1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција: Сите зборуваат за неа, а никој не ја гледа

24 март 2023

Листата на санкции на САД не е замена за домашната битка против корупција. Алтернатива подготви амандман кој предвидува да не застаруваат кривични дела на избрани и именувани функционери.

Една од главните болки на македонското општество- корупцијата
Една од главните болки на македонското општество- корупцијатаФотографија: Imago/blickwinkel

Корупцијата - една од главните болки на македонското општество, нејзиното ширење и доцнењето на судските постапки во случаи од висок профил, по извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година - резултираше со нови, силни ветувања за битка против корупцијата. Такви ветувања имаше и досега, но недостигаат повидливи резултати во пракса.

Опозициската Алтернатива вчера соопшти дека подготвила предлог текст за уставен амандман, со кој се предвидува никогаш да не застаруваат кривичните дела извршени од страна на избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт.

„Со овој Амaндман се дополнува членот 52 од Уставот на Република Македонија. Овој амaндман ќе биде ст.5, ќе следи по ст.4 кој предвидува дека: ‘законите и другите прописи не можат да имат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните’. Предложениот амандман ќе биде основа и ќе отвори можност со измени и дополнување со нов член 112-а во КЗ да се предвиди одредба, со која, евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела против службената должност, никогаш да не застаруваат. Ова подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот впишан на трети лица“, посочија од партијата.

Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент се посочува на сериозна владина корупција во РСМФотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Предлог текстот бил подготвен во широка консултација со правни тимови на Алтернатива, користејќи компаративна пракса, и сега оттаму повикуваат на широка јавна дебата со уставни експерти и партии.

Гаши: Ќе се бориме за тој уставен амандман

Праксата на одолговлекување на судски процеси заради застарување на предметите, на многу протагонисти им обезбеди неказнивост, што пак резултира со обесхрабрување на коруптивни активности.

„Ни треба нешто големо за да ја спречиме корупцијата. Таа е еден од најголемите проблеми, особено политичката корупција. Ќе се бориме за тој уставен амандман“, најави вчера лидерот на Алтернатива Африм Гаши, кој прифаќањето на ваквиот амандман претходно го најави како услов за поддршка на уставните измени.

„Ги ставаме во корелација, за да се сфати важноста на процесот за кој ние се бориме. Со тоа што ние го врзуваме овој услов за гласање на уставните измени, само покажуваме колку е битно за нас овој уставен амандман да биде прифатен од сите страни. Не знам кој ќе биде епилогот, ќе седнеме, ќе се договараме... Алтернатива во никој случај нема да биде пречка за европските интеграции. Ако има разбирање, ако има слух за нашето барање, и ние ќе бидеме конструктивни. Ако некој мисли дека Алтернатива не е битна во државата, тогаш сигурно нема да и требаат и нашите гласови за уставни промени“, рече Гаши на ТВ 24.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гапи најавува борба против политичката корупција со уставен амандманФотографија: Petr Stojanovski /DW

Првично имало позитивни сигнали за овој предлог и кај власта и кај опзозицијата, но тоа според Гаши, ќе мора тоа да го покажат на дело.

„За нас ќе биде битно да се види која партија се заглага против таа политичка корупција“, рече тој, потенцирајќи и дека овој предлог е многу европски.

Прашан - дали ќе ги поддржат уставните измени, ако не им биде прифатен амандманот, тој изрази оптимизам.

„Ќе поддржиме уставни измени заедно со амндманот. Ќе биде тоа одлично за сите граѓани и за државата“, порача Гаши.

Товарот на битката - кај домашните институции

Поради изгубената доверба дека битката против корупцијата ќе се води на ефикасен, неселективен и непристрасен начин, сѐ почесто се акцентира прашањето - кога ќе биде објавена „црната листа“ на САД. Со неа во истрагите на американските власти вообичаено се опфатени политичари, лица од правосудството и бизнисмени. Заради вмешаност во коруптивни активности, лани на 11-ти април американскиот Стејт Департмент ги вклучи на листата на санкции поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, заедно со нивните потесни семејства.

Дека наскоро листата ќе биде збогатена, стана извесно кога лани во декември американската амбасадорка во РСМ, Анџела Агелер, објави дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во Скопје „за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери“.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша Агелер на Твитер. 

Во РСМ мора да се покаже дека никој не е над законот, порача амбасадорката на САД во земјата, Анџела АгелерФотографија: Reg. Nordmazedonien

Вчера, како и претходно во повеќе наврати, Агелер нагласи САД можат само да наметнат одреден вид на санкции за лицата за кои истрагите ќе покажат дека се поврзани со корупција, а какви мерки ќе се преземат против нив во земјава, зависи од институциите во РСМ.

„САД може да санкционираат поединци, но ние не ги апсиме, не доаѓаме овде да ги апсиме. Само им кажуваме дека им наметнуваме одредени финансиски санкции или дека повеќе нема да можат да патуваат кон САД, или каква било форма на санкции што ќе ги добијат. САД може да кажат, еве имате две имиња на луѓе кои ќе ги санкционираме и како што видовме со случаите што ги наведовте, санкциите остануваат и покрај судските одлуки што се донесени за тие лица, но не поттикнуваат никакви судски процеси овде. Ова и припаѓа на Владата на Северна Македонија, на функционерите избрани од граѓаните на оваа земја. Тие треба да кажат - бараме од нашите избраници да преземат одговорност за корупцијата што ја гледаме секој ден“, рече Агелер во интервју за ТВ Аласт.

Амбасадорката неодамна изјави дека во наредниот период ќе има едно или две лица што ќе се најдат на листата на санкции.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми