1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстра оданочување - солидарност или популизам

Костадин Делимитов
20 јули 2023

Експертската јавност критикува, власта молчи по најавата на Стопанската комора дека ќе бара уставно преиспитување доколку не се стопира предлог законот за т.н. екстра оданочување.

Данок
Бизнис заедницата реагира дека законското решение ги казнува и дополнително ги оптоварува компаниите кои важат за најголеми плаќачи на даноци и кои го полнат буџетотФотографија: Stockfotos-MG/Zoonar/picture alliance

Повлекување или уставно преиспитување: Бизнис заедницата го проширува фронтот против Предлог-законот за данок на солидарност кој сепак заврши во Собранието на т.н. брза лента, со европско знаменце. Стопанската комора реагира дека законското решение со кое власта планира еднократно да ги оданочи компаниите кои оствариле екстра профит во периодот на кризата не претставува никакво усогласување со директивите и со регулативите на ЕУ, туку напротив, било само злоупотреба на тие регулативи. Бараат постапката да се стопира:

„Предлогот на Владата, Собранието на Република Северна Македонија да го донесе Законот за солидарниот данок во јули 2023 година значи дека тој Закон ќе има ретроактивна важност на завршните сметки на компаниите за 2022 година. Владата и пратениците во Собранието треба да бидат свесни дека тоа е во директна спротивност со член 52 од Уставот кој пропишува дека „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“, па и со други уставни одредби. Доколку и покрај оваа укажување, пратениците го изгласаат Законот во Собранието, тие и Владата ќе бидат директно одговорни за прекршување на Уставот“, реагираат од Стопанската комора.

Казни за успешните и редовни плаќачи

Бизнис заедницата реагира дека законското решение ги казнува и дополнително ги оптоварува компаниите кои важат за најголеми плаќачи на даноци и кои го полнат буџетот. Мерката велат нема смисла во услови кога веќе нема високи цени на енергенси. Иницијативата велат дека е поддржана и од Советот на странски инвеститори, од каде веќе реагирале дека дел од компаниите размислувале своите бизниси да ги лоцираат во соседството, каде немало вакви или слични законски решенија.

Законското решение е оправдано, велат њексперти и ги критикуваат коморите дека застануваат на страната на алчните компанииФотографија: Colourbox

Поддршка на „алчните“

Аргументите на Стопанската комора се конкретни, но за дел од експертите сепак и недоволно издржани. Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт во изјава за Дојче веле смета дека законското решение е оправдано и ги критикува коморите дека застануваат на страната на алчните компании:

„Данокот на солидарност е целосно оправдан, затоа што со него се даночат оние фирми кои минатата година остварија огромни профити како последица на поскапувањата. Поточно, оние фирми кои ја злоупотребија кризата со поскапувањата и ги кренаа своите цени повеќе од што е потребно, остварувајќи на тој начин огромни добивки, во ситуација кога илјадници граѓани паднаа во сиромаштија. Аргументите на стопанските комори се целосно неиздржани, затоа што со овој данок не се даночат успешните и способните, како што викаат тие, туку алчните. Не треба способност, ниту е пак некаков успех, да се кренат цените до небо кога луѓето гладуваат.Тоа е пред сѐ нечовечност, и затоа коморите треба да се засрамат поради тоа што застануваат на страна на овие фирми“, реагира Јовановиќ.

Тој не гледа по кој основ коморите би го оспориле законот пред Уставниот суд, како што тие најавија доколку власта не ја сопре постапката. Тоа што многу често се носат закони со европско знаменце не смета дека е добра пракса, но во конкретниот случај вели дека е оправдано:

„Добро е што Владата се сети да го пушти Законот за данок на солидарност со европско знаменце во Собрание. Иако не е добра пракса да се пуштаат секакви закони со европско знаменце (како што се направи, на пример со законите за Бехтел и Енка), во овој случај знаменцето е оправдано, затоа што данокот е поврзан со Регулативата на Европската комисија 2022/1854 со која што се предвидува воведување на придонес за солидарност, одосно данок на екстра добивка, на ниво на цела ЕУ. Не гледам по која основа би го оспориле законот на Уставен – државата има право да воведува нови давачки, и сосема е легално и легитимно некои давачки да се однесуваат само на некои субјекти, а не на сите. Да имаше нешто спорно од оваа гледна точка, ЕУ немаше да донесе ваква регулатива, и немаше сите земји членки да ја прифатат истата потоа“, укажува Јовановиќ.

Кој и колку ќе плати?

Данокот на солидарност за државната каса треба да обезбеди прилив од околу 76 милиони евра. Даночната стапка е 30 проценти, а се споредува даночната основа од 2022 со оние од 2018, 2019 и 2021, додека 2020 година како исклучително тешка не се зема предвид. Даночниот советник Павел Гацов во изјава за Дојче веле објаснува дека законското решение ќе влијае на добивките на компаниите, но за тековната 2023 година:

„Според предложеното решение, данокот за солидарност ги опфаќа компаниите кои во 2022, односно ако е поповолно за нив, за 2022 и 2021 како просек, оствариле позитивна разлика меѓу даночна основа по намалување и тригодишен просек на оваа даночна основа (во кој не е вклучена кризната 2020 година), зголемена за 20%. При тоа, базичен услов за квалификување како даночен обврзник на овој данок е за 2022 година даночниот обврзник да остварил вкупен приход од најмалку 615 милиони денари. Со Законот е уредено дека данокот ќе ги товари трошоците на работењето на обврзниците за 2023 година, односно истиот нема да паѓа на товар на финанисискиот резултат за 2022 година, туку ќе влијае на намалување на компаниските добивки за 2023 година“, изјави за Дојче веле, Павел Гацов, даночен советник.

Неефикасност

Тоа што власта сепак носи вакво решение според Гацов е своевидна потврда нанеспособноста за справување со сивата економија, која важи за рак рана на македонската економија:

„Сметам дека зголемувањето на даночниот товар е супститут за неефикасната борба против сивата економија во која лежи потенцијал од несобрани јавни давачки, што според последни анализи би овозможило прибирање на околу 450 милиони евра буџетски приходи. Но се разбира, за ова е потребен политички консензус во насока на истиснување на готовината од оптек, ефикасно администрирање од страна на одговорните субјекти, логистика и следење на прометот, и дигитализирање на трансакциите и процесите во прометот, увозот и производството“, коментира Гацов.

Според ВМРО ДПМНЕ, законот е неправда кон оние фирми кои пријавиле приходи од успешна работа во време на кризаФотографија: Colourbox

Критики од опозицијата

Планот на власта го критикува и опозицијата која не дава поддршка на ваквото законско решение во Парламентот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, критикува дека на овој начин не се намалува сивата економија, односно не се казнуваат оние кои не ги почитуваат фискалните обврски кон државата, не плаќаат редовни даноци, туку ги кријат и создаваат сива економија. Според него, законот е неправда кон оние фирми кои пријавиле приходи од успешна работа во време на криза. Нив власта вели сега сака да ги казни и да им наметне дополнителни даноци.

Солидарност или популизам?

Од Владата засега нема ништо конкретно околу барањата на бизнис заедницата. Оттаму велат дека данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани базиран на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност. Идејата е секој да учествува во намирување на јавните расходи согласно своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза.

Сепак она што боде очи е што т.н. данок на екстра профит најверојатно нема да го почувствуваат оние кои што редовно остваруваат најголеми добивки-деловните банки. Од она што е досега објавено како финансиски резултати од работењето на големите банки во државата, ниту една од нив не го исполнува условот, односно формулата според која би биле обврзани да платат екстра-солидарен данок.

Поголем зафат

Ова само ги потврдува дилемите и критиките дека законското решение во суштина нема ништо со солидарноста и не нуди одредби со кои навистина би се оданочиле екстра профитите. Оттука и сугестиите на дел од експертите кои сметаат дека зафатот треба да биде поголем од оној што сега се планира:

„Мојата критика на данокот е дека тој е всушност преблаг. Стапката требаше да биде барем околу 70% од екстра профитот, а не само 30%. Нема апсолутно никаква оправданост некои фирми да си ги зголемуваат добивките за милионски износи, во ситуација кога 99% од населението имаат влошување на животниот стандард. Затоа, легитимно е, и пред сѐ човечно, државата да ја земе скоро целата екстра добивка на фирмите, и потоа истата да им ја даде на сиромашните. Тоа е и мојата втора критика на данокот – што нема гаранции дека овие пари ќе завршат кај сиромашните, и покрај сите ветувања на Владата“, коментира економистот Бранимир Јовановиќ.

Даночните обврзници имаат рок да ја утврдат даночната основа најдоцна до 25 септември, а да го уплатат солидарниот данок во рок од 30 дена, односно до 25 октомври.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми