1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок: Без уставните измени не може да се продолжи кон ЕУ

БГ
15 октомври 2024

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите

Аналена Бербок Тимчо Муцунски
Бербок: Без уставните измени не може да се продолжи кон ЕУ Фотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek/picture alliance

„Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ“, порача германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Берлин. Средбата доаѓа еден ден по самитот на Берлинскиот процес кој се одржа во главниот град на Германија, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.

На прес-конференцијата по средбата со Муцунски, Бербок зборуваше за уставните измени како клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, иако и самата потенцираше дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето. 

Таа се надева дека може да се случи пробив на тој план по парламентарните избори во Бугарија на крајот на месецов.

„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи“, рече Бербок. 

Компромисот не е неправда  

Во тој контекст, германската министерка рече дека е најважно лидерството.

„Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството. Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Ние, како Германија, сакаме да помогнеме тоа да се случи и во прашањето на Северна Македонија и Бугарија".

Според Бербок, во случајот на Северна Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.

„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, рече Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми