Обвинителката Ристоска се жали на притисоци од ВМРО-ДПМНЕ
16 октомври 2025
Обвинителката Ленче Ристоска вели дека е мета на притисок и заплашување поради двете постапките коишто ги води, а со кои е засегната владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. По одлуката „Белата палата“ и останатите 68 недвижности во сопственост на владејачката партија да останат замрзнати, ВМРО-ДПМНЕ на веб- страницата објавија соопштение со наслов: „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“.
„Ова соопштение го доживувам како притисок и заплашување од лице за кои се води кривична постапка врз јавен обвинител“, вели Ристоска во објава на социјалните мрежи.
Според неа, соопштението на ВМРО- ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт во Македонија, не е само критика на нејзината работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, тоа испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз нејзината работа како јавен обвинител.
„Впрочем ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период“, посочува Ристовска.
Обвинителката Ристоска постапува по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а неодамна со одлука на кривичниот суд во Скопје, останаа замрзнати партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките.
„Бонуси, награди, привилегии“
Соопштението е објавено на 14 октомври. Во него се наведува дека „Ленче Ристоска, поранешната ’ѕвезда’ на пропаднатото СЈО, последна има право да зборува за плати, правда и морал. „Ако некој знае што значи „повисока плата“, тоа се токму тие што си делеа бонуси, награди и привилегии додека обвинителството им се распаѓаше под тежината на сопствените злоупотреби“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека „јавноста добро се сеќава на времињата кога Ристоска и нејзините колеги користеа службени картички, патувања и дневници со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети.
Барање за извинување
Ристоска бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ во рок од седум дена од соопштението или да ги докаже своите тврдења дека нејзиното професионално делување било „инструирано од политички чинители и криминални структури, дека самата си исплатувала бонуси и награди и користела службени картички“.
„Во спротивно, ќе поведам постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице кое го објавило текстот“, вели обвинителката.
Ристоска порачува дека како обвинител има право и обврска јавно да зборува за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на нејзиниот професионален интегритет. „Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“, порачува таа.
Судирот меѓу Ристоска и премиерот Христијан Мицкоски исплива на површина откако Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур, на која беше и поранешната специјална обвинителка.
Ристоска ги води случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на „Белата палата“.