1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесплатен јавен превоз: Две години возење на вербален погон

25 октомври 2023

Не само што за две години не почна реализацијата на ветувањето за бесплатен јавен превоз, туку во еден период од мандатот на Данела Арсовска за првпат Скопје остана и без јавен превоз.

Протест на јавните превозници во Скопје
Протест на јавните превозници во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Скопје не доби бесплатен јавен автобуски превоз, не ги доби ни ветените нови еколошки автобуси, а по две години од мандатот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, не доби ни отчет ни за причините зошто досега не започнала реализацијата на ветеното.

А токму ветувањето за бесплатен јавен автобуски превоз најмногу го привлече интересот на Скопјани, меѓу 15 + 1 приоритетни проекти од нејзината програма „За модерно Скопје“, со кои Арсовска пред две години ја доби нивната доверба.

„Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме целосно бесплатен квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор“, вети Арсовска во изборната програма.

Со оглед на најавената етапност, но и комплексноста на прашањето со јавниот превоз, никој и не очекуваше дека ветувањето ќе се реализира преку ноќ или целосно за две години, особено што Арсовска укажуваше дека неговата реализација е поврзана со ветената набавка на 250 еколошки автобуси. Но, најмалку што очекуваа граѓаните за две години, е дека ќе стигне барем еден дел од ветената еколошка автобуска флота.

„Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси“, се обврза Арсовска пред избирачите. 

Нема јавна расправа

Две години подоцна набавката на автобусите воопшто не е започната, ниту се знае какви автобуси се планирани - колку на гас, колку електрични. Прашањето не е небитно, со оглед дека целиот есап за бесплатен јавен превоз, според партијата што и даде поддршка - ВМРО-ДПМНЕ, се темелел врз проценетата предност што се добива со набавка на електрични автобуси, со што би се елиминирале дотогашните големи расходи за оперативни трошоци, меѓу кои огромен удел има набавката на гориво. 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска по победата на изборитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Арсовска до денес воопшто не проговори за овие аспекти, но се пожали дека главен кочничар се советниците, кои не ја гласаат одлуката за задолжување од 10 милиони евра за набавка на автобуси. 

„Одлуката со која овие 250 автобуси треба да почнат да се набавуваат, веќе десетици пати е доставена до советниците. Но, за жал, нивната свест не е на тоа ниво за да сфатат дека е потребно нашите граѓани да имаат јавен превоз со кој ќе можат да стигнат до секоја можна локација, во секое населено место, сите ученици да бидат испратени на училиште и граѓаните навреме да стигнат на работа“, изјавуваше Арсовска во изминатиот период.

Од Советот на Град Скопје велат дека за задолжувањето од 10 милиони евра што таа го бара, ниту имало каква било експликација, ниту имало претходно одржана јавна расправа, што согласно со законот мора да го има.

„На дневен ред доаѓа само точка - задолжување 10 милиони евра. За што? ‘За купување нови автобуси'. И толку. Без разлика дали се зема кредит или општинска обврзница, еден орган мора задолжително да даде согласност, тоа е Министерството за финансии. За да даде согласност, покрај финансиските параметри, се бара и записник од одржана јавна седница каде ќе се дебатира за издржаноста на задолжувањето. Во случајов такво нешто нема, нема јавна седница во смисла на јавна расправа. Така што, дури градоначалничката и да ја истурка оваа набавка, пак треба Владата да даде согласност. А кога ќе даде согласност, кога за три месеци месеци ќе влеземе во технички период“, вели координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија" во Град Скопје, Марија Андоновска.

Таа укажува и дека планираното задолжување нема да биде доволно за набавка на 250 автобуси.

„Нема шанси со 10 милиони евра да се набават 250 нови автобуси. Нов автобус чини од 250 илјади до 400.000 илјади евра, без разлика дали е електричен, на дизел или на компресиран гас (cng). За да се набават 250 нови автобуси потребни се најмалку од 62 до 100 милиони евра. Не е тоа ‘стисни прачка, пиј вино’. Се чини дека Арсовска сето ова го користи за политичка пресметка, создавајќи привид дека еве нешто се случува и сѐ почнува на планот со ветениот бесплатен автобуски превоз“, коментира Андоновска.

За илустрација, во мандатот на Петре Шилегов со задолжување од 10 милиони евра беа набавени вкупно 33 нископодни автобуси на гас од германскиот производител МАН, од кои 21 единечен, секој по цена од 263.000 евра и 12 зглобни, секој по цена од 334.000 евра. 

Прво отчет!

И додека советниците, исто како и јавноста бараат одговори за деталите и јавна расправа, Арсовска само ја помести реализацијата на ветувањето за бесплатен превоз за следната, 2024 година. 

„Најавувам дека од следниот буџет веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. И оваа одлука ќе биде ставена и пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година“, најави таа во средината на октомври.

Градоначалничката не доаѓа на седници, ниту на советнички прашања, вели советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија АндоновскаФотографија: privat

„Навистина не знам, како се очекува од нас како советници да дадеме поддршка на одредени одлуки кои ги предлага Арсовска и истите значат одлевање средства од градската каса, а притоа немаме информација каде истите ќе завршат?“, прашува Андоновска. 

Таа вели дека Советот подолго време е игнориран од страна на градоначалничката, а со тоа се игнорираат и темите кои ги засегаат граѓаните. 

„Градоначалничката не доаѓа на седници, ниту на советнички прашања, со што се доведува во прашање транспарентноста и не сме во можност како советници да добиеме информација во однос на функционирањето на јавните претпријатија, ниту да добиеме одговор на прашања кои ги засегаат граѓаните. Наједноставно кажано - парите од градската каса се пари на граѓаните, а не наши лични, за да можеме ние како советници да одлучуваме како ќе бидат потрошени, а без Арсовска да ни даде отчет и информација како и каде планира да ги потроши“, укажува Андоновска.

За да ја илустрира состојбата, го посочува примерот токму со Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП „Скопје“ и одобрените средства за кои до денес нема отчет.  

„ЈСП од Град Скопје во повеќе наврати доби средства, со образложение - потешкотии во работењето на Јавното претпријатие. Дали е тоа така и каде завршија овие финансиски средства, немаме информација. Советот донесе и одлука, каде со рокови ги задолжи ЈСП и Арсовска да достават информации за работата на претпријатието, но и после повеќе од една година - информации нема! На предлог на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата, Советот усвои одлуки за продолжување на неколку автобуски линии и воведување на нови, кои ќе ги задоволат потребите на граѓаните за квалитетен градски превоз. До ден денес, ниту една од тие одлуки не е реализирана. Како што не се реализирани и други легитимно донесени одлуки од страна на Советот. Да бидам појасна - Советот носи одлуки, а градоначалникот има обврска истите да ги реализира. За жал реализација во конкретниов случај немаме. Не се реализира ни буџетот. Реализација на истиот не е ни 10%, а за еден месец треба да носиме нов буџет. Искрено се сомневам дека нешто ќе се подобри во однос на реализацијата. И токму тоа дополнително ме загрижува, бидејќи градоначалничката даде ветување дека во новиот буџет на градот, ќе биде предвиден бесплатниот јавен градски превоз. Ќе биде ли ова ветување реалност, со оглед на досегашните проблеми со кои се соочува претпријатието и со нискиот процент на реализација од страна на Арсовска?", прашува Андоновска.  

(Утре: Германски Еуробус разгледувал плац за фабрика во Петровец)

 

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми