1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесплатен јавен превоз - во некои подобри времиња

ДТЗ
23 септември 2022

Скопската градоначалничка вети, но сега ретерира од предизборната најава - вели дека сѐ додека не се надмине енергетската криза, не може да се реализира ова толку посакувано ветување за скопјани.

автобуси Скопје
Додека трае кризата тешко ќе можат да се остварат ветувањата за бесплатен јавен превоз во Скопје Фотографија: picture alliance/dpa

Скопјани не можат да се надеваат на бесплатен јавен превоз, барем не додека трае енергетската и економската криза. Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, којашто изминатиов период се најде на удар и критики во јавноста поради неисполнувањето на изборните ветувања за жителите на главниот град, синоќа во гостувањето на ТВ21 потврди дека сѐ додека трае кризата, тешко ќе биде да се оствари нејзиното ударно ветување за бесплатен јавен превоз во Скопје.

„Го ветивме бесплатниот јавен превоз и отпочнавме со некакви фази на реализација. Сепак чесно е да кажеме дека волку голема економска криза никој не очекуваше. Цените на енергенсите, цените на нафтените деривати, цените на мазутот, се толку многу високи, што и сега ова што го правиме е нешто што го оптоварува буџетот на град Скопје. Не можам да кажам во која фаза ќе го направиме. Сепак, сѐ она што беше наведено во програмата 'За модерно Скопје' ќе се реализира, тоа е нашата цел“, рече Арсовска во емисијата „Клик плус“.

Таа најавува дека се размислува за реформирање на јавниот превоз. „Во тек се подготовките, но мораме прво да ја надминеме оваа криза, бидејќи цените на енергенсите влијаат на ова“, вели скопската градоначалничка.

Странски искуства

Бесплатниот јавен превоз за сите скопјани и понудата на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили, беа едни од главните проекти во изборната програма која што во септември минатата година ја презентираше Арсовска пред гласачите. Таа рече дека вакви решенија досега има во Франција, каде што тоа веќе функционира во повеќе од 30 општини. Во 2013 година во Естонија, Талин стана првиот главен град на ЕУ што направи промена, по што и Луксембург, со население од 626 000 жители, стана првата земја што понуди целосно бесплатен јавен превоз.

„Ако може тоа да функционира некаде, зошто не кај нас? Сведоци сме на лошо работење на ЈСП поради непродуктивни трошоци, непостоење систем за брз и ефикасен превоз. Решението за БРТ ниту е добро ниту пожелно за Скопје и со него ама баш ништо не се решава, туку само дополнително се комплицира. Ќе се преместуваат мостови, ќе се сечат дрвја по ’Партизанска’, ќе се направи гломазен нефункционален систем. Секогаш одиме по комплицираниот пат кога пред нас имаме едноставни решенија. Време е тоа да престане“, порача Арсовска на 28 септември 2021 година.

По доаѓањето на функцијата, скопската градоначалничка во декември најави дека проектот за бесплатен јавен превоз ќе се реализира за две години.

Нејзиниот претходник, Петре Шилегов, остро ги критикуваше ваквите ветувања, со образложение дека трошоците на јавниот транспорт во Скопје изнесуваат околу 30 милиони евра годишно. Основниот буџет на Град Скопје е 80 милиони евра годишно. Ако градот земе буџетски да го финансира целокупниот јавен превоз, според него, тогаш се наметнува прашањето со што ќе се финансираат другите активности на градот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми