1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГлобално

Бела Чао: Симбол на разделбата со угнетувањето

Бренда Хас
20 септември 2025

Поглед врз еволуцијата на италијанската протестна химна Бела Чао, од нејзиното нејасно потекло до ремиксите на ТикТок и феминистичките маршеви.

Постер на италијанската демократска партија на кој пишува Бела Чао
Означена како антифашистичка химна, „Бела Чао“ се пее секоја година на 25 април за Денот на ослободувањето на ИталијаФотографија: Brancolini/Fotogramma/ROPI/picture alliance

Не беше напишана како романтична проштална песна, но Бела Чао („Bella Ciao“)- што значи „збогум, убавице“ на италијански- е песна што стана симбол на разделбата со угнетувањето.

Кога фразата беше пронајдена изгравирана на неистрелана чаура поврзана со човекот обвинет за убиството на конзервативниот американски активист Чарли Кирк, тоа не беше само некоја мистериозна трага. Тоа беше рефрен натоварен со историја, извлечен од вековна италијанска протестна песна, која одамна е глобален симбол на отпор.

Иако врската со убиството на Кирк останува нејасна, ова откритие фрли ново светло врз мелодијата што еволуирала од партизански движења до поп-културни плејлисти.

Различни приказни за потеклото

Широко е означена како антифашистичка химна, „Бела Чао“ се пее секоја година на 25 април за Денот на ослободувањето на Италија, со кој се одбележува крајот на фашистичката диктатура на Бенито Мусолини и нацистичката окупација. Најпознатата верзија ја раскажува приказната за партизан без јасна политичка припадност, кој умира за слободата, барајќи да биде закопан „под сенката на убав цвет“.

Но потеклото на песната не е многу јасно. Некои историчари ја следат мелодијата (без текст) до снимка од 1919 година на музичарот од Одеса, Мишка Зиганоф.

Други укажуваат на народна песна што ја пееле „мондине“, жени што плевеле оризови полиња во Северна Италија, протестирајќи против суровите работни услови. Таа верзија, исто така наречена „Bella Ciao“, има малку заедничко со партизанската химна освен насловот. 

Верзијата на Бела Чао што ја знаеме станала позната преку изведба на италијанско-францускиот актер Ив Монтан. На фотографијата (десно) со Роми ШнајдерФотографија: SPARTACO BODINI/AP/picture alliance

Партизанската верзија што ја знаеме денес се утврдила во раните 1960-ти, особено преку изведба на италијанско-францускиот актер Ив Монтан. Како што забележаа истражувачите од Универзитетот во Утрехт, Даниеле Салерно и Марит ван де Варенбург, во нивната студија од 2023 година, моќта на песната не лежи во нејзиното потекло, туку во нејзината прилагодливост.

Тие ја опишуваат „Бела Чао“ како „пренослив споменик“- културен артефакт што носи сеќавање низ време и простор.

„Бела Чао постојано се преработува, повторно се користи и се преместува во различни и нови контексти и медиуми, и за различни цели“, напишаа тие. 

Од отпор до ремикси 

Иако не била широко пеена за време на Втората светска војна, „Бела Чао“ го дефинира начинот на кој Италијанците се спротивставиле на фашизмот по војната. Со текот на децениите, ја прифатија левичарски движења низ Европа и пошироко.

Во јануари годинава, левичарски активисти во Германија ја пееја песната на протест против крајно десничарската партија АфД.

Во 2024 година, левичарски членови на Европскиот парламент ја испеаја во знак на протест против политиките на унгарскиот премиер Виктор Орбан, што го поттикна претседателката на парламентот Роберта Мецола да се пошегува: „Ова не е Евровизија.“

Во 2021 година, демонстранти во Ерусалим, кои се спротивставуваа на власта на премиерот Бенјамин Нетанјаху и покрај обвиненијата за корупција, ја пееја „Биби Чао“ во очекување на неговото заминување — „Биби“ е неговиот прекар.

Карло Пестели, автор на книгата „Бела Чао: Песната на слободата“, изјави во 2022 година дека привлечноста на песната лежи во нејзината прилагодливост и мелодиска едноставност.

„Не беше комунистичка песна, туку манифест за слобода... претставува аполитички вредности што секој може да ги разбере и сподели... Исто така, лесна е за пеење, со заразен рефрен што дури и оние што не зборуваат италијански можат да го запеат.“

Феминистички протести и балконски хорови 

Феминистички активисти исто така ја преработија заразната мелодија за своите цели. Активисти за правото на абортус во Аргентина и Полска ја искористија песната во 2018 и 2020 година, критикувајќи ги владите за неповолни закони против репродуктивните права на жените.

На 16 септември 2022 година, денот кога 22-годишната Џина Махса Амини почина по апсењето од иранската морална полиција поради „неправилно носење хиџаб“, сестрите Самин и Бехин Болури испеаја персиска верзија на „Бела Чао“ во објава на социјалните мрежи што стана вирална. 

Песната беше користена и од движењата Окупирај го Волстрит (Occupy Wall Street) и Петоци за иднината (Fridays for Future)Фотографија: Marc Vorwerk/SULUPRESS/picture alliance

Овие локализирани адаптации го одразуваат она што Салерно и ван де Варенбург го нарекуваат „транснационален активизам“, каде песната, користена и од движењата Окупирај го Волстрит (Occupy Wall Street) и  Петоци за иднината (Fridays for Future), станува средство за нови борби без да ја изгуби својата историска тежина. Но нејзиното влијание се прошири далеку надвор од политиката. Се пееше од балкони во Италија за време на карантинот поради Ковид-19 и дури беше преработена од фудбалски навивачи во поддршка на нивните клубови. 

Дигитална преработка 

„Бела Чао“ голем дел од својата современа популарност и ја должи на шпанската криминална драма на Нетфликс  „La Casa de Papel“ (или „Кражбата на пари“), која и ја претстави песната на глобалната публика.

Верзијата од серијата, ремиксирана од продуцентите на електронска музика Ел Професор и Хугел, досега има собрано над 200 милиони прегледи на Јутјуб. Десетици верзии, вклучувајќи и инди интерпретации, можат да се слушнат и на Спотифај (Spotify).

Песната се појави и во гејмерската култура, вклучена во „Фар Крај 6“ и користена на ТикТок за видеа од играта Повик на должност („Call of Duty: Warzone“). 

Наследство што ги надминува идеологиите

„Бела Чао“ ја користеле движења низ континенти и идеологии, од антифашистички и феминистички активисти до климатски демонстранти и креатори на поп култура. Нејзината прилагодливост ја направи постојан елемент во моменти на отпор, солидарност и сеќавање.

Без разлика дали се пее на протест, се ремиксира онлајн или се споменува мистериозно на чаура, „Бела Чао“ продолжува да служи како сигнал, не за одредена идеологија, туку можеби за самиот отпор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми