1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград-Загреб: шпионски игри во предизборен период

Ивица Петровиќ
24 ноември 2023

Протерувањето на хрватските и српските дипломати е обновување на кризата во односите меѓу двете земји, оценуваат соговорниците на ДВ, кои посочуваат дека тоа очигледно се случува во функција на предизборната кампања.

шпионирање
„Дипломатско-шпионската“ афера дополнително ги раздвои Белград и ЗагребФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Хрватскиот дипломат Хрвоје Шнајдер, како што пренесуваат белградските медиуми, повеќе од една година бил следен од Безбедносно-информативната агенција (БИА) и било утврдено дека имал средби со српски политичари, бизнисмени, новинари и активисти од невладиниот сектор, што било доказ за неговата разузнавачка работа. Темите кои, според медиумски извори, го интересирале првиот секретар на хрватската амбасада во Белград, биле предизборните активности во Србија, домашната партиска политика, косовското прашање, односите на Србија со Русија и Кина, економските услови, како и состојбата во воениот сектор. 

Предизборно претерување 

Уредникот на неделникот „Време“, Филип Шварм, забележува дека „врз основа на таквото објаснување, секој дипломат во Белград е шпион. Затоа целата ситуација ја гледам како предизборен потег, каде што протерувањето на хрватскиот дипломат ќе им донесе некои поени на десницата“, вели Шварм за ДВ. 

Филип Шварм: Целата ситуација ја гледам како предизборен потегФотографија: DW/N. Rujevic

Извесното затоплување на меѓусебните односи меѓу Белград и Загреб, кое траеше од минатиот Божик, сега повторно е нарушено поради оваа дипломатска криза, оценува за ДВ Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. Тој наведува дека „морало да се најде некоја причина во српското објаснување, но мислам дека тоа е во описот на работата на луѓето кои се во амбасадите. Очигледно ова е во функција на предизборната кампања, па дури мислам дека тоа е во корист и на Белград и на Загреб, бидејќи и Хрватска се подготвува за избори. Двете страни така можат да се докажат како единствени заштитници на националните интереси“, посочува Попов. 

Моќна хрватска шпионажа? 

Зошто токму хрватскиот дипломат беше протеран во овој момент? Филип Шварм смета дека „со тоа на некој начин и се покажува на таблоидната публика и на десничарскиот електорат како се ловат хрватските шпиони и дека тоа е тонот што тие сакаат да го претстават во предизборната кампања“.

Таблоидите во Србија со години ги имаат активностите на хрватските тајни служби како една од главните теми. Се тврди дека хрватската тајна служба е една од најактивните во Србија, а дури како извесна критика на властите се наведува дека хрватските шпиони практично непречено роварат низ Србија. 

Таблоидите во Србија со години ги имаат активностите на хрватските тајни служби како една од главните темиФотографија: Rüdiger Rossig/DW

Филип Шварм истакнува дека „таблоидите не можат да ја критикуваат власта, бидејќи оваа власт целосно ги контролира. Тоа е пропагандна приказна, бидејќи гледаме дека Александар Вучиќ и Српската напредна странка (СНС) сакаат да се надмудруваат и да се споредуваат со Хрватска. Имам впечаток дека ова е инверзија на ситуацијата во Хрватска пред 15-20 години - тогаш сѐ беше масло на српската тајна служба, сѐ беше УДБА, сѐ беше КОС, а тоа беше пропагандата што ја промовираше ХДЗ. Сега ситуацијата се сврте и за Вучиќ сега виновени за сѐ се хрватските тајни служби кои роварат низ Србија“, забележува уредникот на „Време“. 

А што прават другите амбасади?

Александар Попов додава дека „пред еден месец домашните таблоиди предупредија дека доаѓа голема шпионска офанзива и дека во Србија ќе дојдат 3.000 шпиони за да им платат на младите по сто евра да не гласаат за СНС. Тоа го гледам како дел од таа приказна и дека мораше да се покаже дека тоа е вистина“.

Директорот на Центарот за регионализам вели дека објаснувањата на српската страна се неубедливи, бидејќи секоја амбасада има луѓе кои се занимаваат со прашања кои овде се обидуваат да бидат претставени како некоја голема тајна: „Можете ли да замислите што работи тогаш руската амбасада или амбасадите на некои други помоќни земји? Кога веќе има одиум кон Хрватска, тогаш најлесно е да се насочи кон соседната земја“, вели Попов. 

Александар Попов: Дури мислам дека тоа е во корист и на Белград и на Загреб, бидејќи и Хрватска ја чекаат избориФотографија: Media Center in Belgrade

Заладени односи

Според принципот на реципроцитет, хрватската страна го протера конзулот на српската амбасада во Хрватска, Петар Новаковиќ. Министерството за надворешни работи на Србија тврди дека тоа нема никаква врска со реципроцитет и дека српскиот конзул на ниту еден начин не ја прекршил Виенската конвенција. Во соопштението на Министерството за Србија се наведува и дека конзулот стапил на должност во средината на септември 2023 година и затоа од Хрватска се бараат докази дека за само два месеца успеал да ги прекрши одредбите од Виенската конвенција.

Мини-дипломатската криза секако нема да се одрази поволно на односите меѓу двете земји, кои, како што забележува Александар Попов, се и онака лоши. „Мислам дека сето ова се случи бидејќи во претходниот период двете земји имаа само протоколарни средби, на кои не се реши ниту едно отворено прашање. А, такви прашања има многу: границата на Дунав, исчезнатите лица, процесуирањето на воените злосторства, како и малцинските прашања“, вели Попов.

Филип Шварм, пак, смета дека тоа „нема да влијае на вистинските односи меѓу граѓаните на Србија и Хрватска“. Доволно голем број луѓе од Србија летуваат во Хрватска, голем број хрватски граѓани доаѓаат во Белград за Нова година, на концерти и слични работи и тука всушност замира националистичката политика. Можеби затоа тие односи ќе се влошат што се однесува до двете земји, но нема да се влошат што се однесува до граѓаните на Србија и Хрватска“, заклучува уредникот на неделникот „Време“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми