќи од највисоко место во Бугарија е обвинета за дискриминација на бугарски граѓанин. Откако ќе го расчисти бегството внатре, случајот мора веднаш да го изнесе пред европските институции. Лежерноста со која Михајлова пред бугарските медиуми вели дека ја поминала границата со македонска и со бугарска лична карта иако станува збор за граничен премин меѓу земја надвор од ЕУ и земја членка на ЕУ, е доволен доказ дека се работи за криминал.
И тоа треба да ѝ биде јасно на бугарската страна ако навистина се грижи за законот. Оттука, ако Бугарија сака навистина да личи на европска земја, а не само преку формално членство во ЕУ, треба да ја врати Михајлова на македонските судови, каде ѝ се суди за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици.
Од изјавата на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, Желјазко Радуков, може да се заклучи дека Бугарија се пере од одговорност, нарекувајќи го бегството „хуманитарен случај“ и акт од „очај“ предизвикан од ниската доверба во судството. За Бугарија, која прва го политизираше случајот, бегството доби други квалификации во обид да избегне одговорност што дава засолниште на лице кое бега од правдата откако предизвикало сообраќајна несреќа во која загинал млад граѓанин на Северна Македонија.
Сообраќајната несреќа за коja ѝ се суди на Михајлова се случи во октомври 2025 година на патот Штип–Кочани, при што загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Скопско. Михајлова, според обвинението, е причинител на несреќата и е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а судската постапка сè уште трае.
Реторика за политички цели
Но, тоа не пречеше бугарските медиуми и политичари да ја претстават Михајлова пред нивната јавност и во Брисел како жртва на „репресија“ поради бугарска самосвест. И дека македонското здравство не може да ја лекува, туку само бугарското.
Во меѓувреме, Михајлова во бугарски медиуми со реторика која им служи на бугарските цели, ја обвинува Северна Македонија за „репресија“, а нејзиниот татко, Симеон Михајлов, осуден на 12,5 години затвор од македонските правосудни органи и баран со меѓународна потерница, исто така се појавува во бугарски медиуми и ја брани ќерка си, нарекувајќи ја С. Македонија „сурова земја“.
Очигледно е дека е ова битка што треба да го засили тонот на пропагандата дека во нашата држава се кршат правата на Бугарите, а конечната цел е да се добие „војната“ и да се зацврсти впечатокот во европската јавност дека Северна Македонија не заслужува членство во ЕУ без за тоа да добие зелено светло од Бугарија.
Секако дека бегството на Михајлова не само што ја доведува во прашање функционалноста на нашата гранична контрола, туку и отвора сериозни сомнежи за можни злоупотреби. Да не заборавиме дека со премолчување или со амин од македонска страна, лица од Бугарија кои имаат забрана за влез во нашата земја слободно ја поминуваа границата и доаѓаа на судските рочишта за Михајлова, каде што правеа видео снимки кои потоа беа користени за политизирање на случајот.
Оттука, освен оставки, јавноста заслужува да добие и објаснување што се случува на нашата источна граница и од каде толкава порозност наспроти усвитените односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
