1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФилмГлобално

Берлинале 2024: Пет контроверзи околу Мартин Скорсезе

Елизабет Грениер
21 февруари 2024

Скорсезе е добитник на почесната Златна мечка на овогодинешниот Берлински филмски фестивал. Во текот на својата кариера создаде бројни ремек-дела. Но, неговата креативност е проследена и со контроверзи.

Мартин Скорсезе
Мартин СкорсезеФотографија: Chris Pizzello/Invision/AP/picture alliance

Мартин Скорсезе е еден од најпознатите и најуспешните режисери и продуценти во Холивуд. Неговата колекција на награди и одликувања е импресивна. А, на 20 февруари 2024 година ќе стане побогата за уште едно признание. 81-годишниот режисер на Берлинале ја доби Златната почесна мечка за животно дело. Од 1967 година во раце ја држел режисерската палка во 26 играни филмови, а има режирано и бројни документарни филмови. Неговото последно дело е „Убијци на цветната месечина“ во кое тема е систематското убивање на домородци од Америка од племето Осаж во 20-тите години на минатиот век. Извршителите се бели доселеници кои сакале да освојат парче земја богата со нафта. Филмот се заснова на историски факти и беше номиниран во десет категории за Оскар, вклучувајќи ја и номинацијата на Лили Гладстон за најдобра актерка. Со тоа таа стана првата припадничка на американската популација на домородци која е номинирана за Оскар во категоријата за најдобра актерка.

И додека неговиот нов филм беше главно пофален, мислењата се разликуваат кај домородното американско население: „Главниот проблем е што таквите приказни се раскажуваат главно од перспективата на белите колонизатори“, рече Џереми Чарлс, режисер по потекло од племето Чероки, за весникот Њујорк Тајмс.

Но, ова не е прва критика која Скорсезе ја „собра“ за еден од неговите филмови. Неговите дела ја поларизираа јавноста дури и пред барањата за поголема различност и родова еднаквост да станат гласни во филмската индустрија.

Ви претставуваме пет контроверзии кои се исто така дел од наследството на режисерот Мартин Скорсезе.

„Таксист“ со Роберт де НироФотографија: akg-images/picture alliance

1. Приговор за глорификација на насилството 

Веќе во рана фаза од неговата кариера, режисерот Скорсезе се профилираше со неговите типични теми како што се мачизам или демонстрација на моќ. Насилството во филмот „Таксист“ (1976) и фактот што тогаш 12-годишната Џоди Фостер ја играше улогата на малолетна, детска проститутка, го направи ова дело контроверзно, иако беше наградено со Златна палма.

Наводно, „Таксистот“ бил една од причините за болната опсесија на човекот по име Џон Хинкли Џуниор, кој во 1981 година се обидел да го убие тогашниот американски претседател Роналд Реган, а тоа било затоа што тој, како што тогаш се зборувало , „сакал да ја импресионира Џоди Фостер“.

Некои од критичарите на Скорсезе се на мислење дека режисерот треба подиректно и појасно да го осуди однесувањето на своите протагонисти во неговите филмови. Но, Скорсезе смета дека таквите морални ставови се „повеќе од здодевни“, како што неодамна изјави во интервју со Тимоти Шаламет за магазинот GQ. Тој мислеше на реакцијата на филмот „Волкот од Волстрит“ (2013). И тој филм се најде под сомнение дека „го величи психопатското однесување“. 

2. Скорсезе и Католичката црква – комплициран однос 

Пред да ја открие својата страст за киното, Скорсезе сакал да стане свештеник. До денес, тој е убеден католик кој јавно ја живее својата вера.

Многу од неговите филмови се вртат околу религиозни прашања. Но, со филмот „Последното искушение на Христос“ (1988), тој ги налути конзервативните католици.

Во филмот има и халуцинаторна секвенца, во која Исус (го игра Вилем Дефо) има секс со Марија Магдалена. Проекцијата на филмот беше проследена со протести. Филмот беше забранет во различни земји, вклучувајќи ја и Аргентина, татковината на сегашниот папа Франциско.

Во меѓувреме се чини дека малку се „загреа“ односот меѓу Ватикан и провокативниот режисер. По прикажувањето на неговиот филм „Тишина“ (2016) за прогонството на језуитските христијани во Јапонија во 17 век, Скорсезе за прв пат се сретнал со сегашниот папа. На почетокот на оваа година режисерот најави дека има намера да сними нов филм за Христос, кој треба да се базира на романот „Животот на Исус“. 

3. Конфликт со фановите на Марвел 

Во интервју за списанието Empire во 2019 година, Скорсезе рече дека филмовите за суперхерои на Марвел не се кино за него. Тој ги спореди со забавни тематски паркови и тврдеше дека им недостига емоционална и психолошка длабочина - односно, оние работи што ги поврзува со вистинското кино. 

Режисерите и ѕвездите на филмскиот универзум на Марвел беа замолени да ги коментираат изјавите на Скорсезе. Целата работа во меѓувреме прерасна во вистинска расправија меѓу Скорсезе и обожавателите на блокбастери со суперхерои. 

4. Скапото партнерство на Скорсезе со Нетфликс 

Иако претходно беше на мислење дека стриминг платформите го „девалвираат“ киното, тој сепак почна тесно да соработува со Нетфликс. Стануваше збор за проектот „Ирецот“ (2019), неговиот филм во кој глумат Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.

Скорсезе тогаш рече дека никој во Холивуд не е подготвен да плати за продукција која ја користи револуционерната – и скапа – технологија на „De-Aging“. Буџетот беше 250 милиони долари. Како што пишува Холивуд Репортер, Нетфликс во моментов ја доведува во прашање својата стратегија.  

5. Ретки женски ликови 

Ова е една од дебатите што го следеа Скорсезе во текот на целата негова кариера, а потоа повторно се вжешти по објавувањето на „Ирецот“ – филм кој трае три и пол часа, а во кој женските ликови имаат по само неколку реченици.

Како и да е, погледот на филмографијата на Скорсезе открива дека тој исто така режирал филмови со силни женски главни улоги, односно дека снимал и нијансирани прикази на жени, како што се „Алиса веќе не живее овде“ (1974) и „Доба на невиноста“ (1993) или неговата актуелна серија на Нетфликс за њујоршката икона Фран Лебовиц.

Скорсезе ја опишува својата работа како истражување на човештвото, како нешто што нема многу врска со родовата сегрегација, како што рече неодамна во интервју за весникот „Гардијан“: „Се обидувам да откријам кои сме ние како луѓе, како организми, од што се направени нашите срца“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми