Black Friday: Обрт само онлајн
26 ноември 2020Прво добрата вест: трговците во Германија годинава најверојатно ќе направат поголем промет на Black Friday(во превод Црн петок, значи ден на попусти главно во продавниците) и на Cyber Monday (сајбер понеделник, ден кога има пред се' онлајн попусти) отколку што тоа беше случај минатата година. Така барем верува Сојузот на германска трговија (ХДЕ), кој се потпира на податоци од истражување на Келнскиот институт за истражување на трговијата.
Лошата вест гласи: трговците кои особено многу страдаат поради корона-рестрикциите, од ова немаат ништо. Во моментов малку заработуваат пред се' продавниците во градските јадра, затоа што многу муштериии остануваат дома поради короната и купуваат онлајн.
„Со голема загриженост гледаме дека претпријатијата кои не се дигитализираа, многу потешко поминуваат во пандемијата од оние кои делуваат и стационарно и онлајн“, вели за ДВ Штефан Тромп од Сојузот на трговија на мало.
40 проценти помал обрт
Според наводи на ХДЕ, трговците на мало во центрите на градовите и во третата недела од ноември направиле една третина помалку обрт од истиот период лани. Минусот кај трговците со облека и чевли бележи дури 40%. Очекуваниот плус во обртот од прометот на Black Friday е возможен само ако онлајн-трговијата забележи натпросечен плус.
„Black Friday во Германија традиционално и' припаѓа на онлајн-трговијата“, вели Тромп. „Во меѓувреме и многу стационарни трговци на своите муштерии им нудат попусти на Black Friday, но најголемиот дел од обртот се одвива онлајн.“
Black Friday во САД е наречен петокот по Денот на благодарноста, кој таму се слави на четвртиот четврток во ноември. Кој ќе земе слободни денови во петок, има продолжен викенд, и тој најчесто се користи - за купување. Уште во 1960-те некои трговски центри на овој ден биле „црни“ од луѓе. Но, дали поимот доаѓа оттука, или едноставно е поврзан со црните бројки (плус во прометот) кои многу од трговците ги бележат тој ден, не е познато.
Маркетинг-поимот Black Friday стана познат во меѓународни рамки дури во новиот милениум, особено благодарение на американски концерни како Епл или Амазон. Во ова време настана и поимот Cyber Monday, кој ветува натамошни попусти во понеделникот по Black Friday.
Оттогаш границите помеѓу одделни шопинг-денови исчезнуваат, па одамна се зборува за Black Week (Црна недела) или Cyber Week (Сајбер недела), а ланецот за електроника Медијамаркт зборува дури и за Black November (Црн ноември).
Трговците не даваат прогнози
Трговците кои ДВ ги праша за очекувањата од претстојниот Black Friday не прогнозираат.Амазон соопшти дека „генерално не објавува прогнози за обрт“, а „нема податоци“ ниту за волуменот на производи кој ќе биде понуден со попуст.
Така е и во синџирот за електроника Медијамаркт/Сатурн. Портпарол на компанијата укажува и дека во „жешката фаза на 'црниот месец'“ и онака се нема многу време за одговарање на прашања од новинарите.
Бројки не дава ниту компанијата Заландо, но сепак соопштува дека Cyber Week заедно со Black Friday се претворила во „важен мотор на порастот“.
Дел од божиќниот бизнис
Истражувачите на пазарот се неединствени околу тоа како муштериите ќе реагираат на понудите. Додека во ХДЕ и маркетинг-агенцијата Гал се очекуваат зголемувања на обртот од 16 до 18 проценти, консултантската куќа Зимон Кухер & партнерите е попретпазлива. Според неа, оваа година на Black-Friday да купуваат планираат помалку муштерии, а и на располагање стојат помалку пари во споредба со лани - 205 евра годинава наспроти 242 евра мината година.
Но, сите се согласуваат дека парите ќе отидат пред се' за онлајн-купување. Тромп додава и дека треба да се има предвид дека Black Friday и Cyber Monday не можат да се третираат одвоено од божиќниот бизнис: „Над 50% од потрошувачите кои ќе купат нешто на Black Friday, тоа го подаруваат на Божик.“
Од божиќниот бизнис годинава ХДЕ очекува плус во бртот од 1,2% во споредба со минатата година. Но, и за оваа добра вест, има ограничување: од тоа нема да профитираат продавниците кои немаат воопшто онлајн-трговија. За нив важи: треба да бидат среќни ако ја преживеат пандемијата.