Од пред неколку недели ова прашање ги преокупираше повеќе од еден милион Германци, бидејќи неделникот „Ди Цајт“ („Die Zeit“) во своето онлајн-издание им ја направи дигитално пристапна на претплатниците речиси целокупната картотека на некогашната партија на Адолф Хитлер. Приказната како таа картотека не беше уништена, туку сочувана, за да стане еден ден достапна во дигитална форма се чита како совршен трилер. Приказната започнува во Минхен, кога во април 1945 веќе е на повидок крајот на војната. Како во секој трилер, злосторите пред капитулацијата се обидуваат да ги уништат доказите. Затоа централата во Минхен на Националсоцијалистичката германска работничка партија (на германски, Nationalsozialistische Deutsche Arbeiterpartei, NSDAP) испратила во април 1945-та 20 камиони, товарени со специјален товар, во една фабрика за преработка на хартија. Специјалниот товар биле милионите документи за членовите на партијата. Во документите стоело името, бројот на членската книшка, датумот на раѓањето и адресата на повеќе од десет милиони Германци кои, почнувајќи од 1925, беа станале членови на партијата.
И се‘ ќе завршело како во просечен трилер, доколку сопственикот на фабриката, Ханс Хубер (Hanns Huber) откако почнал да го уништува „товарот”, не се одлучил да не ја изврши нарачката, туку ја скрил картотеката под купиштата стара хартија. Негова е заслугата што денес може со сигурност да се утврди кој бил член на NSDAP. По капитулацијата, во мај 1945, Хубер ги информирал Американците за својот специјален „товар”, но тие не обрнале внимание и не ја проследиле информацијата. Така картотеката останала цело лето во неговиот магазин за стара хартија. На американската управа во Минхен и‘ станало јасно дури во октомври 1945 зa колку важен материјал се работи. „Њујорк тајмс” обавил фотографија на американски војник кој стои крај куп од документи, при што тој го надвишува неговиот раст.
Важни информации за „денацификацијата”
Картотеката тешка 50 тони, американските сојузнички власти потоа ја депонирале во штотуку основаниот Berlin Document Center (BDC) во Германија. Таа нудеше важни информации за „денацификацијата”, во која за сите кои сакаа да добијат работа во државните институции, но и во политичките партии, во судството и образованието мораше да се провери нивното „наци-минато”. Во 1994, Американците ја предадоа картотекета на Гермaнскиот сојузен архив (Bundesarchiv), каде што секој граѓанин можеше и досега да се обрати со барање за податоци. Микрофилмовите на кои американските власти ја беа снимиле картотеката, националниот архив на САД ги дигитализираше и во 2025 ги постави онлајн. Кога оваа информација стигна во германската јавност, серверот на американскиот национален архив неколкупати колабираше поради големиот интерес. Затоа што потрагата низ материјалите на националниот архив била комплицирана, германскиот неделник „Цајт“ го собрал сиот постоечки материјал од картотеката, а дигитално го обработил и со помош на ВИ. Така денес секој може да провери дали неговите предци биле членови во НСДАП на онлајн-страниците на „Цајт“. За тоа треба да биде само претплатник на неделникот.
Нацистичкото минато на семејствата на виделина
За своите сознанија во потрагата по податоци за таткото, дедото или прадедото претплатниците на „Цајт“ пишуваат во своите коментари. Одеднаш, излегува црно-на-бело неријатната вистина за предците. Во една фамилија се раскажувало дека дедото бил учесник во отпорот против Хитлер, дека никогаш не ја прифатил националсоцијалистичката идеологија. Меѓутоа, картотеката открива дека тој станал член на НСДАП уште пред 1933, кога Хитлер ја освојува власта. Тоа било вистински шок за неговите внуци, затоа што им се срушила идеализираната слика за дедото со која пораснале. Се смета дека тие што станале членови уште во раните триесетти мора да биле уверени национал-социјалисти, додека оние кои се зачлениле дури во 1937 најверојатно го сториле тоа поради привилегии и други предности.
Секако, за многумина од денешните генерации е тешко да ја прифатат вистината, иако ја гледаат црно-на-бело. Еден читател пишува дека неговиот татко бил полицаец во Третиот Рајх, зашто тие морале да бидат членови на партијата. Тој е уверен дека неговиот татко не бил „наци” и дека се зачленил само за да не биде испратен на рускиот фронт каде, сепак, завршил и паднал во заробеништво до 1948. Друг учесник во дискусијата, му одговара дека татко му не му ја кажал вистината, бидејќи никој „не морал” да се зачлени, укажувајќи дека во 1940 од високите државни чиновници само половината биле во партијата. Никој не бил присилуван да се зачлени, како што често се тврдело по војната. Никој не можел да стане член против неговата волја и без негово знаење, како што се правдaше писателот Мартин Валзер (Martin Walser) дека не знаел дека бил член, бидејќи членството се потврдувало со своерачен потпис.
Принуда или доброволност?
Иако е познато дека најголемиот дел од предците на денешните Германци ретко или никогаш не зборувале за тоа што правеле во времето на Хитлер, многумина од тие што ги нашле нивните имиња во дигиталната картотека не се зачудени, затоа што од однесувањето на таткото или на дедото, и без тој доказ, тие насетувале на која страна биле. И, сепак, кога ќе се соочеле со нивните имиња во дигитализираната членска карта, кога ќе го виделе нивниот потпис, тие признаваат дека, сепак, биле шокирани. Трогателно е сведоштвото на еден читател кој открил дека неговиот дедо, интелектуалец, филозоф, човек на духот, во 1937 не пристапил од неволја во партијата. Неговиот внук се прашува како можел, при сето негово образование, да стане член на партијата која била одговорна за идеологијата на омраза кон Евреите и кон сите што не биле „Ариевци”? Шокот што го доживеал го натерал да се праша кој бил воопшто дедо му.
Еден друг аспект станува значен во дискусиите за членството на блиски предци во Хитлеровата партија, имено фактот дека „денацификацијата” по војната не била доволно критична. Еден дискутант истакнува дека неговите предци биле членови на партијата, но по војната успеале да се вработат во полицијата, а некои станале дури и политичари. Првиот канцелар во СРГ, Конрад Аденауер, бил од тие кои во Третиот Рајх биле прогонувани и, сепак, тој морал да прифати луѓе како судии за кои знаел дека тие биле судии и кај Хитлер, бидејќи сметал дека тие „барем го знаеле занаетот”. Освен тоа, денес се пристапни и формуларите за „денацификација”, а податоците сведочат дека многумина не ја пишувале вистинската своја „наци-приказна". Неделникот „Цајт” со оваа понуда остана верен на својата еманципаторска задача, затоа што придонесе кај многумина да стане уште посилна критиката на сите нови форми на фашизам.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
