1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беса Адеми: Одредени измени на КЗ носат големи ризици

ДТЗ
15 септември 2023

Зошто Врховниот суд е „заобиколен“ при донесувањето на спорните одредби од Кривичниот законик? Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми вели дека измените на КЗ се донесени без да се слушне судската фела

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми
Претседателката на Врховниот суд, Беса АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Измените на Кривичниот законик коишто неодамна беа усвоени на забрзан начин од македонското Собрание, со кои се намалуваат максималните законски казни, што има импликации и врз застарувањето на предметите за корупција на високо ниво, предизвикаа остра реакција на Врховниот суд во Северна Македонија. Највисоката судска инстанца им порача на политичарите дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди и јасно застана зад позициите на Европската комисија. 

Ова ретка реакција на Врховниот суд го пробуди интересот во јавноста. Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми за Дојче веле ја образложува реакцијата на највисоката судска инстанца и ги потенцира ризиците коишто ги носи брзата измена на Кривичиот законик. 

Потреба од широка и аргументирана дебата

„За законските измени во врска со злоупотребата на службената положба и овластување требаше да има широка и аргументирана расправа. Но, во Врховниот суд беше доставена верзија во која не беа инкорпорирани предлозите кои предизвикаа силни реакции во јавноста, меѓу кои и членот 353, којшто се однесува на „злоупотреба на службената положба и овластување““, вели Адеми.

Но, тоа е и спорно за врховните судии, бидејќи тие во минатото немале ниту забелешки за висината на казните за овие кривични дела, ниту пак барале нивно ублажување.

Клучната новина во неодамна усвоените измени, коишто се  под лупа на Брисел и Амбасадата на САД во Скопје, е бришењето на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот закон кој предвидува затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. По овој член се гонети голем број државни и владини функционери во изминатите години, а бројни случаи се уште се во тек. Со укинувањето на овој член, активните постапки ќе запрат, а неактивните ќе застарат. 

Владата во образложението наведе дека измените на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик  кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и овластување, се потребни затоа што станува збор за „реликти од казненото законодавство во поранешна Југославија“. Членот 394 го регулира ткн. „злосторничко здружување“ и со измените се предвидува максимална казна затвор до три години, место досега пропишаната максимална казна од 10 години. Поранешното СЈО водеше голем број постапки против поранешни функционери токму врз основа на овој член. 

Кои се ризиците за судските процеси коишто ги носи брзата измена на Кривичиот законик?Фотографија: picture alliance/imageBROKER

На иста линија со Европската комисија

Владата законските измени ги брани со тезата дека во минатото често се дозволувало предмети да застаруваат, дека не бил конфискуван имот кој требало да биде одземен со што е нанесена штета и на граѓаните и на државата. Можат ли ваквите обвинувања да бидат алиби за носење на законски измени за кои не се консултирани институциите кои се најдиректно засегнати од нив?

„Во јавноста пост-фестум се искажаа различни тези за оправданоста на законските решенија, кои од друга страна не се наведуваат во образложението на предложените и донесените законски измени. Од тие причини, во рамки на една широка дебата требаше да се соочат аргументите и да се отвори сериозна дискусија за сите прашања кои не треба и не може да се гледаат само еднострано, туку од позиција на еден поширок општествен, правен, правосуден и законодавен контекст. Во таа насока, особено е важно да се консултираат засегнатите институции“, вели Адеми. 

Врховниот суд во однос на ова прашање е на иста линија со Европската комисија, која беше сосема јасна дека одредени измени на Кривичниот законик предизвикуваат загриженост, бидејќи носат ризик со забрзаната постапка со кои се намалуваат максималните законски казни да предизвикаат импликации врз примената на принципот на застареност. 

Главни забелешки 

Кои се главните забелешки коишто ги има Врховниот суд во однос на законските измени коишто се донесoа преку ноќ? Најпрво, Врховниот суд како највисок во државата смета дека инклузивниот процес при подготовката и донесувањето на закони и законски измени има суштинско правно и општествено значење.

„Со тоа се дава клучен придонес за квалитетот на решенијата во конкретен закон, особено од аспект на нивната применливост, аргументираност и оправданост во смисла на импликациите кои би се предизвикале. И ова особено се однесува на законски решенија чија основна цел е да дадат придонес за ефикасна борба против корупцијата како прашање од висок јавен интерес“, вели претседателката на Врховниот суд за ДВ, Беса Адеми.

Донесувањето на законски измени кои потенцијално би влијаеле врз судските постапки без транспарентен процес на јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поаѓајќи од таа премиса, таа смета дека донесувањето на законски измени кои потенцијално би влијаеле врз судските постапки без транспарентен процес на јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди.

„Неспорно е дека добро е да се слушне мислењето на стручната и на судската заедница и фела, поаѓајќи од една од целите на судството, а тоа е обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото. Воедно, една од законските надлежности на Врховниот суд е да дава мислења по предлози на закони и други прописи кога со нив се уредуваат прашања од значење за работата на судовите“, децидна е Адеми. 

Со тоа што не биле доставени измените до нив, е оневозможено на општа седница да бидат разгледани и да се достави мислење за нив. Со тоа, на некој начин, е „заобиколен“ Врховниот суд и неговото мислење. 

Добрите измени паднаа во сенка 

Но, не е се така „црно“ во предложените законски измени. Претседателката на Врховниот суд вели дека што се однесува до останатите измени во Кривичниот законик, впечатокот е дека тие паднаа во сенка, иако се работи за измени кои може да се оценат позитивно, а се однесуваат на многу важни прашања поврзани со безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина и борбата со еколошкиот криминал.

„Некои од законските измени кои не се однесуваат на прашањата кои предизвикаа јавни реакции, се во согласност со меѓународните и европските стандарди, како што е на пример, кривичното дело „Екоцид“, што преставува зачеток на борбата со сериозниот еколошки криминал“, додава таа.

Адеми, сепак, потсетува на мислењето на Консултативниот Совет на европските судии, според кое судството треба да биде консултирано и да игра активна улога во подготовката на законските акти од значење за функционирањето на правосудниот систем.

Во мислењето се наведува дека стручноста што ја поседуваат судиите има голема вредност и од аспект на прашањата, кои се вон опфатот на судската функција и дека преку учеството во работата на собраниските комисии, претставниците од правосудниот систем може да го изразат ставот на судството во однос на различните законодавни проекти и да го споделат мислењето на судиите во врска со конкретни практични прашања.

„Од тие причини, во мислењето се акцентира дека секоја од трите гранки на власт, зависи од останатите две, доколку сака да обезбеди ефективна работа и функционирање и затоа нивната меѓусебната дискусија е од суштинско значење за подобрување на ефективноста на нивното функционирање и работа и нивната заемна соработка“, вели претседателката на Врховниот суд за ДВ. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми