Драстични кратења во Би-Би-Си
16 април 2026
Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си (BBC) продолжува со строгите мерки за штедење, кои овојпат директно ги погодуваат вработените. Според официјално соопштение објавено на интернет-страницата на медиумот, планирано е укинување на до 2.000 работни места. Во моментов, Би-Би-Си вработува околу 21.500 луѓе.
Вршителот на должност генерален директор, Родри Талфан Дејвис, не ја исклучи можноста за целосно укинување на одредени телевизиски канали или медиумски сервиси, оценувајќи ја ситуацијата како „навистина тешка вест“. Британските синдикати реагираа со предупредувања дека ваквите кратења ќе доведат до сериозен пад на квалитетот на програмата.
Намалување на трошоците и финансиски притисоци
Најавеното укинување работни места е дел од поширок план за намалување на трошоците за 10 проценти во период од три години. Би-Би-Си веќе подолг период се соочува со сериозен финансиски притисок и во изминатите години беше принудена да прави болни кратења и организациски промени.
Јавниот сервис се финансира преку задолжителна радиодифузна претплата. Секое домаќинство во Велика Британија плаќа околу 210 евра годишно, но приходите од оваа ставка во последно време бележат пад.
Претходната конзервативна влада, која го обвинуваше Би-Би-Си за политичка наклонетост кон левицата, ги замрзна покачувањата на претплатата за период од две години. Истовремено, постоеше иницијатива претплатата целосно да се укине и да се воведе модел на претплата сличен на стриминг-платформата „Нетфликс“. Со актуелната лабуристичка влада во тек се разговори за можна корекција на износот на давачката.
Тужбата од Доналд Трамп дополнително ја оптоварува куќата
Финансискиот и притисокот врз угледот на Би-Би-Си дополнително се зголеми поради тужба за клевета поднесена од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој бара најмалку 10 милијарди долари обештетување поради документарец емитуван од Би-Би-Си, во кој, според тврдењата, изјави од неговиот говор на 6 јануари 2021 година биле монтирани така што создавале впечаток дека директно ги повикал поддржувачите да го нападнат Капитолот.