1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортФранција

Зајакнати безбедносни проверки пред Олимпијадата во Париз

ЖА
22 јули 2024

По безбедносните проверки во пресрет на Летните олимписки игри во Париз, 4.355 лица се исклучени од игрите. Според министерот за внатрешни работи Дарманин, веројатно нема поврзаност со планови за напад

Безбедносни проверки пред Олимпијадата во Париз Франција
Безбедносни проверки пред Олимпијадата во Париз, ФранцијаФотографија: Aurelien Morissard/AP/dpa/picture alliance

На едвај една недела пред почетокот на Олимписките игри во Париз, француските власти исклучиле илјадници луѓе од игрите од безбедносни причини. Повеќе од милион апликации се проверени и 4.350 од нив се одбиени, изјави вршителот на должноста француски министер за внатрешни работи Жералд Дарманин за Франс 2. Бројот на проверки одговара на целта поставена пред една година, додаде тој. Проверени се сите оние кои летово се вклучени на каков било начин на  Олимписките игри -  како спортисти, тренери, новинари, волонтери, вработени во приватни безбедносни служби, па дури и локални жители.

Министерот за внатрешни работи истакнал дека одделни барања биле одбиени поради врски на лицата со радикални исламисти, некои поради сомнеж за странска шпионажа или стравувања од сајбер напади. Но, не станувало збор за луѓе со планови за извршување напади. Покрај разузнавачката шпионажа, постои ризик да се изврши сајбер напад преку пристап до компјутерски мрежи, изјави Дарманин за весникот „Журнал ди диманш“. 

Кај одбиените апликации се работи на пример за луѓе од Русија, Белорусија и други земји, кои сакале да се акредитираат како новинари или технички соработници.

„Го применуваме принципот на претпазливост“, нагласи министерот.

Генерално, Дарманин верува дека големиот спортски настан е добро обезбеден. „Колку што знаеме, нема позната конкретна закана за безбедноста на Олимписките игри“,истакна министерот. Свеченото отворање би можело да се одржи и на Сена како што е планирано. Но, мора да останеме скромни и фокусирани, изјави Дарманин

Во безбедносниот концепт се уверија и организаторите непосредно пред  почетокот на Олимписките игри  на 26 јули. „На свеченото отворање и на секој натпревар има посебен план за гарантирање на безбедноста“, изјави организациониот директор Тони Естанге на прес-конференција. Тој може да гарантира дека безбедноста е „приоритет број еден“.Во пресрет на Олимписките игри, полицијата и војската масовно го засилија своето присуство во Париз. Само на  отворањето на игрите  ќе бидат распоредени 45.000 безбедносни лица. Организаторите го намалија првичниот број на гледачи на церемонијата од 600.000 на околу 300.000 Франција уште во март прогласи највисоко ниво на тревога поради тероризам. На крајот на мај, истражителите спречија планови за терористички напад на исламисти на фудбалски натпревар за време на Олимписките игри. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми