1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Безбеден град“ создаде километарски гужви на Табановце

20 август 2026

Камерите снимаа со месеци, казните стигнаа на граница. „Безбеден град“ создаде километарски колони и гужви на Табановце.

Табановце 18.06.2020
„Безбеден град“ создаде километарски гужви на ТабановцеФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/imago images

На граничниот премин Табановце меѓу Северна Македонија и Србија изминативе два дена се забележуваат долги редици и километарски колони од возила, откако започна практичната примена на механизмот за наплата на казни за странски возачи регистрирани од системот „Безбеден град“.

Голем дел од возачите кои се враќале од одмор во Грција биле запрени на излез од државата за да платат казни за сообраќајни прекршоци евидентирани од камерите на системот. Според коментари објавени на социјалните мрежи, поради постапката се создале огромни гужви на преминот.

Камерите во живо од граничниот премин Табановце и денеска покажуваат долги колони возила кои чекаат за влез во соседна Србија. Во просек за излез од Северна Македонија се чека по 40 минити, додека во обратен правец возилата минуваат и за пет минути. 

МВР: Станува збор за прв ден од примената на механизмот

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека зголемениот број возила на Табановце се должи на стартот на новиот механизам за санкционирање на странските возачи.

„Поголемиот број возила кои се појавуваат на граничниот премин Табановце се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. На граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци“,велат од МВР.

На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка.

Оттаму додаваат дека Министерството презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.

„Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички“, децидни се од МВР. 

Камерите снимаа со месеци, казните стигнаа на границаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Над 33.000 прекршоци од странски возила

Во периодот од 2 февруари до 31 мај 2026 година, во системот „Безбеден град“ биле евидентирани 33.722 прекршоци сторени од возила со странски регистарски таблички.

Според податоците на МВР, камерите на системот во првите пет месеци евидентирале повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци, а дури 95 проценти од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Од вкупниот број прекршоци кај странските возила, најмногу биле регистрирани во мај, односно 11.258, додека најмалку биле регистрирани во февруари, кога биле забележани 4.301 прекршок.

Системот „Безбеден град“ овозможува автоматско детектирање на прекршоци преку мрежа од камери поставени на повеќе локации низ државата. Неговата цел е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зголемување на почитувањето на сообраќајните правила. Камерите регистрираат повеќе видови прекршоци, меѓу кои пречекорување на брзината, минување на црвено светло, користење мобилен телефон при возење, некористење сигурносен појас и други прекршоци предвидени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Како функционира системот за странските возачи

Според информациите што им се споделуваат на возачите, лицето кај кое е евидентиран прекршок добива записник и прекршочен платен налог. Доколку казната не биде платена, може да следува судска постапка согласно законските процедури.

Санкциите за странските возачи неодамна ги најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој апелираше до сите возачи што транзитираат по коридорите 8 и 10 да ги почитуваат сообраќајните правила, нагласувајќи дека камерите веќе функционираат и ги евидентираат сите прекршоци.

„Безбеден град“ опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, долж коридорите 8 и 10, како и негово проширување на национално ниво преку современи технологии за видеонадзор и автоматско детектирање на прекршоци.

Системот „Безбеден град“ е во функција од 1 февруари 2026 година, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни жртви во Северна Македонија.

Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми