1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арифи: Потребни се поригорозни казни за загадувањето

ДТЗ
18 септември 2025

Професорката по кривично право Беса Арифи вели дека повисоките казни за загадувањето на животната средина ќе имаат ефект, бидејќи ниту една мерка не се имплементира без казнена политика.

Пожар во Трубарево
Потребни се индивидуални, но и институционални казни за загадувањетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Просечните концентрации на ПM10 честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности. Ова е информацијата која што и изутрината ја сподели Министерството за животна средина, по пожарот којшто пред пет дека го зацрни воздухот во Скопје. Гореше магацин во којшто се складирал и уништувал електронски отпад и литиумски батерии, што создаде стравување кај жителите на Скопје, кои со денови се жалеа дека тешко дишат. Иако и Институтот за јавно здравје деновиве излезе со информации дека нема опасни тешки метали ниту радиоактивност по пожарот во Трубарево, жителите на повеќе скопски населби стравуваат за своето здравје. 

„Сите имаме последици од загадувањето. Токму затоа заштитата на животната средина треба да биде приоритет на властите и да се преземат сериозни мерки за ова прашање“, вели за ДВ професорката по кривично право и криминологија во Универзитетот на Југоисточна Европа, Беса Арифи. 

Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација во Трубарево, покажуваа зголемување на сите параметри за два до три пати од дозволеното, а на јаглерод моноксидот, чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3. Надлежните најавија истрага, контроли на депониите, но и затегнување на казнената политика за сите оние коишто потпалуваат или фрлаат отпад на несоодветно место. 

Премиерот Христијан Мицкоски повика да се преземат законски измени со кои подметнувањето пожари ќе се оквалификува како тероризам. „Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото, ќе биде друго кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече Мицкоски при посетата на Општина Јегуновце.

Повисоките казни ќе имаат ефект

Арифи, која што беше дел од проект кој вршеше обуки за судии и јавни обвинители за еколошка правда, вели дека повисоките казни за граѓаните кои ја загадуваат животната средина ќе имаат ефект, бидејќи ниту една мерка не се имплементира без казнена политика. 

„Меѓутоа казните треба да бидат ефективни и да се однесуваат кон сите. Не треба да има селективна политика – некој да се казни, а некој не. Или пак во некои региони да има казни, а во други не. Тоа треба да се спроведе исто за сите, за да има ефект“, вели Арифи. 

Заштитата на животната средина треба да биде приоритет на властите, вели за ДВ професорката Беса АрифиФотографија: Sveto Toevski

Таа смета дека казнената политика во Македонија, засега не е многу остра во однос на имплементацијата. „Казните постојат, но не е ефикасен системот за спроведување“, вели нашата соговорничка. Според неа, потребна е и индивидуална, но и институционална одговорност.

„Најбитно е да се казнат сите коишто ги прекршуваат овие правила и коишто загадуваат, сите коишто работат спротивно на законските одредби за воведување на филтри, за други обврски што тие ги имаат според законите, а државните органи тоа не смеат да го игнорираат. Кога го игнорираат - имаме вакви ситуации како сега.“ 

Сите сме во ист ќош

Согласно Уставот, секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

„Жално е што тоа право се загрозува не само за нас како граѓани, туку и за тие што ги водат институциите, но и за оние коишто самите загадуваат. Сите сме во ист ќош“, вели Арифи.  

Статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година се донесени 95 пресуди за кривични дела против животната средина. Во 2023 година, бројот значително се зголемил на 162 пресуди. Овие податоци ги вклучуваат пресудите за случаи иницирани во претходни години, што ја покажува комплексноста на процесите. 

Со измените на КЗ од септември 2023 година, воведено е кривичното дело Екоцид, што претставува пресвртница во борбата против еколошките злосторства. Казните за ова дело опфаќаат затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор за сериозни и долготрајни штети на животната средина.

Закони има - имплементација нема

Арифи вели дека институциите донесуваат закони, меѓутоа се кочи во рамки на имплементацијата. „Имаме добри закони коишто се скроени според меѓународните практики, меѓутоа кога треба да се имплементираат гледаме како стојат состојбите. Мислам дека тука треба да се работи најмногу“, вели нашата соговорничка.  

Депонијата Вардариште кај СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Граѓаните, според професорката, се многу важни со нивните активности и ангажман, со протести и различни кампањи за подигнување на свеста. „Сепак, станува збор за крупни одлуки коишто треба да ги носат луѓето на власт, а коишто  се поврзуваат со стандардите коишто треба да ги исполнуваат особено компаниите и разните фирми коишто работат со материјали коишто можат да ја загадат природата. Таму треба да има ригорозни мерки и казни, коишто не секогаш ги има“, вели таа.

Од друга страна, пак, граѓаните треба да направат повеќе во подигнување на свеста околу чувањето на животната средина, бидејќи и свеста е битна, начинот на којшто се однесуваме кон животната средина и загадувањето. „Тоа е и наша одговорност“; вели Арифи, којашто се надева дека со унапредување во насока на интеграција во ЕУ, мерките за заштита на животната средина ќе бидат се поригорозни.

„Меѓутоа, бидејќи кочиме и на тој план, и тие практики не се применуваат. Бидејќи кога ќе почне да се преговара за тие поглавја коишто се битни во евроинтегративниот процес, тогаш и навистина и државата нема да има друг избор освен сериозно да ги имплементира тие закони што сега само декларативно постојат“, вели нашата соговорничка. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми