1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивите депонии - ризик за здравјето на граѓаните

ДТЗ
1 април 2025

Македонија се гуши во ѓубре - но нема депонии и центри за управување со отпад. Најмалку 30 отсто од отпадот не завршува на депониите, туку е расфрлан речиси насекаде.

депонија
Депониите како „канцерогени бомби“ - има ли спас од отровниот чад?Фотографија: DW/S. Toevski

Северна Македонија нема ефикасeн систем за управување со отпад, ниту бележи прогрес во оваа насока и покрај континуираната поддршка што ја добива од странските партнери. Проценките се дека најмалку 30 отсто од отпадот во земјата не завршува на депониите, туку е расфрлан речиси насекаде. Доколку земјата не преземе итни мерки, ризикува натамошно зголемување на загадувањето и здравствените проблеми, што ќе создаде уште поголеми финансиски и еколошки трошоци во иднина. Ова се дел од укажувањата изнесени во рамките на конференција за одржливо управување со отпад, насловена како „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“.

Еколошки и здравствени ризици

Еден од најгорливите проблеми во Северна Македонија е состојбата на инфраструктурата за управување со отпад. Голем дел од возниот парк за собирање отпад е стар над две децении, а руралните подрачја остануваат недоволно опслужени. Нелегалното исфрлање отпад продолжува, бидејќи депонирањето сè уште е најевтината опција.

Затворањето на депониите што не ги исполнуваат стандардите е неопходен, но скап процес – само за 16 локации во Пелагонискиот и Југозападниот регион потребни се над 25 милиони евра. Ова е сериозен потфат, имајќи го предвид фактот дека повеќе од 99% од собраниот отпад завршува на депонии, а воедно, не целиот отпад што се создава се собира. Остатокот завршува на нелегални ѓубришта. 

Соочена со растечки еколошки и здравствени ризици, укажувањата се дека Северна Македонија мора итно да преземе чекори за одржливо управување со отпадот. Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како најдолгорочно и најодржливо решение. Овој систем предвидува меѓу другото затворање на нелегалните депонии, изградба на модерни регионални депонии и развој на инфраструктура за рециклирање, што ќе ја приближи земјата кон еколошките стандарди на ЕУ. Подобреното управување со отпадот не само што ќе го намали загадувањето, туку и ќе го подобри квалитетот на живот и ќе ја зајакне довербата во локалните власти.

Меѓународните искуства покажуваат дека вложувањата во вакви реформи носат конкретни резултати. Доколку Северна Македонија не преземе итни мерки, ризикува натамошно зголемување на загадувањето и здравствените проблеми, што ќе создаде уште поголеми финансиски и еколошки трошоци во иднина.

„Ситуацијата не е добра. Видовме многу мало придвижување последниве години и покрај нашата поддршка. Од пред осум години кога алоциравме финансиска поддршка за менаџирање на отпадот во земјава, за жал, многу малку е постигнато до денес“, вели Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International.

Најмалку 30 отсто од отпадот во земјата не завршува на депониите, туку е расфрлан речиси насекаде.Фотографија: DW/M.Smajic

Ефикасен систем за управување со отпад

За успешно справување со овие предизвици, неопходна е силна координација помеѓу националните и локалните власти, бизнис-секторот и граѓаните. Само со стратешки пристап и конкретни реформи, земјата може да се движи кон почиста и поздрава иднина.

Според амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, во однос на отпадот и неговото менаџирање не треба да се работи само со властите, туку во целиот овој процес треба да се вклучат сите сегменти од општеството, посебно школите и помладите. „На вашата земја и треба воспоставување ефикасeн систем за управување со отпад. Треба да се работи не само со институциите, туку и со граѓанското општество, со школите, треба да има обуки за младите да мислат во насока на рециклирање и правилно менаџирање со отпадот“, порача амбасадорката.

Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски смета дека е огромен проблемот со управувањето со отпадот во земјава. „Имаме ѓубришта, но не и депонии“, вели тој. 

„Речиси во сите делови од земјата практично имаме ѓубришта, а немаме депонии, регулирани центри за управување со отпад и ова кај нас се провлекува со години наназад“, додава Стевановски.

Позитивни искуства

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, решението го гледа во формирање меѓуопштински одбор за справување со отпадот. „Позитивните искустав на Прилеп ќе ги пренесеме во другите општини и региони каде е планиранио правање регионална депонија. Справувањето со отпадот е најдобра инвестиција и од еколошки апсект и од аспект на потребите на граѓаните“, вели тој.

Во Прилеп се распределени 23.000 селективни канти, со што се опфатени повеќе од 12.300 домаќинства. „Тоа е долгогодишен процес, а моите сограѓани успешно го организираат одлагањето на отпадот“, вели Јовчески. Во завршна фаза е и фабриката за селектирање на отпадот.

Северна Македонија не назадува во однос на регулативата, но и недостига нејзина имплементација. „Државата дава доволно средства за имплементирање депонии и системи за управување со отпадот. Средствата за капитални инвестиции се обезбедени за сите региони за управување со отпад. Имаме грант од ЕУ преку ИПА, но и заем од ЕБОР. Ни претстои да почнеме да го воспоставуваме тој систем, да ги воспоставиме структурите на терен кои ќе оперираат во иднина со регионалниот систем за управување со отпад“, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина. 

 

Регионални депонии за спас од натрупаното ѓубре

16:28

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми