1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГрузија

Безредија за време на антивладините протести во Грузија

СН/агенции | АРД
4 декември 2024

Илјадници луѓе демонстрираа во Грузија против проруската влада шести ден по ред. Повторно дојде до безредија. Народниот правобранител за човекови права зборува за систематско насилство.

Повторно дојде до безредија за време на протестите во Тбилиси
Повторно дојде до безредија за време на протестите во ТбилисиФотографија: Alexander Patrin/TASS/dpa/picture alliance

И покрај заканите со казни од страна на грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе, илјадници луѓе излегоа на улиците во Грузија шеста ноќ по ред во знак на протест против одложување на преговорите за пристапување во ЕУ од страна на проруската влада на земјата. Демонстрантите се собраа пред парламентот во главниот град Тбилиси, веејќи грузиски и знамиња на ЕУ.

Некои демонстранти фрлаа петарди и огнометни ракети кон зградата и кон полициските службеници. Полицијата преку разглас ги повика демонстрантите да се разотидат. Потоа повторно употреби водени топови и солзавец - меѓу другото, за да ги спречи демонстрантите да се искачат преку ѕидовите на зградата на парламентот. Независните грузиски телевизиски канали известија за апсењата.

Народниот правобранител ја обвини полицијата за „акт на тортура“

Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили ги опиша постапките на полицијата на онлајн сервисот Х како „несразмерни“. Таа ги критикуваше „масовните апсења и лошиот третман“. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, од почетокот на последниот бран протести уапсени се вкупно 293 лица, а 143 се повредени.

Протестите во Грузија во прв ред се насочени против одложувањето на преговорите за членство на земјата во ЕУ до 2028 година, кое го објави премиерот КобахиѕеФотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Грузискиот народен правобранител за човекови права Леван Јоселиани рече дека повеќето од повредите на демонстрантите биле „концентрирани на лицето, очите и на главата“. Локацијата, природата и тежината на повредите „силно укажуваат на тоа дека полицијата употребува сила врз граѓаните како казнена мерка“, што „претставува чин на тортура“, додаде тој.

Поводот за протестите

Масовните протести во оваа кавкаска земја започнаа во четвртокот вечерта. Тие во прв ред се насочени против одложувањето на преговорите за членство на земјата во ЕУ до 2028 година, како што најави Кобахиѕе.

Грузија официјално е кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година. Меѓутоа, оттогаш, промосковската влада донесе неколку закони кои предизвикуваат голема загриженост во Брисел, вклучувајќи го и законот во руски стил против „странското влијание“. Затоа, ЕУ го замрзна пристапниот процес на Грузија на крајот на јуни. Опозицијата ја обвинува владата дека сака да ја оддалечи Грузија од ЕУ и да ја приближи поранешната советска република до Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми