БиХ: Кој ќе го наследи Кристијан Шмит?
12 мај 2026
Заминувањето на Кристијан Шмит од позицијата Висок претставник во БиХ, според аналитичарите отвора три процеси истовремено. Првиот е институционален, бидејќи сега мора да се обезбеди континуитет на работата на ОХР и назначување на наследник. Вториот е политички, бидејќи домашните актери неговото заминување веднаш го претворија во доказ за сопствените наративи. А, третиот е геополитички, бидејќи зад персоналната промена се наѕира прашањето дали меѓународната заедница го менува не само човекот, туку и моделот на управување со Босна и Херцеговина. „Пораката што ја добивме од изнудената оставка на Кристијан Шмит е загрижувачка. Мислам дека многумина не се свесни за опасноста во која се наоѓа БиХ“, предупредува политичката аналитичарка Тања Топиќ од Бања Лука, истакнувајќи дека со ова се потврдило оти потегот на Шмит е резултат на договор меѓу Додик и американската администрација минатата година, кога му беа укинати претходно наметнатите санкции.
Одлуки што предизвикаа многу проблеми
Од ОХР потврдуваат дека Шмит донел лична одлука по речиси пет години да стави крај на својата служба и дека за тоа го информирал Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот. Во истата порака се нагласува дека тој ќе остане на функцијата додека не биде избран наследник, што е обид да се испрати сигнал дека ОХР не влегува во вакуум и дека треба да има контролирана транзиција. Од ОХР наведуваат и дека Шмит го оценил својот мандат како период на „значаен напредок“ во функционалноста на институциите, но и дека работата не е завршена, бидејќи БиХ сè уште не ги исполнила клучните реформи и условите од „Програмата 5+2“.За таквиот напредок може да се дискутира, е ставот на мнозинството од политичката и стручната јавност во БиХ, без оглед на кој етнички табор му припаѓаат.
Кристијан Шмит носеше многу одлуки, но некои од нив беа клучни, бидејќи директно го менуваа политичкиот и правниот терен во БиХ. Најважни беа интервенциите во изборниот и уставниот систем на Федерацијата БиХ, што и денес се смета за погрешен потег. Потоа следуваше одлуката за деблокирање на формирањето на Владата на Федерацијата БиХ, поништувањето на закони усвоени од Народното собрание на Република Српска и измени во Кривичниот законик на БиХ со кои непочитувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. Токму таквата измена доведе до смена на Милорад Додик од претседател на Република Српска, откако беше осуден на една година затвор во склад со наведениот закон – казна што ја замени со парична казна – и шестгодишна забрана за политичка дејност.
Пирова победа
Во Бања Лука реакцијата на заминувањето на Шмит и натаму е триумфална. Милорад Додик повтори дека Шмит си заминува „исто како што дојде – без легитимитет, без одлука на Советот за безбедност на ООН и без меѓународното право на негова страна“, а потоа дополнително ја засили политичката порака тврдејќи дека Шмит „се обидел да направи многу зло“, но дека на крајот само потврдил дека Република Српска е „неуништлива“. Оваа реакција има и силен слој политичка иронија. Токму Шмит преку своите интервенции, како што оценуваат аналитичарите, а особено преку промени во правната рамка и користење на „бонските овластувања“, стана клучна фигура во меѓународниот притисок врз Додик. Во јавна и политичка смисла, Шмит го персонифицираше обидот за ограничување на моќта на Додик, а сега Додик го претставува неговото заминување како лична и стратешка победа – што е дискутабилно со оглед на пресудата со која беше отстранет од функцијата претседател на РС. „Додик и властите во Република Српска ја добија оваа битка, која имаше за цел да го протераат Шмит од БиХ по секоја цена.
Дел од договорот беше и самиот Додик да се повлече, но тој сè уште ги влече сите конци и не покажува знаци дека би можел да замине во политичка пензија“, вели Тања Топиќ, предупредувајќи дека по овој потег се најавува и борба за независност на Република Српска. Во Сараево тонот е многу повнимателен. Бакир Изетбеговиќ, лидерот на СДА - партијата што Шмит ја исфрли од власт со измена на Изборниот закон и суспендирање на Уставот на Федерацијата БиХ – порача дека оставката на Шмит е негов „личен избор и чин“, но во исто време предупреди дека тоа не смее да има никакви последици за улогата и функционирањето на ОХР.
ОХР (не) мора да остане
„Потребно е што поскоро да се назначи наследник на Шмит“, вели Изетбеговиќ, предупредувајќи дека ОХР мора да остане додека не се исполнат условите од „Програмата 5+2“ и не се воспостават ефикасни механизми за деблокирање на државата. „Секое друго сценарио ја води Босна и Херцеговина кон нови блокади и дополнителна нестабилност. Сите важни меѓународни фактори во рамките на Советот за имплементација на мирот мора да бидат свесни за опасностите што ги носи еден таков развој на настаните“, додаде тој. Неговиот директен политички противник, Елмедин Конаковиќ, претседател на партијата Народ и правда, се покажа изненаден од оставката на Шмит, бидејќи очекувал поинакво сценарио. Тој ја става оставката во контекст на притисок однадвор. „Можеби не можел да го издржи притисокот. Се согласувам со оние што го прозиваат и бараат да каже, ако имало притисок и од кого и што се барало од него бидејќи е чудно што малку побрза со оставката“, рече Конаковиќ во Брисел, на маргините од неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.
Од Брисел се огласи и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, предупредувајќи дека функционирањето на БиХ по заминувањето на Кристијан Шмит би можело да стане покомплицирано. „Министрите се согласуваат дека е во интерес на ЕУ да не дозволи земјата да отстапи од европскиот пат и дека треба да имаме заедничка линија во наоѓањето на наследник“, вели Калас. „Европејците сè уште отстапуваат пред Американците, па и Шмит го предадоа без борба, а БиХ сè уште останува со фрагилни институции, непостоечко владеење на правото и напади врз суверенитетот. Во средиштето на сето тоа се американските и економските интереси, па прашањето е која цена ќе ја плати БиХ“, нагласува Топиќ.
Италијанската врска
Од друга страна, ХДЗ БиХ соопштува дека по повеќе од три децении, дојде време домашните и легитимно избрани функционери да преземат целосна одговорност за Босна и Херцеговина, со порака дека членството во ЕУ не е компатибилно со меѓународна супервизија. Партијата дури предлага ОХР да се тргне од БиХ, што е јасен политички сигнал дека хрватскиот блок го гледа заминувањето на Шмит како прилика за редефинирање на односите меѓу домашната политика и меѓународната управа.
Во овој контекст, посебно расте интересот за прашањето кој би можел да го наследи Шмит. За сега нема официјална потврда, но медиумите и дипломатските извори веќе споменуваат неколку имиња. Меѓу најчесто споменуваните се италијанските дипломати Антонио Занарди Ланди и Емануел Жиофре, а некои извори тврдат дека токму италијанскиот профил ја има поддршката на Вашингтон. Во постари шпекулации се појавуваа и Карен Пирс, Метју Рајкрофт и повторно Емануел Жиофре, што покажува дека во оптек се повеќе западни кандидати со различно дипломатско педигре. Доколку наследникот на Шмит е некој со силна американска поддршка, аналитичарите тврдат дека тоа ќе се протолкува како сигнал оти Вашингтон сака подиректно да управува со следната фаза од кризата во Босна. Доколку преовлада кандидат поблизок до европскиот институционален профил, тоа би бил сигнал дека ЕУ се обидува да врати дел од политичката иницијатива што со години ја нема. Во двата случаи, изборот на наследник нема да биде само кадровска постапка, туку порака за тоа кој навистина ги диктира правилата во Босна и Херцеговина.