Бегството од Газа оди бавно, стравот за заложниците е голем
17 септември 2025
Бесконечна колона од возила, коњски коли и луѓе кои пеш се обидуваат да избегаат од градот Газа, во насока на југ, до бегалскиот камп Ал Маваси. Триесет километри бавно темпо, чекор по чекор. Патот е безнадежно пренатрупан.
Зијад Кахлут од градот Газа стои пред кола натоварена со она малку што му останало. Се чини дека се помирил со својата судбина. Тој вели: „Изгубивме сè. Ги изгубивме нашите животи и сите наши работи. Ги изгубивме нашите пари и нашите домови. Што друго ќе се случи?“
„Уморни сме“
По речиси две години војна, луѓето од Појасот Газа се очајни и уморни. Повторно се принудени да бегаат. Палестинците се поместуваат напред-назад низ тесниот крајбрежен појас како на шаховска табла.
Самира Иса целиот свој живот живеела во градот Газа. Бомбардирањето во изминатите денови и недели длабоко ја погодува. Палестинката се чувствува како нејзината татковина да е неповратно изгубена: „Целата ситуација се карактеризира со уништување и смрт. Висококатниците се дигнати во воздух. Се градеше со години, а сега сè е срамнето со земја. Немаат оставено недопрено место од уништувањето“, вели таа. „Ги молам целиот свет и сите арапски нации, сите кралеви и претседатели, да ни помогнат, да нè спасат. Уморни сме.“
Околу 200.000, можеби 300.000 луѓе го напуштиле градот Газа по наредбите на израелската војска за евакуација. Но, според армијата, во градот сѐ уште се 600.000 луѓе. Многу од нив одбиваат да заминат, и покрај огромниот воен притисок.
Армијата се подготвува за подолга герилска војна
Воен притисок што се зголемува. Армијата значително ги прошири своите операции во градот Газа. Според началникот на Генералштабот на армијата, Ејал Замит, таа навлегла длабоко во градот. Тој објасни дека се користи комбинација од копнени трупи, прецизни напади и висококвалитетно разузнавање.
Но, и покрај јасната воена супериорност, израелската армија се подготвува за подолга герилска војна со Хамас, нагласува портпаролката на армијата Ефи Дефрин: „Ќе дејствуваме сè додека не се постигнат воените цели. Не сме ограничени со време. Проценуваме дека ќе бидат потребни неколку месеци за да се преземе контролата врз градот и неговите тежишни точки, а уште неколку месеци или дури и подолго за градот да се исчисти. Ова е затоа што инфраструктурата на Хамас е длабоко вкоренета и добро развиена.“
Стравови за заложниците
Копнената офанзива и урбаното војување на Израел претставуваат голема опасност за сите вклучени страни, меѓу другите и за палестинското цивилно население и израелските заложници, кои сега наводно се користат како човечки штитови. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упати недвосмислена закана до Хамас: „Ако допрат барем едно влакно од заложник, едно влакно, ќе ги ловиме со голема сила до крајот на нивниот живот, а тој крај ќе дојде многу порано отколку што некои луѓе мислат.“
Нетанјаху за тоа добива поддршка од Доналд Трамп. Ако Хамас прибегне кон старата тактика на човечки штитови, ќе се соочи со големи проблеми, предупредува американскиот претседател.
Автор на текстот: Хулио Сегадор, АРД