1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билбил не пее за време на молкот

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
7 мај 2024

Една урбана приказна за време на молкот: Славе прво театрално ги вадеше тампоните од ушите, што беше негов чарлочаплиновски гест за заштита од партиските кампањи, а потоа ставаше фластер на устата... Пишува Ерол Ризаов

Фотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

Во деновите на предизборен молк секогаш ми доаѓа на ум скопската урбана легенда Славе Биљбиљ. Во својата кафеана во тие денови на молк ги пречекуваше гостите, особено нас новинарите и политичарите, со протестен ритуал на исмејување, кој може слободно да се нарече уметничка инсталација. Прво театрално ги вадеше тампоните од ушите, што беше негов чарлочаплиновски гест за заштита од партиските предизборни кампањи, а потоа ставаше фластер на устата, демек, сега е време на кратка пауза кога треба да молчиме.

Откако ќе го извадеше фластерот, следеше цела канонада на сочни „епитети“: „Абе, четири години јадете гурабии и лажете народ и сега два дена ќе изигрувате глувонеми. Одете бе во Банат и како џамбазите продавајте коњи.“ На еден задоцнет колега на ритуалот на Славе, кој загрижено го праша „Што ти е, да не си повреден?“, го тргна фластерот и викна громогласно: „Да, повреден сум во мозокот, директно во центарот за говор, од твоите многу паметни текстови, па не можам поради молкот да те отерам у п.м.“ Се разбира, следуваше општо смеење. Во тоа немаше злоба, туку еден оправдан цинизам на Славе кој не беше навредлив.

Гледано од денешен агол, тоа беше едно време кога со потсмев гледавме на политичарите и на нивните провидни манипулации во предизборните битки за освојување на власта со спасување на Македонија од внатрешни и надворешни непријатели и со ветувања за изградба на демократско и просперитетно општество, висок стандард и рајски градини. Но, сѐ уште бевме прилично далеку од подоцнежниот суров пропагандизам, кој експлодира со наезда на лажни вести и информации кои предизвикаа груба партизација прво на медиумите, а потоа на трагични делби на целото општество. За во период од една цела ера да стасаме до дереџе кога политиката на своето куче му даде име „демократија“, па заедно шетаат политиката и слободата, ама нашата демократија со фабричка грешка го држеше цврсто кучето на ремен кој се истегнува онолку колку ќе му дозволи газдата.

Басната на Конески за мачките и глувците

Повеќе години пред тоа, поточно деновите по прогласување на независноста на Македонија, Блаже Конески тоа го навести со приказната за мачките и глувците. Рече: „Мачките одлучиле веќе да не ги јадат глувците. Од голема радост глувците почнале да играат оро. Арно ама, еден постар глушец им рекол: 'Играјте оро, но гледајте накај дупките'. Така и вие новинарите, радувајте се на слободата, ама немојте да заборавите дека мачките јадат глувци. Гледајте накај дупките.“ Ова басна Конески ја кажа како шега на мојата голема возбуда и радост од големите промени што брзо ќе ги донесе демократијата. За жал, оваа шега стана тажна вистина.

Ерол РизаовФотографија: privat

Добрата страна на нашата формална демократија и слобода, како што вели познатиот филозоф Славој Жижек, беше што целиот тој бербатлак исплива на површина и убаво се препознаваше што е чисто, а што валкано. Се гледаа јасно валканиците, почитуван господине Жижек, ама намножените пропагандисти почнаа да истураат врз нив изобилие шеќер за да се голтаат како Захер-торта.

Веќе тешко се разликуваше вистината, од манипулациите. А, и кога ќе се откријат лагите, тоа не е толку привлечно како возбудата од обелоденувањето и јавното жигосување на предавниците и непријателите, оти ако нема измислени предавници и непријатели, нема ни победа на изборите.

Сите станаа новинари

Новинарски подвиг стана ударниот пласман на бројните заговори на сиот свет кон нашата Татковина. Така стасавме на срамните места на светските ранг листи за нашата голема слобода и демократија, барабар со режимите и диктатурите. Се случи најстрашното - толку ја бомбардиравме јавноста со предавствата и распродажбата на националните посебности и идентитети, што се смени перцепцијата што е добро, а што лошо новинарство, дотаму да не се препознава што е вистина, а што лага.

Сите станаа новинари, аналитичари и експерти. Потребни се само неколку клика на мобилниот, напиши што ти душа сака, оцрни кого сакаш и ете ти слава преку ноќ и веднаш замолница од повеќе страни својата генијалност да ја истресеш и на тв-екраните. Што повеќе омраза и глупости, толку поголема гледаност и читаност.

Деновиве, кога се обзнани ранг листата на светската медумска асоцијација Репортери без граници, каде Македонија е сместена на чудесното 36 место во светот од 177 земји и прва во целиот регион - пред Црна Гора (40) Словенија (42), Хрватска (48), Косово(75) Босна и Херцеговина (81), Србија (98), Албанија (99) - прво што помислив е дека е во прашање некоја грешка. Не е можно толку да сме се искачиле, дури и пред двете членки на ЕУ, Словенија и Хрватска, а сме ги надминале и некои држави за кои бев убеден дека се подемократски. Скокот е импозантен - во 2016 година сме биле на 118 место заедно со најцрните режими, а сега 36 - ти.

Внимателното читање на образложението за чудо кажува дека не е грешка бидејќи строгите критериуми на Репортери без граници ги одредуваат оценките во голема мерка тргнувајќи од фактот дека новинарите во Македонија не работат во непријателско опкружување.

Втората значајна работа е што речиси сите медиуми, речиси без исклучок, телевизиите со национална фреквенција, вклучувајќи го и јавниот сервис МРТ, влијателните портали, имаат критички однос кон злоупотребите на власта и центрите на моќ. Жестоки и оправдани се критиките кон институциите на системот, особено за неефикасноста на правосудниот систем и неказнивоста на организираниот криминал, високата корупција и нефункционалноста на владеење на правото.

Сето тоа предизвика висок скок на медиумските слободи во Македонија. Но, она што ја снеубавува сликата на македонското новинарство е силниот наплив во медиумите на пропагандизмот, на лажните вести, дезинфирмациите и манипулациите, на ниската професионалност, што сѐ заедно предизвика опаѓање на довербата во медиумите. Економската положба на медиумите и ниските примања на новинарите ги држи редакциите во постојана неизвесност. Особено е загрозен опстанокот на независните медиуми.

Без економска независност нема слободни медиуми

Новинарските здруженија ја одбиваат помошта од државата за да го спречат влијанието од власта, што е погрешен избор бирајќи ја најлесната одлука да нема финансиска поддршка. Намето да се одредат транспаретно критериумите кои ќе го спречат протекционизмот и ќе овозможат неопходна помош за опстанок и непречено работење на професионалните медиуми, таа се ограничува. Тоа е добредојдено за медиумските фабрики кои произведуваат лажни вести и омраза, бидејќи таму стасуваат пари по други тајни канали, најчесто од странство. Тоа го отвора просторот и за груба комерцијализација и влијание врз новинарството.

Партиите си прогласија свои критериуми за големи пари од буџетот за нивно финансирање и за тоа брзо постигнаа согласност - колку гласови, толку пари. Велат, демократијата е сакапа работа. Кога партиите земаат пари од буџетот, тоа е демократија, а кога медиумите добиваат финансиска поддршка од истиот буџет, тоа е влијание и ограничување на слободата. Независните медиуми, кои треба да бидат најзначајниот предуслов за развој на демократските процеси, преку своите здруженија одбиваат да добијат цркавица од буџетот. Но, затоа парите од партиските кампањи, рекламни и пропагандистички текстови стануваат добредојдени. Тоа само ја потврдува вистината дека без економска независност нема ни медиумска самостојност.

Насоката по која се движиме многу бргу ќе нѐ врати на старите позиции на светските ранг листи за медиумски слободи. Лагите, дезинформациите, манипулациите, јазикот на омраза, непрофесионалноста, финансиската зависност, ниските новинарски примања, навестуваат враќање на авторитарни власти и режими кои во медиумските слободи и независност гледаат анархија која треба да се санкционира. Дали ова ве потсетува на нешто што сме го виделе кога се гаснеа најдобрите и најпрофесионални македонски медиуми? Ако не, тогаш ништо.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми