1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Бербок: Путин да одговара за „исконско злосторство“

ЕМФ | дпа
18 јули 2023

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок бара рускиот претседател Владимир Путин да биде изведен пред лицето на правдата поради „исконско злосторство“ во инвазијата на Украина.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Њујорк, 17.07.2023
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Њујорк, 17.07.2023Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин не застанува ниту кај најслабите, „кај децата“, туку ги вклучува во својата војна на уништување на брутален начин, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на одбележувањето на 25-годишнината на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Њујорк. Таа бара изведување на Путин пред лицето на правдата поради „исконско злосторство“ во војната против Украина. Освен тоа, Бербок побара и меѓународен напор за враќање на депортираните деца кај нивните родители.

„И покрај сите разлики, едно уверување треба да биде неспорно: депортираните деца им припаѓаат на нивните родители“, рече таа. „Ужасот на депортираните украински деца е врвот на ледениот брег на неискажливото страдање што војната во Русија им го донесе на толку многу деца ширум светот... Откако дознав за овие злосторства, не можам да престанам да замислувам како би се чувствувала доколку овие деца беа моите две мали ќерки“, рече Бербок.

Таа додаде дека знае оти и нејзините колеги од Африка, Азија и Латинска Америка го чувствуваат истото, дури и ако не сите во групата се согласуваат во врска со руската агресивна војна против Украина: „Човечкото е она што нѐ обединува“, рече шефицата на германската дипломатија, додавајќи: „Кога напаѓачот не застанува ниту кај децата, трагедијата се претвора во страшна нечовечност“.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли во Советот за безбедност зборуваше за варварски злосторства: „Русија се обидува да го избрише украинскиот идентитет и културната историја и ги користи децата како воен инструмент“, рече тој.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во разговор со луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн и шефицата на дипломатијата на Лихтенштајн, Доминик Хаслер во ЊујоркФотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Размена на удари меѓу Украина и Русија во Советот за безбедност

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба меѓу другото остро ја критикуваше Русија за суспендирање на договорот за житото. Владата во Москва сѐ повеќе ја губи контролата, оцени тој: „Режимот на Путин од ден на ден слабее. И неодамнешниот бунт на Вагнер му го покажа тоа не само на целиот свет, туку и на самите Руси“.

Заменик-амбасадорот на Русија во ОН, Дмитриј Полјански од друга страна, зборуваше за „заменска војна на НАТО против Русија“. Конфликтот во Украина е приватна воена кампања на Вашингтон, Лондон и Брисел, рече тој.

Бербок: Налогот за апсење на Путин е важен знак

Во март, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење против Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова за наводни воени злосторства во Украина. Тие, наводно, се одговорни за депортација на украински деца и малолетници од окупираните територии во Русија. Во овој контекст, Москва зборува за евакуации. Налогот за апсење издаден од МКС во март 2023 година против Путин беше важен знак, оцени Бербок.

Со оглед на немањето мнозинство за реформа на Римскиот статут како правна основа за МКС, Бербок рече: „Ние имаме одговорност да ги здружиме силите и да најдеме начини да го затвориме јазот во одговорноста за исконското (или првобитното, н.з.) злосторство“. Таа навлезе во детали кога зборуваше за нацистичките злосторства во Втората светска војна. „Мојата земја, Германија, водеше нечовечки агресивни војни и го изврши најгрозоморниот геноцид во кој загинаа милиони. Затоа имаме посебна одговорност дапридонесеме за вакви злосторства никогаш повеќе да не се повторат“.

Налогот за апсење издаден од МКС во март 2023 година против Путин беше важен знак, оцени БербокФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германската министерка за надворешни работи го обнови својот предлог за реформа на Римскиот статут. Таа смета дека тој треба да се промени така за фактите на агресивната војна да може да се следат без ограничувања. Според неа, би требало да биде доволно ако државата која е жртва на агресија е под надлежност на судот. Во моментов, само Советот за безбедност на ОН може да го упати случајот до судот, бидејќи ниту Русија ниту Украина не се договорни страни. Како постојана членка, Русија има право на вето во Советот за безбедност. Мнозинството гласови потребно за реформи не е на повидок.

Бербок повторно го поддржа предлогот да се бара одговорност од руското раководство за агресивната војна против Украина со специјален трибунал. Таквиот трибунал, според неа, би требало да се заснова на украинскиот закон. Меѓународните елементи би можеле да вклучуваат локација во странство, меѓународни судии и обвинители и соодветна резолуција на Генералното собрание на ОН.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми