1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Блиски Исток: Голема надеж за мир во Газа

Томас Лачан
11 октомври 2025

Израел и Хамас се согласија на прекин на огнот во согласност со мировниот план на американскиот претседател Трамп. Целиот регион воздивна со олеснување, но многу прашања остануваат неодговорени.

Палестинци во Појасот Газа го слават договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас
Радост во Газа поради договорот за прекин на огнот меѓу Израел и ХамасФотографија: Abdel Kareem Hana/AP Photo/picture alliance

Израел и милитантно исламистичкиот Хамас се согласија со првата фаза од мировниот план за Појасот Газа предложен од САД. „Ова значи дека многу наскоро сите заложници ќе бидат ослободени и Израел ќе ги повлече своите трупи на договорена линија, како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата онлајн платформа, Truth Social. Трамп им се заблагодари на сите преговарачи за овој „голем ден“ и овој „историски и невиден настан“.

Прослави на двете страни

Веднаш по објавувањето на договорот, во Појасот Газа дојде до спонтани прослави. Многу луѓе излегоа на улиците, пеејќи и ракоплескајќи, изразувајќи олеснување и надеж дека нападите на израелската армија наскоро би можеле да завршат.

Славје имаше и на таканаречениот „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив. Од почетокот на војната, роднините на оние што беа депортирани во Газа од терористите на Хамас и нивните поддржувачи редовно се собираа тука за да демонстрираат против војната во Газа и за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Сега, исполнувањето на овие барања е на дофат: Израелската влада објави дека првите заложници би можеле да се вратат дома веќе овој викенд. По формалното склучување на договорот, израелската војска започнa со делумно повлекување од Газа. Израелската влада го одобри договорот во петокот наутро (10.10).

Многу прашања остануваат неодговорени

Според американскиот план, во првата фаза треба да замолчи оружјето и преостанатите израелски заложници да бидат разменети за палестински затвореници. Се вели дека во Појасот Газа има уште 48 заложници. Сепак, се стравува дека само околу 20 од нив сѐ уште се живи. За возврат, треба да бидат ослободени околу 2.000 Палестинци, вклучувајќи 250 осудени на доживотен затвор во Израел. Понатаму, по делумното повлекување на израелските трупи, треба брзо да се продолжи со сеопфатно снабдување на луѓето во Појасот Газа.

Значително покритичните прашања се оставени на решавање во втората фаза. Тие вклучуваат разоружување на Хамас, враќање на јавниот ред и обнова на Појасот Газа. Првичните дипломатски чекори во оваа насока се иницирани на конференција во Париз, на која присуствуваше и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.

Можната обнова на крајбрежниот појас, кој е речиси целосно во урнатини, веројатно ќе биде херкуловска задача што може да трае со години или дури и децении. Според бројките на ОН, над 90 проценти од сите згради се уништени или сериозно оштетени - вклучително и бројни болници, училишта и други јавни објекти. Треба да се расчистат повеќе од 50 милиони тони шут. Нејасно е колку мртви се сѐ уште закопани под урнатините. Според официјалните бројки од Министерството за здравство управувано од Хамас, околу 67.000 луѓе се убиени од почетокот на војната во Газа пред две години. Сепак, вистинскиот број би можел да биде многу поголем.

Откако ќе се спроведе договорот за прекин на огнот, што е можно поскоро треба да се започне со сеопфатна хуманитарна помош за цивилното население во ГазаФотографија: Doaa Albaz/Middle East Images/AFP/Getty Images

Исто така, сè уште е нејасно кога ќе се преземат следните чекори и кој на крајот ќе управува со Појасот Газа по завршувањето на војната. Во првата преодна фаза, меѓународен комитет предводен од американскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот британски премиер Тони Блер треба да координира преодна влада составена од технократи.

Хамас изразува загриженост

Хамас изјави дека ќе ја отстапи власта само на технократска влада под надзор на Палестинската самоуправа и поддржана од арапските и муслиманските земји. Тој отфрла влада во Појасот Газа контролирана од претставници на западните држави.

Понатаму, Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од страна на ЕУ, САД и други држави, досега одбива да преговара за разоружување. Наместо тоа, го повика американскиот претседател Трамп да се погрижи Израел целосно да го спроведе предвидениот прекин на огнот. Во меѓувреме, и покрај генералното израелски одобрување на договорот, израелската војска ги предупреди жителите на Газа да не се враќаат во своите домови премногу брзо. Некои области, како што се вели, се и натаму „опасни борбени зони“. Според воени извори, особено престојот во градот Газа, каде што до неодамна беснееше голема израелска офанзива, останува „исклучително опасен“.

Според некои проценки, во газа има најмалку 50 милиони тони урнатини и шутФотографија: Jehad Shelbak/REUTERS

„Гробишта за политичкиот оптимизам“?

Значи, до постигнувањето конечен мировен договор треба да се надминат големи пречки. „Мировниот план на Трамп од 20 точки е полн со мински полиња“, предупредува Фаваз Џерџес, експерт за Блискиот Исток на Лондонската школа за економија. Во интервју за ДВ, тој изрази сериозни сомнежи дека Хамас навистина ќе си дозволи да биде разоружан и дека Израел навистина ќе ги повлече сите свои трупи од Газа. Сè уште има многу работи што би можеле да бидат причина за пропаѓање на планот.

„Блискиот Исток во минатото постојано беше гробишта за политичкиот оптимизам“, заклучува Џерџес. „Клучното прашање за мене е дали претседателот Трамп ќе го задржи вниманието за да продолжи со посветеност дури и по завршувањето на првата фаза од планот - размена на заложници за палестински затвореници“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми