1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок во Дамаск: Една понуда и многу барања за Сирија

АРД
3 јануари 2025

Еден месец по падот на Асад, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и нејзиниот француски колега се во Дамаск. Тие сакаат да ги обноват односите меѓу Сирија и ЕУ – но, поставуваат и услови.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Дамаск
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во ДамаскФотографија: Jörg Blank/dpa/picture alliance

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, допатува во ненадејна посета на Сирија. Заедно со нејзиниот француски колега Жан-Ноел Баро, а во име на  Европската унија,  таа сака да разговара со претставниците на привремената влада, која ја формираа бунтовниците. Двајцата политичари  меѓу другото имаат намера да се сретнат со водачот на исламистичките милитанти од Хајат Тахрир ал-Шамс (ХТС), Ахмед ал Шара.

На 8 декември ХТС стави крај на долгогодишното владеење на  Башар ал Асад  во Сирија, а Бербок и Баро се  првите министри за надворешни работи на ЕУ  кои ја посетуваат земјата по падот на Асад.

Во пресрет на нејзиното заминување, Бербок на новите владетели во Сирија им изнесе услови за обновување на односите со Германија и со Европската унија. Нов почеток меѓу Европа и Сирија,  меѓу Германија  и Сирија е можен“, изјави политичарката од редовите на Зелените, која како што вели, во главниот град на Сирија доаѓа со францускиот колега во име на ЕУ - „со подадена рака, но и со јасни очекувања од  новите владетели“.

Бербок повикува на заштита на жените и малцинствата

„Може да има нов почеток само ако новото сириско општество им обезбеди на сите Сиријци, и жени и мажи, без разлика на етничката  или верската припадност,  место во политичкиот процес, им обезбеди права и им понуди заштита“, вели Бербок. А тие права, додава таа, мора да бидат заштитени и не треба да бидат поткопани со „претерано долги рокови за избори или чекори кон исламизација на судскиот или образовниот систем“.

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок со нејзиниот француски колега Жан-Ноел Баро во озлогласениот затвор на режимот на Асад, СајднајаФотографија: Jörg Blank/dpa/picture alliance

Бербок вели и дека сака да ја поддржи Сирија за време на мирниот трансфер на власта, но и кога е во прашање помирувањето во општеството и обновата - сето тоа покрај хуманитарната помош која што му беше пружана на народот во Сирија во изминатите неколку години. Не треба да има место за екстремизам и радикални групи, нагласи таа.

Де факто владетелот со земјата, ал Шара, најави дека ќе свика конференција за национален дијалог во која ќе бидат вклучени сите слоеви од сириското општество. Според наводите во медиумите, таа ќе се одржи веќе кон средината на месецов. Сепак, како што додава, би можеле да поминат околу три години додека да се претстави новиот нацрт на Уставот и уште една година да се одржат избори.

Бербок: „Знаеме од каде идеолошки доаѓа ХТС“

Бербок, сепак останува скептична. „Знаеме од каде идеолошки доаѓа ХТС и што правеа во минатото“, вели германската министерка и додава дека постои желба за умереност, како и разбирање со другите важни играчи. Почетокот на преговорите со Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат Курдите, е важен знак во таа насока, оценува таа.

Милитантната група ХТС произлезе од Фронтот Ал Нусра, огранок на терористичката мрежа Ал Каеда. Ал Шара се отцепи од Ал Каеда и терористичката организација  Исламска држава,  но до ден денес има извештаи дека раководството на ХТС сè уште одржува контакти со Ал Каеда.

Бербок: „Ќе ја оценуваме ХТС според нејзините постапки“

Со оглед на овие околности, Бербок вели дека „ние ќе продолжиме да ја оценуваме ХТС според нејзините постапки, но и покрај нашиот скептицизам, не смееме да ја пропуштиме приликата да го поддржиме народот на Сирија на оваа важна раскрсница“. Бербок посочи дека Германија е посветена на тоа внатрешниот сириски процес да не биде нарушуван однадвор.

Тоа подразбира почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет од страна на сите соседни држави, додава таа, очигледно  алудирајќи на Турција  и Израел, земји кои ги обвинуваат дека следат сопствени интереси во Сирија. Исто така, време е, нагласува Бербок,  Русија да ги напушти своите воени бази во Сирија.  Москва со години беше еден од најважните сојузници на Асад.

По речиси 14 години граѓанска војна, арапската земја е расцепкана и поделена по верски линии. Дури и по падот на Асад, ривалските милитантни групи продолжуваат да се борат за власт. Големи делови од Сирија се уништени. Покрај тоа, има недостиг од работна сила и квалификувани работници, економијата е во пад, а валутата изгуби повеќе од 90 отсто од својата вредност од 2020 година до сега. Обезбедувањето јавни услуги е во колапс. Повеќе од 16 милиони луѓе зависат од хуманитарна помош.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми