1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали објавувањето на досието на Ковачевски е кривично дело?

ДТЗ
20 септември 2022

Претседателот на Балканскиот форум за безбедност вели дека откако Северна Македонија стана членка на НАТО, воведени се построги мерки за информациите кои имаат степен на тајност

Димитар Ковачевски премиер Северна Македонија
Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Документ кој „мистериозно“ се појави во јавноста, изваден од военото досие на премиерот Димитар Ковачевски од пред 21 година, предизвика бројни полемики во јавноста. Опозицијата тврди дека станува збор за афера во која е фатен Ковачевски кој „го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска“. Ковачевски, пак, возврати дека „само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал“. Министерството за одбрана најави отворање постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина. Експертите анализираат дали е направено кривично дело и дали има основа со оглед на тоа дека станува збор за документ стар повеќе од две децении. 

Кривично дело 

„Со изнесувањето на документ кој што е со назнака 'строго доверливо' сторено е кривично дело“, вели за ДВ Благоја Марковски, доктор по воено-политички науки, претседател на Балканскиот форум за безбедност, кој беше портпарол на АРМ за време на воената 2001 година. 

Документот во јавноста деновиве на прес-конференција го презентираше Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, поранешен полковник во АРМ, кој се повика на објава на социјалните мрежи. Тој пред новинарите посочи документ, извадок од евиденциска книга на АРМ, од кој се гледа дека „Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска“.

„Според законските одредби, оваа информација е класифицирана како воена тајна - степен строго доверливо. за да се располага со таква информација, мора од Министерството за одбрана да се побара декласифицира информацијата ако е тоа можно. Во спротивно не може да се располага со неа, а особено не да се направи јавна ако тоа не го дозволи МО“, вели Марковски за ДВ. 

Објавувањето на документи од АРМ со назнака 'строго доверливо' е кривично делоФотографија: MIA

Слична информација пристигна и од Министерството за одбрана  кое наведе дека документот кој е објавен од опозициската политичка партија,  првично е заведен со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“. 

„Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина“, посочуваат од МО. Тие ги повикаа политичките партии и поединци во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на одбранбените институции.  

НАТО правила 

Марковски вели дека откако Северна Македонија стана членка на НАТО, воведени се построги мерки во однос на информациите кои имаат некаков степен на тајност. 

„Порано беа воена тајна, доверливо, а сега е строго доверливо, без оглед на тоа за кого се однесува“, вели Марковски. Тој објаснува дека доколку институцијата процени дека информацијата не може да наштети, или пак ако е од јавен државен интерес, тогаш може да донесе одлука за промена на нејзиниот степен на тајност“, дециден е Марковски. 

Согласно Законот за класифицирани информации, „строго доверливо“ е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа, а чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на РСМ. 

Што предвидува законот? 

Дел од аналитичарите сметаат дека нема основа за кривично дело, со оглед на тоа дека станува збор за документ од пред 21 година, при што се повикуваат на неколку одредби кои што ја регулираат оваа проблематика. 

Согласно член 18 од законот за класифицирани информации, создавачот на класифицираната информација означува временски период или настан до кој информацијата не може да биде рекласифицирана или декласифицирана. Временскиот период или настанот не можат да надминат период од десет години, освен ако на информацијата не и е потребна подолготрајна заштита определена со овој или друг закон.

Членот 19, пак, предвидува дека Класифицирана информација со степенот „строго доверливо“ се разгледува и оценува во период не подолг од пет години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата. Членот 20 посочува дека „информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми