Законот за Безбеден град на тест - од кога ќе се применува?
2 декември 2025
Проектот „Безбеден град“ (Safe City) започна со пробен период во Скопје, со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на несреќи. Системот користи камери и технички средства за евидентирање на прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање.
Алармантни бројки: 110.000 прекршоци за 24 часа
Првиот ден од тест-периодот регистрирани се 110.000 сообраќајни прекршоци во Скопје, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Тоа е катастрофална бројка. Имавме околу 1.000 нерегистрирани возила, 5.000 поминувања на црвено светло, а над 90% од прекршоците се пречекорување на брзината“, нагласи Тошковски.
Министерот додаде дека ниту функционерите нема да бидат исклучени од плаќање казни. Изминатиов период возачи на најмалку тројца министри биле казнети за сообраќаен прекршок во рамките на редовната контрола на МВР.
Со казнената политика ќе бидат опфатени и странските возила. Ним не може да им биде забранет излез од земјата, но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен влез доколку не ја платат казната за прекршокот кој го направиле.
„Не велам дека системот е идеален, сигурно ќе има одредени елементи и чекори кои може подобро може да се решат“, вели Тошковски.
Пролонгирање на рокот за примена на законот?
Тошковски најави дека законот можеби нема да започне со целосна примена од 1 јануари, како што беше планирано, туку од 1 февруари 2025 година. Причината е да се допровери системот и граѓаните да бидат целосно запознаени со новите правила.
„Сакаме да дадеме доволно време за тестирање и информирање на јавноста. Безбедноста е приоритет,но и транспарентноста“, изјави министерот.
Министерот истакна дека ограничувањето од 50 км/ч во главниот град мора да се почитува. „Безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење“, порача тој.
Во 2024 година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи, што уште еднаш ја потврдува потребата од системот „Безбеден град“.
Како ќе се испраќаат казните?
Глобите и санкциите ќе се доставуваат преку СМС-порака и е-пошта, со линк за преземање на записник и платен налог.
- Ако се плати во рок од 8 дена, глобата се намалува за 50%.
- Плаќањето ќе биде електронско, а МВР веднаш ќе добива потврда за извршена уплата.
Во пробниот период се евидентираат прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло и нерегистрирани возила. Во следната фаза ќе се прошири спектарот на прекршоци.
Системот ќе се имплементира низ целата земја, а законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и МВР во службени активности.
Мицкоски: Подготвени сме да го издржиме политичкиот удар
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од проектот „Безбеден град“ (Safe City), вели дека Владата целосно го поддржува системот и неговото проширување на целата територија на земјата.
„Некои велат дека тоа ќе донесе критики и силен политички удар за Владата, но јас велам – подготвени сме да го издржиме тој удар, само да спасиме човечки живот,“ изјави Мицкоски.
Тој потсети дека само во последните две недели во строгиот центар на Скопје имало три жртви – повредени и загинати лица поради неприлагодена брзина или непочитување на сообраќајните правила.
„Ако успееме да спасиме еден човечки живот, јас сум подготвен да ја прифатам целата политичка одговорност. Голем дел од жртвите се резултат на непочитување на правилата, најчесто поради брзо возење и поминување на црвено светло“, додаде Мицкоски.