1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и општина Тетово во битка за крстот на Попова Шапка

ДТЗ
26 декември 2023

Општина Тетово изготви решение за уривање, но црквата најавува жалба. Од МПЦ најавуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми за да го спречат уривањето на верското обележје.

крст
Од МПЦ најавуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми за да го спречат уривањето на верското обележје.Фотографија: AP

Општина Тетово не отстапува од најавите дека ќе го отстранува крстот којшто беше поставен на црковен имот на Попова Шапка. Од Тетовско-гостиварска епархија информираа дека го добиле решението за уривање на крстот и најавија жалба.  Од СДСМ побараа од коалицијата БЕСА и ВМРО ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка. Сметаат дека какви било провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните.

Црквата во одбрана на верскиот објект 

Од МПЦ најавуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми за да го спречат уривањето на верското обележје. „МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија, своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

Од црковниот одбор на манастирот „Свети Наум“ на Попова Шапка стојат на ставот дека поставениот крст е урбана опрема и е поставен на приватен имот. 

Биљал Касами не се откажува од идејата за отстранување на крстотФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Над 5.000 решенија за уривање 

Но, раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани, во изјава за медиуми вели дека има решение за отстранување на крстот на Попова Шапка. „За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа“, изјавил Сулејмани.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец. На 18 ноември градоначалникот Биљал Касами изјави дека согласно нов урбанистички план може да се легализираат верските објекти.

„На пролет ќе продолжат инвестициите во викенд населбата ќе се продолжи со отворањето на новиот пат, согласно нов урбанистички план овде ќе имаме еден туристички ресорт каде што ќе доаѓаат туристи од цела Европа и цел свет. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши во кој се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти“, рече тогаш Касами.

Партиите се обвинувааат за раздор и тензии

СДСМ бара од коалицијата БЕСА и ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка.

„Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје (крст) во двор на манастир а не за објект.Второ, затоа што какви било провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните“, порача Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ. 

И потпретседателот на партијата, Стефан Богоев, оценува дека во јавноста има пораст на национализмот и разгорување на меѓуетничките односи од страна на опозициските партии на Албанците. Тој во гостувањето во „Слободен печат“. рече дека опозицијата повторно го игра истото танго како во времето на режимот, но сега актерите се Мицкоски и Касами. Политичарите од, како што вели, условно кажано етничките албански партии кога се во коалиција со СДСМ делуваат за мултиетничност и соживот, а кога се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ги разгоруваат повторно меѓуетничките страсти.

„Сега Мицкоски и Касами ја играат таа политичка игра во која едниот ќе го штити крстот на Шара, другиов со Општината ќе го рушел. Со тоа измислуваат начини повторно да ги разгорат меѓуетничките страсти. Верувам дека во 2024 граѓаните ова ќе го препознаат и нема да го дозволат“, вели Богоев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми