1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок: Земјите од Западен Балкан целосно припаѓаат во ЕУ

СН/агенции
5 декември 2023

Со оглед на руската агресорска војна во Украина, која трае речиси две години, приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важен придонес за безбедноста на Европа, порача шефицата на германската дипломатија.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок за време на министерската средба на ОБСЕ во Скопје на 20 ноември, 2023
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок за време на министерската средба на ОБСЕ во Скопје на 20 ноември, 2023Фотографија: Sebastian Gollnow/AFP/Getty Images

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, спроти денешната (05.12.2023) посета на Словенија изјави дека земјите од Западен Балкан целосно припаѓаат во Европската унија и дека целта на Германија е зајакнување на ЕУ, во која ќе бидат и земјите од регионот.

„Во свет во кој кризите и конфликтите се преклопуваат во непосредното соседство на Европа, потребна ни е Европска унија која ќе дејствува брзо и одлучно утре и задутре и ќе остане безбедносно сидро за сите нас во Европа. Германија и Словенија се обединети во зајакнување на нашата заедничка Европа, да ја направиме погодна за иднината и да ги вклучиме меѓу нас земјите од Западен Балкан. За нас силна Европска Унија, исто како и НАТО, е незаменливо животно осигурување во неизвесни времиња“, се наведува во соопштението на Бербок објавено на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи. Таа порача дека земјите од Западен Балкан „целосно и апсолутно“ припаѓаат во Европската унија.

Знамињата на ЕУ и на шестте земји од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

„Ова не се само празни зборови. Тоа е во наш безбедносен интерес - во Љубљана, во Берлин и во цела Европа. За да се постигне тоа, мора да се завршат неопходните реформи во земјите кои сакаат да станат дел од Европската семејство. Во исто време, ЕУ мора да го одржи зборот и да преземе чекори во процесот на проширување, кога за тоа ќе се исполнат условите“, наведе Бербок.

Бербок: ЕУ не смее да си дозволи „сиви зони“.

Таа додаде дека поради „рускиот империјализам во срцето на Европа“, ЕУ не смее да си дозволи „сиви зони“.

„Заедно со Словенија работиме на реформите во ЕУ за да го поставиме курсот за проширена Унија. Напредокот во политиката на проширување и внатрешните реформи на ЕУ мора да одат рака под рака“, нагласи шефицата на германската дипломатија.

Соте шест земји од Западен Балкан- Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија- имаат за цел да се приклучат на ЕУ, но се во различни фази на процесот на евроинтеграција. ЕУ веќе преговара за членство со Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија. Босна и Херцеговина се смета за земја кандидат, Косово за потенцијален кандидат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми