1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сали и Спасовски на сослушување за скандалот со цитостатици

ДТЗ
10 октомври 2023

Поранешнот министер за здравство, Беким Сали вели дека не бил информиран за Като системот за контрола на цитостатици на Клиниката за Онкологија. Оливер Спасовски, пак, порача дека виновникот секогаш има име и презиме

Беким Сали
Поранешнот министер за здравство, Беким Сали вели дека не бил информиран за Като системот за контрола на цитостатици. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Анкетната комисија која што ја формираше Собранието започна со сослушување на сведоци и експерти и разгледување на акти и документи поврзани со скандалот во Универзитетската клиника за онкологија. Прв на сослушување беше повикан поранешнот министер за здравство, Беким Сали кој тврди дека за случајот дознал преку медиумите.

Тој рече дека не бил информиран дека Клиниката за онкологија располага со Като системот за автоматизирана подготовка на цитостатици, со што се оневозможува манипулации со цитостатиците, што пак кај дел од пратениците отвори сомнеж дека „некој го криел Като системот, бидејќи со него се решава еден горлив проблем на Клиниката за онкологија“.

Сомнежи околу Като системот

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски рече дека ги загубил двајцата родители од карцином, дека имало неред на Клиниката за онкологија, долги чекања на пациентите до вечерните часови.  Наведе дека е зачуден од неинформираноста на Сали околу постоењето на Като системот во клиниката, за коешто министерот рече дека за одговорни ги смета менаџерите на клиниката.  

Беким Сали на сослушување за скандалот со цитостатициФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не сум можел да знам се што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија“, рече поранешниот министер за здравство.

Сали наведе дека за време на неговиот мандат како министер, побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради „неефективно менаџирање откако не изготвил извештај за работата на клиниката кој бил побаран од него“.

Виновникот има име и презиме

На седницата е поканет да сведочи и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој синоќа за „360 степени“ на МРТ1, прашан за случајот Онкологија, рече дека очекува дека сите факти и аргументи да бидат потврдени, обезбедени и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што порача, виновникот секогаш има име и презиме. 

Претседателката на Анкетната комисија, пратеничката Рашела Мизрахи, во гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, посочи дека како политичка партија поднеле дури 44 сведоци кои ќе треба да сведочат во врска со случајот со злоупотреби на Клиниката за онкологија.

Oливер Спасовски порача дека виновникот секогаш има име и презимеФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Комисијата која што беше формирана за случајот со Онкологија, ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.

Анкетната комисија е формирана откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство.Пациенти болни од рак и нивните семејства секој понеделник протестираат и бараат правна разврска на случајот.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми