Бил и Хилари Клинтон ќе сведочат во случајот Епстин
26 февруари 2026
Секој што е повикан пред конгресна комисија за случајот Епстин, треба да има „дебела кожа“. Мора да се соочи со поплава од прашања. Испрашувањето често трае со часови. Шефот на ФБИ Кеш Пател, министерката за правда Пем Бонди, како и министерот за трговија Хауард Лутник веќе сведочеа. Пател и Бонди зборуваа пред правната комисија во Претставничкиот дом. Хауард Лутник сведочеше повеќе спонтано за време на седница на комит во Сенатот. Сите сослушувања беа пренесувани во живо на интернет.
Сега, Бил и Хилари Клинтон треба да дадат информации за нивните врски со Епстин. Поранешниот претседател и поранешната министерка за надворешни односи се повикани од комисијата на Претставничкиот дом на САД - телото што сака целосно да го истражи сексуалниот скандал.
„Немаме што да криеме“
Прва ќе сведочи Хилари, а еден ден подоцна Бил. Но, тие нема да дојдат во Конгресот, туку ќе се наоѓаат блиску до нивниот дом во северниот дел на сојузната држава Њујорк. И, сослушувањето нема да биде јавно. Тоа е само една од неколкуте работи што ги налутија Клинтонови во пресрет на сослушувањето.
Хилари Клинтон во интервју за Би-Би-Си рече: „Ќе дојдеме. Но, јавно сослушување би било подобро, затоа што сакаме секој да ги знае сите факти. Би сакала тоа да биде јавно, за секој да може да го следи во реално време. Немаме што да криеме.“
Клинтон зборува за „наместена игра“
Со месеци има проблеми. Сослушувањето требаше да се одржи уште во октомври минатата година. Но Клинтонови побараа одложување поради „проблеми со термините“ и пропуштија нови предложени датуми. Комисијата потоа покрена постапка за непочитување на Конгресот. На крајот, Клинтонови се согласија на сослушување зад затворени врати.
За Хилари е јасно: сето тоа е наместена игра од страна на Републиканците. „Претседателот на комисијата, републиканец, се обидува да го заштити претседателот Трамп. Таму нешто се случува во таа насока. Тие го знаат тоа. И јас го знам.“
Комер: Клинтонови сакаат да одвлечат внимание
Претседател на комисијата е републиканецот Џејмс Комер. Тој објасни дека единствената цел на комисијата е да обезбеди транспарентност. Станува збор за почит кон жртвите, за расветлување таму каде што со децении институциите на прогонот потфрлале. За сослушувањето на Клинтонови рече: „Верувам дека Клинтонови сакаат да одвлечат внимание со нивниот проблем што се одржува зад затворени врати. Ние принципиелно разговараме со секој што може да има нови информации.“
Иако јавноста покажува голем интерес за двете сослушувања, можно е да не се дознае многу. Не е јасно кога комисијата ќе објави нешто, ниту дали ќе има само записник или ново онлајн видео во врска со случајот Епстин.
Авторка: Тереза Грајм, АРД