1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква корист има од германската блискоисточна дипломатија?

5 септември 2024

Германската министерка за надворешни работи Бербок повторно патува на Блискиот Исток. Таа ќе го посети Израел по деветти пат по нападот од Хамас. Што постигна германската дипломатија до сега?

Аналена Бербок во посета на Риад, Саудиска Арабија
Аналена Бербок во посета на Риад, Саудиска АрабијаФотографија: Thomas Koehler/AA/photothek.de/picture alliance

Не помина ни една недела од нападот на Хамас кога Аналена Бербок прв пат допатува на југот на Израел во градот Нетивот, само неколку километри оддалечен од Појасот Газа. „Безбедноста на Израел за нас е државен резон. Германија цврсто стои на страната на Израел. Израел може да смета на нашата целосна солидарност и полна поддршка каде и да е, или биде потребно“, го појасни таа тогаш ставот на германската дипломатија. Германската поддршка:  експорт на оружје  и политичка поддршка во Обединетите нации. Бербок повеќекратно патува во регионот. Покрај солидарноста за Израел, има и сѐ погласни критики за израелскиот начин на водење на војната, како во јануари годинава. „Израелската армија мора да вложи повеќе напори за да ги заштити палестинските цивили во Газа. Таа мора да најде начини да се бори против Хамас без да нанесува штета на животот и здравјето на толку многу палестински цивили“, рече таа.

Солидарност и критика  – Бербок се обиде со двете.  Германија изгуби многу од довербата.

Но, експертот за Блискиот Исток, Даниел Герлах смета дека таквата диференцирана позиција не се перципира на тој начин „ниту во другите европски земји, ниту на Блискиот Исток. И не знам на што министерката за надворешни работи ја базира својата убеденост дека нејзината наводно нијансирана позиција наидува на некаков прием во светот“, вели Герлах. Тој седи во хотелска соба во Багдад, каде што води една конференција. Тој смета дека проблем е што блискоисточната политика не се крои само во министерството за надворешни работи, туку и во владиниот кабинет, затоа што таму според него едвај кого го интересираат  проблемите на Палестинците.Позицијата на сојузната влада –  цврсто на страната на Израел -  е на внатрешнополитички план неспорна. Но,  на меѓународен план Германија сепак загуби доверба  како резултат на тоа, а особено во арапскиот свет и на глобалниот југ.

Експерт за Блискиот Исток бара Европа да заземе заеднички став

Герлах смета дека Германија мора да ја искористи својата политичка тежина за да поттикне наоѓање заедничка позиција во Европа, на пример кога се работи за осуда на насилството од страна на радикалните доселеници на окупираниот Западен Брег, или санкциите против двајца десно-екстремни министри во израелската влада.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, април 2024 годинаФотографија: Ilia Yefimovich/dpa/picture alliance

„Европските држави немаат можност да донесат заедничка одлука бидејќи, поради правилото за едногласност, постојат одредени држави, особено Унгарците, кои сега и претседаваат со Советот, кои спречуваат такви одлуки бидејќи се целосно на линијата на Нетанјаху. Се разбира, Германија секогаш може да каже-ние можеби би биле за, но не можеме да го наметнеме тоа на европско ниво“. Според впечатокот на Герлах, Германија во нејзината блискоисточна политика се крие зад САД.

Останува на апели

Толку често колку што Бербок го посети регионот, тоа го има сторено само уште американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. И двајцата секогаш се во тесна координација. Но, за разлика од САД со нивното воено присуство во регионот, Германија едвај да има некакви средства за притисок, па така често останува на апели од министерката за надворешни работи. Во март годинава таа предупреди да не им се ускратува хуманитарната помош на луѓето во Газа. „Тоа создава глад и предизвикува страдање и нова омраза во срцата на толку многу луѓе. Сите знаеме дека отпорот кон решението со две држави е огромен. Но, исто така знаеме дека без перспектива за решение со две држави нема да има мир“, посочи Бербок.

Вакви апели за политичко решение ќе се слушнат и на ова патување на Блискиот Исток, во Саудиска Арабија, Јордан и Израел. Но, тие до сега немаа голем ефект, вели Герлах и додава дека „на крајот, освен малите успеси во хуманитарната помош, всушност моравме да увидиме дека нашиот принцип е: Израелците барем не слушаат и затоа не се изразуваме критички во јавноста, бидејќи сакаме Израелците и натаму да имаат отворен канал со нас. Но, сето тоа очигледно немаше никаков резултат“, вели тој. Баербок пак, не дозволува да биде обесхрабрена. За време на нејзината последна посета на Израел на крајот на јуни, таа јасно стави до знаење дека резигнацијата не е опција за неа.

Автор: Бјерн Даке, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми